Македонија
Спасени двајца илегалци заглавени во снег

Во хеликоптерска потрага на македонската полиција, спасени се двајца млади албански државјани кои биле заглавени на планината Кораб на која во моментов има над два метри снег, соопштија полициски извори
Шабан Елези (23) и Моиси Селами (20) од албанското село Томини вчера нелегално ја минале границата и останале заглавени на планината Кораб заради големиот снег.Илегалците ги контактирале своите родители за состојбата во која се наоѓаат, а тие веднаш реагирале кај албанските власти кои побарале интервенција на Македонската гранична полиција.Илегалците во тешка здравствена состојба биле пронајдени утринава и веднаш биле префрлени во Дебарската болница, откако македонската полиција трагала по нив и синоќа, но не успеала да ги пронајде.Според изјавите на хирургот Фитим Алили и анестезиологот Мунире Думани, на момчињата им е дадена терапија и будно се следи нивната состојба со постојани додатни терапии.Илегалците биле донесени во состојба на полузамрзнатост, но лекарите сметаат дека нивната состојба се подобрува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Тошковски: До сега полицијата не постапуваше по заканите, сега се заканува, што е следно

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вели дека полицискиот службеник Синан Алили ѝ упатил закани на социјалните мрежи.
Во објава на својот Фејсбук профил, Арсовска напиша дека по нејзино прашање дали се работи за закана или ѝ се причинило, Алили го избришал коментарот.
„Синан Алили кога го прашав дали ми се заканува или така ми се чини инстант го избриша коментарот. Сигурно од Министерство за внатрешни работи и Панче Тошковски се исклучително горди на овој свој полицаец.
И сега да прашам, ми препорачува Синан да бидам добра и глас да не ми се слуша. А ако според него не сум и не молчам тогаш што“, прашува Арсовска во напишаното.
Дополнително упатува и прашање до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Овие кадри треба да ни ја гарантираат безбедноста Панче? До сега полицијата не постапуваше по заканите, сега полиција се заканува, што е следно?
Да, жена сум и не ви се плашам, ама дека не постапувате и штитите криминалци кои со фалсификат документи имаат стекнато над 150 згради вредни милиони, гледа народ, пишува Арсовска.
Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.