Македонија
Канадери го гасат пожарот во Битола – тројца пожарникари хоспитализирани
Ридот над Битола гори веќе втор ден, екипите на противпожарната единица во целокупен состав се на терен како и вработените од претпријатијата кои го сочинуваат кризниот штаб.
Ридот над Битола гори веќе втор ден, екипите на противпожарната единица во целокупен состав се на терен како и вработените од претпријатијата кои го сочинуваат кризниот штаб.
„Се случи што се случи некаде околу 10.30 изби ветер кој жарчињата ги префрли и се активира пожарот повторно“ вели Костадин Поповски командир на ТППЕ.
Теренската работа не се покажала успешна, па на помош се повикани државните канадери од воздух да ја стават ситуацијата под контрола.
„Градоначалникот повика од прво два, па по контрола на самите пилоти повикан е уште еден канадер и се надевам дека ќе биде ставен пожарот под контрола. Вода се зема од Преспанско езеро се надлетува на секои 20 минути и ќе биде така се до вечерните часови“ вели Димче Јошевски од Дирекција за заштита и спасување.
Кризниот штаб доцна синоќа се состанал за да се преземат мерки.
„Повикавме на помош два канадери веќе се на терен и се надевам дека ќе биде денеска локализиран. По првите анализи од вчера се работи за човечки фактор предизвикувач на овој пожар.“- вели Владимир Талески градоначалник на Битола.
Пожарот е активен од вчера околу 15.30 минути на истото место како пред четири години кога имаше опасност и населбите да бидат фатени од пламените јазици, односно потегот од бензинската Лукоил до Тунелот, по што е веднаш интервенирано.
„Заради тоа се испратени три возила со околу 12 пожарникари и до 22 часот беше вклучен целиот персонал и вработените на претпријатијата од кризниот штаб.“- вели Костадин Поповски
„Од вчера штом излегоа на терен пожарникарите во 22 часот е свикан кризниот штаб и од утринава се преземаат предложените мерки.“- вели Талески
Причина за активирање на пожарот е ветерот. „Изгорена е некаде од 30-40 хектари површина претежно трева и малку бор, но и јас потврдувам пожарот е подметнат.“- вели Митко Стојановски од ЈП „Македонски шуми“ Битола.
„Македонски шуми“ во моментов има околу 40 лица на терен, но сепак подметнувачот не е забележан.
„Ние имаме постојано контроли на терен дури и места за набљудување, но теренот е голем, па не може да се има целосна контрола.“- вели Стојановски
Канадерите сè уште ја водат битката со огнот на Билбил камен, а вклучени се и пожарникарите на терен со цел спречување пламенот да зафати и други делови, како и да не се спушти кон бензинската пумпа која е преку магистралниот пат М5./крај/тера/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

