Македонија
Датумот за Македонија во првите шест месеци од наредната година

Советот на министри на Европската Унија донесе одлука – прашањето за датумот за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, да го разгледува во првото шестмесечје од наредната година
Вака на денешната прес-конференција на Советот на министри на ЕУ беше објаснето во врска со датумот за преговори за Република Македонија. Она што Советот на министри го бара од Македонија е решавање на билатералниот спор со Грција. Во делот за Македонија се нотирала препораката на Европската комисија за преговори за членство на Македонија. За конкретен датум за преговори биле Финска, Унгарија, Шведска, Велика Британија, Полска, Австрија, Словенија, Словачка, Чешка и Италија. Бугарија била со генерална поддршка, но истакнал дека и таа ќе постави свои услови. Франција, Германија и Шпанија не се впуштиле во дискусија, а Грција и Кипар биле против во заклучокот воопшто да се споменува датумот за старт на преговорите. Советот на министри на ЕУ побарал од Македонија засилена борба против корупција и функционално и независно судство. Дискусиите вчеравечер траеле до доцна и биле доста жестоки. Шведското претседателство цело време инсистирало да се вметне некаква временска рамка за Македонија. И покрај грчкото противење, Швеѓаните успеале да ја вметнат таа временска рамка, иако не успеале таа временска рамка да биде март 2010. Во секој случај министрите ќе се навратат на Македонија помеѓу јануари и јуни 2010. Неофицијално се очекува тоа сепак да биде во март 2010, кога ќе биде организиран неформален совет на министри, посветен токму на регионот од Западниот Балкан. Дотогаш од Македонија и од Грција министрите на ЕУ очекуваат решавање на спорот за името или барем некаков значаен напредок во тој правец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога ДУИ не може да краде, почнува со врескање и криење зад етничкото знаме

Во соопштение до јавноста, ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на настапите на ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека секогаш кога се соочува со одговорност за криминал и корупција, се крие зад етнички теми и меѓуетнички односи.
„Ова е старата и одамна потрошена матрица на Ахмети, Османи и нивните луѓе, секогаш кога им се сече гранката на криминалот и корупцијата, кога повеќе нема тендери и рекет, тогаш наеднаш стануваат ‘заштитници на Албанците’ и ‘бранители на меѓуетничките односи’. Во превод: кога нема пари и функции, тогаш почнуваат да се кријат зад етничкото знаме. Но вистината е јасна, 20 години ја цицаа државата, беа недопирливи и без одговорност. Денес дел од нив бегаат, дел се кријат, а дел се тресат од страв од апсење, затоа што знаат што направиле“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Перински: Ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот

На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, дискутираше министерот за локална самоуправа Златко Перински, се осврна на работата на Владата и нејзината поддршката кон општините со цел да се мотивираат градоначалниците и општинската администрација за креирање на проекти согласно потребите на граѓаните.
-Оваа Влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти коишто ги добивме како инпут од самите локални самоуправи, сакавме да ги мотивираме градоначалниците, да ја мотивираме општинската администрација да креира проекти коишто ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и врз основа на тоа да испорачаме средства од централниот буџет за истите да се реализираат, рече Перински.
Министерот посочи дека во првиот јавен повик има 288 проекти од кои веќе 137 се завршени, а од двата повика се изградени и реконструирани училишта, изградба на патна инфраструктура, како и изградба на градинки, и спортски објекти.
-Во првиот јавен повик имаме 288 проекти којшто се влезени во рамка на финансирање во вториот јавен повик веќе се склучени договори за 828 проекти коишто се ефектуираат на терен, од првиот јавен повик од оние 288 проекти, 137 се завршени, ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот. Од првиот и од вториот јавен повик се изградија и реконструираа 55 училишта за само една година, имаме преку 702 проекти коишто се насочени кон подобрување или изградба на нова патна инфраструктура, имаме градинки, 9 градинки се реконструирани или се изградени, 36 спортски објекти, кога ќе видете дека од 288, 137 проекти се веќе завршени не може да не очекувате или не може да не бидете мотивиран да продолжите понатаму, нагласи Перински.
Македонија
Пратениците се одморија, од утре почнуваат со редовни активности во Собранието

Пратениците од утре официјално почнуваат со работа по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре закажа неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. До петокот на собраниската веб-страна освен брифингот со новинарите, Собранието немаше закажано други активности за следната недела.
Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август кога беше свикана итна седница за Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.
Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите до пред почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.
На последниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани за седници.