Македонија
Претседателот Иванов на Самитот на НАТО во Лисабон

Претседателот Ѓорге Иванов, со министрите за надворешни работи и за одбрана Антонио Милошоски и Зоран Коњановски, во петок и сабота ќе учествуваат на НАТО Самитот во Лисабон, на кој Македонија е поканета како земја-придонесувач во мисијата ИСАФ во Авганистан и како земја-кандидат за членство во НАТО
Делегацијата предводена од претседателот Ѓорге Иванов ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади за земјите – придонесувачи во мисијата на НАТО во Авганистан, на кој ќе се расправа за заложбите на НАТО сојузниците и партнерите за обезбедување дополнителни ресурси за потребите на мисијата ИСАФ, транзицијата на безбедносните овластувања на авганистанските власти и градењето долгорочно стратешко партнерство меѓу НАТО и авганистанската Влада.Како што е најавено од кабиентот на претседателот, на состанокот на кој како воведничари се очекува да бидат претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј, на ЕК Жозе Мануел Баросо и на Светската банка, Роберт Зелик, ќе се обрати шефот на македонската држава Иванов.Покрај тоа, најавено е и учесниците во ИСАФ мисијата да усвојат Декларација за Авганистан која ќе го нотира постигнатиот напредок и идните ангажмани.За време на Самитот, во рамки на претседавањето на Република Македонија со Јадранската повелба, ќе биде оддржана и средба на шефовите на делегациите на А5 земјите – Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.Лидерите на 28 земји треба да го утврдат и новиот стратешки концепт за идните десет години, во кој треба да се инвестира околу 200 милиони евра. Антиракетниот штит во Европа, соработката на НАТО и Русија и натамошното ангажирање на странските трупи во Авганистан ќе бидат во фокусот на дискусиите на врвот на Алијансата во Лисабон. Македонија иако ги испони сите услови не доби покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт во април 2008 година поради ветото од Грција. Лидерите на Алијансата на состанокот на Северноатланскиот совет се согласија покана да и биде упатена штом се реши прашањето за името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.