Свет
Светска банка: ЕСМ да не се продава во еден пакет
Владата може да се откаже од продажба и од издавање под концесија на хидроелектричните централи (ХЕЦ), но не под притисок на домашната стручна јавност, туку по препорака на Светската банка, тврдат владини извори.
Мирче Котевски
Владата може да се откаже од продажба и од издавање под концесија на хидроелектричните централи (ХЕЦ), но не под притисок на домашната стручна јавност, туку по препорака на Светската банка, тврдат владини извори. Во писмото што Банката, пред две недели, го испратила до премиерот Бучковски, министерот за економија Фатмир Бесими и до министерот за финансии Никола Поповски, неофицијално, сугестиите биле Владата да се откаже од продажбата на управувачкиот пакет на „Електростопанство на Македонија“ на една компанија, производството на струја да остане под државна капа (ХЕЦ, термоелектричните централи), а приватизацијата да почне од дистрибуцијата, која би им се понудила на продажба, дел по дел, на повеќе заинтересирани фирми.
Според извори што го прочитале писмото, Светската банка препорачува пред приватизацијата најпрвин да се донесе потребната законска регулатива, па да се провери како ЕСМ и операторот со пренос на струја МЕПСО би функционирале на пазарот на електрична енергија. Според препораките, откако ќе се примени законската регулатива, Владата би можела да размислува за продажба на термоелектричните централи.
Од Светската банка во Скопје уште пред две недели потврдија дека деновиве испратиле писмо до Владата во врска со приватизацијата на ЕСМ, но не открија детали.
„Време“ објави дека мисијата имала забелешки токму за начинот на користење на водните ресурси откако најскапата домашна компанија ќе ја преземе стратегиски инвеститор. Според тие сознанија, Светската банка имала забелешки за законот за управување води, кој во иднина треба да биде основа според која ќе се регулира и работењето со хидроелектричните централи.
Во Владата официјално не ја откриваат содржината на писмото од Светската банка.
Издавањето под концесија за петгодишно користење, според експертите, не е доволна гаранција дека новиот инвеститор добро ќе ги управува ХЕЦ.
Домашните експерти веќе четири месеци жестоко се спротивставуваат на продажба на контролниот пакет на еден инвеститор. Според нив, тоа ќе создаде приватен монопол што без мерка ќе ја поскапува струјата и ќе може да ги отпушта вработените во компанијата. Владата ќе реши дали ќе го измени моделот за приватизација на ЕСМ на посебна седница веднаш по велигденските празници.
Се собираат потписи
Здружението на граѓани „Ден“ в среда ќе почне акција за собирање потписи против продажбата на ЕСМ на градскиот плоштад во Скопје.
Ова здружение, кое се спротивставува на приватизацијата на компанијата, ги повика и другите невладини организации масовно да ја поддржат акцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека ќе разговара со Маск за враќање на интернетот во Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека планира да разговара со милијардерот Илон Маск за враќање на интернетот во Иран, каде што властите го прекинаа интернетот поради антивладините протести.
„Тој е многу добар во тоа, има многу добра компанија“, им рече Трамп на новинарите кога го прашаа дали би ја ангажирал компанијата на Маск, SpaceX, која нуди сателитска интернет услуга наречена Starlink.
Откако милијардерот помогна во финансирањето на успешната претседателска кампања на Трамп, а подоцна иницираше големи намалувања на буџетот за федералната влада, пријателскиот пар се скара минатата година кога Маск се спротивстави на клучниот закон за даноци на Трамп.
Но, се чини дека ги поправија своите врски, вечерајќи заедно во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп овој месец.
Свет
Трамп: Иран нè контактираше за преговори
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека Иран побарал да започне разговори со САД, додека земјата се справува со масовни протести во кои загинаа стотици луѓе.
Во разговор со новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, Трамп рече дека иранските лидери го контактирале претходниот ден „за да разговараат“. Додаде дека може да се договори состанок со иранските претставници. Иако не ја исклучи можноста за преговори, Трамп предупреди дека Вашингтон може да биде принуден да дејствува дури и пред евентуален состанок, со оглед на континуираните протести во Иран.
„Мислам дека се уморни од тоа што САД ги тепаат“, рече Трамп, очигледно мислејќи на израелските напади врз нуклеарната програма на Иран минатата година, во кои учествуваа и американските сили. Трамп не прецизираше кои теми ќе бидат дискутирани. Минатата година, Техеран одржа индиректни разговори со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, за спорната нуклеарна програма.
Трамп повеќе пати го предупредуваше Техеран за неговото насилно задушување на протестите, велејќи дека САД ќе „реагираат силно“ ако властите „почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото“.
Според американската организација Human Rights Activists News Agency, најмалку 544 лица се убиени во масовните протести во Иран во текот на изминатите 15 дена.
Свет
Иранската револуционерна гарда му се закани на Трамп
Иранската револуционерна гарда јавно му се закани на Доналд Трамп поради неговото споменување на потенцијална американска воена акција против владата во Техеран.
Во соопштението објавено од полуофицијалната новинска агенција Тасним, гардата рече дека сегашните протести во Иран се „продолжение на 12-дневната војна“, алудирајќи на конфликтот меѓу Иран и Израел во јуни минатата година. Го опиша американскиот претседател како „кловн и криминалец“ кој „поддржува репродукција на насилство и модерен тероризам во Иран“.
„Наместо да одговори на светското јавно мислење за неговите злобни ставови и очигледно мешање во внатрешните работи на нашата земја, со цел да избегне одговорност и да ја плати цената за овие злосторства во крв, тој го навреди благородниот и херојски ирански народ со својот наводно достоинствен јазик и западна култура. Тој треба да очекува остар одговор од овој лукав, отпорен и непријателски народ“, се вели во соопштението.
Бројот на жртви во антивладините протести во Иран продолжува да расте. Според податоците на американската организација Human Rights Activists News Agency, досега се убиени 538 лица. Меѓу загинатите се 490 демонстранти и 48 припадници на иранските безбедносни сили, според нив. Истата организација проценува дека околу 10.000 луѓе се уапсени за време на протестите низ целата земја.

