Свет
САД може да го обвинат Асанж за шпионажа
Американските власти може да поднесат обвинение за шпионажа за основачот на Wikileaks Џулијан Асанж во врска со објавувањето на класифицираните документи од архивите на американските министерства и безбедносни агенции,
Ова го изјави во петокот неговиот адвокат Џенифер Робинсон.„Нашиот став е јасен – ние не веруваме дека тоа (обвинение за шпионажа) ќе се подигне против Асанж. Во секој случај, тој може да се повика а Првиот амандман (од Уставот на САД) како издавач“, изјавил Робинсон, цитира американската телевизиска мрежа ABC news.„Секое обвинение во рамките на законот за борба против шпионски активности, од моја гледна точка, е спротивно со Уставот и ќе ги загрози сите медиуми во САД“, изјавил адвокатот на 39-годипниот Австралиец, Џилујан Асанж.Американското министерство за правда одбило да даде коментар во врска со можноста за покренување на вакво обвинение против Асанж.Сепак, претходно оваа седмица јавниот обвинител Ерик Холдер, изјави дека објавувањето на тајни документи од страна на Wikileaks е закана за американската безбедност. Тој исто така рече дека тој дал инструкции да започне кривична постапка против основачот на интернет страницата.Големиот скандал околу Wikileaks изби откако кон крајот на ноември кога интернет страницата почна да објавува класифицирани документи на американските дипломати низ светот со многу непријатни забелешки за светските лидери. Како што е наведено на страницата, оваа збирка доверливи документи, која брои околу 250 илјади датотеки, е најголемата досега којашто се појавува во јавноста.Асанж е обвинет од правосудните властите на Шведска за сексуален напад и во вторникот беше уапсен во Лондон по меѓународна потерница. Тој ќе остане во притвор најмалку до 14-ти декември, кога ќе се одржи сослушувањето за да се донесе одлука за негова екстрадиција во Шведска.Портпаролот на Стејт департментот на САД, Филип Кроули за новинарите изјави дека американските правосудни институции спроведуваат истрага за протекување на официјалните документи. Всушност, во истрагата со која раководи Министерството за правда, удел имаат и Управата за дипломатска безбедност, структури на Пентагон и ФБИ, како и експерти од други разузнавачки агенции, но засега нема конкретно обвинетите.Претходно Стејт Департментот објави дека според првичните сознанија, „истекувањето“ на официјалната кореспонденција не се случило од структурите во Стејт департментот, туку од систем на владините комуникации. Сепак, премногу е рано да се каже дека обвинувањето за крадењето информации може да биде покренато лично за Асанж, и покрај тоа што САД тврдат дека нема да бараат негова екстрадиција.„Нашата истрага продолжува, а апсењето е работа на Велика Британија и Шведска … Ние ја истражуваме повредата на американскиот закон: трансферот на 250 илјади официјални документи, при што во владините структури не е осомничен за криминално дејство“, изјави претходно Кроули, одговарајќи на прашањето на странските новинари во Вашингтон за тоа дали САД ќе покренат постапка за екстрадиција на Асанж и негово изведување пред американски суд.Кроули исто така ги отфрли шпекулациите дека САД може да обезбедат, или претходно веќе им дале на властите во Велика Британија некои информации кои може да се користат во судскиот процес против Асанж.„Ова прашање се наожа во рацете на британските власти, кои постапуваат по налог и барање за екстрадиција на Шведска“, вели Кроули.Според портпаролот на Стејт департментот, реакцијата на САД на објавувањето на материјалите на Wikileaks и прогонот од страна на Шведска на основачот на фамозната интернет страница немаат никаква меѓусебна поврзаност и немаат ништо заедничко со напад врз слободата на медиумите, бидејќи Асанж не е новинар.„Ништо од ова што се случи, не го промени нашиот поглед на значењето на слободата на медиумите, дури и ако има некои вакви притисоци ние со тоа не се согласуваме. Не е променето нашето мислење дека силните медиуми се од витално значење за демократијата и градењето на граѓанското општество во која и да е земја, каде и да е во светот. Но клучниот факт тука е што г-дин Асанж не е новинар. Тој е анархист, и не можат да ужива заштита како новинар“, заклучи Кроули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украинскиот тим оди во САД за да разговара за безбедносните гаранции
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинската делегација е на пат кон Соединетите Американски Држави за да разговара за безбедносните гаранции и пакет мерки за зајакнување на напредокот на земјата.
Во исто време, тој изрази надеж дека документите за овие прашања би можеле да бидат потпишани на маргините на Светскиот економски форум во Давос следната недела, објави Ројтерс.
На прес-конференција во Киев, Зеленски, исто така, рече дека украинската делегација се надева дека ќе добие појаснувања од САД за ставот на Русија кон дипломатските напори поддржани од Америка за завршување на војната.
Во понеделникот, најавувајќи го состанокот, Зеленски рече дека го слушнал деталниот извештај на преговарачкиот тим за контактите со американската страна и наредил документот за безбедносните гаранции за Украина да се финализира.
Според него, украинската делегација дефинирала јасен план за дејствување за следните 14 дена, што вклучува подготовка на документи и подготовка за нивно евентуално потпишување, а текстот „достигнува ниво што ќе обезбеди стратешка одбрана на земјата“, пренесува Танјуг.
Свет
Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот
Украинското раководство е подготвено да направи низа исклучително тешки компромиси со цел да се стави крај на долготрајниот вооружен конфликт, изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, за време на неговата посета на Киев.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Павел изјави дека украинската страна веќе вложила огромен напор, условите за евентуален мировен договор да бидат прифатливи за сите вклучени актери. Иако не даде конкретни детали, чешкиот претседател нагласи дека станува збор за „болни отстапки“ што подразбираат значителни жртви за Украина.
„Верувам дека постојат неколку болни отстапки што Украина мора да ги направи и е подготвена да ги направи, под услов тоа да води кон мир“, рече Павел.
Тој додаде дека е потребно сите дипломатски напори на европските земји да бидат координирани со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека без унифициран настап на сојузниците, не може да има одржливо решение.
„Украина направи многу за да се осигури дека предложеното решение е прифатливо“, нагласи Павел, додавајќи дека дипломатијата и способноста на Западот да дејствува како обединет фронт остануваат одлучувачки фактори во наредниот период.
Порано на истиот брифинг, Зеленски призна дека постојат сериозни несогласувања со Белата куќа во врска со нацрт-мировниот договор, наведувајќи дека интересите на страните „не се на иста страна“.
Во пресрет на посетата, украинските медиуми истакнаа дека еден од клучните проблеми е тоа што Вашингтон продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите трупи од Донбас, како и дека одбива да им даде безбедносни гаранции на европските трупи во случај на нивно евентуално распоредување на територијата на Украина.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до Трамп: Кој и да го прекрши меѓународното право, не влегува во историјата како миротворец
Присилната анексија на Гренланд би била „стратешки неразумна“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за NDR, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал сериозна штета на безбедносната архитектура на Западот.
Писториус нагласи дека, ако Доналд Трамп е навистина загрижен за безбедноста на Арктикот, порационален пат води преку соработка со сојузниците на НАТО, првенствено со европските партнери.
„Ако Трамп ги убеди Гренланд и Данска да тргнат по мирен пат, тоа е прашање меѓу вклучените земји. Но, ако дојде до насилна анексија, тогаш две работи се јасни: Доналд Трамп дефинитивно нема да влезе во историјата како миротворец“, рече Писториус.
Тој додаде дека од стратешка гледна точка би било „крајно неразумно“ да се остави НАТО на неговата судбина, изразувајќи надеж дека „здравиот разум ќе преовлада“ во американската политика.
На 5 јануари 2026 година, американскиот претседател јавно ги објави плановите за анексија на Гренланд, на што остро се спротивставија данските власти и самата територија. На состанокот на претставниците на САД, Гренланд и Данска, одржан на 14 јануари, не беше постигнат компромис, но беше договорено да се формира работна група за да се разгледа ова прашање.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон го објави почетокот на заедничките вежби на НАТО во Гренланд на 15 јануари, потсетуваат медиумите. Писториус истакна дека извидувачката мисија на Алијансата е поврзана со сè поинтензивното користење на Гренланд од страна на Русија за воени цели.

