Свет
Идејата за банка на органи на интензивна анализа
Идејата да се формира банка на човечки органи во Скопје е на интензивна анализа кај министри, лекари и научници.
ПОЛОЖАНИ МУ ПРЕДЛОЖИ ЛЕК НА ДИМОВ
Идејата да се формира банка на човечки органи во Скопје е на интензивна анализа кај министри, лекари и научници.
На владина седница, министерот за образование Азиз Положани неодамна му предложил на министерот за здравство Владо Димов да ја разгледа таа можност како решение на проблемот со болните на дијализа, дознаваме од високи владини извори.
Димов не бил среќен со сугестијата и одбил понатаму да разговара за тоа. Положани рекол дека тоа е само идеја, дека Димов треба да ја сфати како сугестија од целата Влада и оти нема да му се меша во подготовката на стратегијата за решавање на проблемот со болните на дијализа.
– Далеку од тоа дека сакам да му се мешам на министерот за здравство, но добро е да размисли за таа можност. Треба прво да се отвори јавна расправа за ова прашање, зашто сигурно ќе има реакции, како од научниците така и од верските заедници. Ваква сугестија упатив и до некои академици – вели Положани.
Во Министерството за здравство тврдат дека Димов не го одбил предлогот и почнал да екипира врвни лекари што ќе бидат вклучени во доработка на законската рамка за трансплантација на органи.
– Треба да се донесат подзаконски акти за да се реализира идејата за формирање банка за органи. Затоа формиравме специјална работна група составена од нефролози, кои во наредната недела ќе се произнесат за тоа прашање – вели Димов.
Законот за трансплантација на органи е донесен уште пред 10 години, но се уште не се подготвени подзаконските акти за да почне да се применува трансплантација на органи од починати лица. Во Македонија досега се извршени околу 180 трансплантации на бубрези.
– Ние бевме првиот центар во поранешна СФРЈ кој почна со такви операции. Потоа се случи распадот на државата и прекинавме со трансплантации. Во последните неколку години пресадуваме бубрези кај триесетина пациенти и тоа само од живи донори, најчесто од блиски роднини на пациентите. За повеќе интервенции нема доволно простор – објаснува Живко Попов, шеф на центарот за трансплантација на бубрези и национален координатор за трансплантација на органи и ткива.
Тој вели дека националното координативно тело одамна предлага да се отвори банка за органи во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан до Зеленски: Ми ласкаш, но не можам да ги поддржам твоите воени напори
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија не може да ги поддржи украинските воени напори, иако, како што наведе, ќе продолжи да му помага на украинското население.
„Ми се чини дека нема да можеме да се разбереме. Јас сум слободен човек кој му служи на унгарскиот народ. Ти си човек во очајна ситуација кој веќе четврта година не може или не сака да ја приведе војната кон крај, и покрај фактот дека американскиот претседател обезбеди сè што беше можно за тоа“, му порача Орбан на Зеленски.
Во објава на социјалните мрежи, Орбан напиша:
„Затоа, колку и да ми ласкаш, не можеме да ги поддржиме твоите воени напори. Украинскиот народ, секако, и покрај твоите внимателно одбрани навреди, и понатаму може да смета на тоа дека ќе продолжиме да ја снабдуваме вашата земја со електрична енергија и гориво, како и дека ќе продолжиме да им помагаме на бегалците кои доаѓаат од Украина.“
Пораката ја заврши со зборовите: „Останатото ќе го реши самиот живот и секој ќе го добие она што го заслужува.“
Објавата на Орбан уследи по говорот на Володимир Зеленски на Светски економски форум, каде што украинскиот претседател критикуваше дел од европските сојузници, меѓу кои и Унгарија.
Во својот говор, Зеленски порача дека „силите кои сакаат да ја уништат Европа не губат ниту еден ден“ и дека тие можат да дејствуваат и внатре во Европска унија.
„Мора јасно да се каже: секој Виктор што живее од европските пари, а притоа ги распродава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот. И дури и ако некој се чувствува удобно во Москва, не би смееле да дозволиме европските престолнини да станат мали Москви“, рече Зеленски, алудирајќи на унгарскиот премиер.
Украинскиот претседател во истиот говор го критикуваше и поширокиот европски одговор на руската агресија, оценувајќи дека Европа, наместо единствен настап против Русија и градење вистинска глобална моќ, останува „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“.
Фото: ЕПА
Свет
Tрамп испрати порака до Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата порака до рускиот лидер Владимир Путин е дека војната во Украина мора да заврши, по, како што рече, „добри“ разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос во четвртокот.
Американски и украински претставници веќе со недели интензивно водат шатл-дипломатија, додека Киев се соочува со притисок од Трамп да обезбеди мир во речиси четиригодишната војна, и покрај малите знаци дека Москва сака да ги прекине борбите.
По средбата со украинскиот лидер, која траела околу еден час, Трамп изјави дека разговорот бил „добар“, но не изнесе дополнителни детали за неговата содржина. Во средата, Трамп рече дека договорот е „разумно блиску“.
„Мислам дека средбата со претседателот Зеленски беше добра. Тоа е процес што трае“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека американските пратеници денес патуваат на разговори во Москва. На прашањето каква е неговата порака до Путин, Трамп одговори: „Војната мора да заврши.“
Зеленски претходно оваа недела изјави дека ќе отпатува во Давос само ако може да потпише договори со Трамп за американски безбедносни гаранции и финансирање на повоената обнова на Украина, но по средбата немаше индикации дека е постигнат напредок.
Двајцата лидери се сретнале лице в лице околу шест пати откако Трамп минатата година се врати во Белата куќа и ја смени американската политика кон Украина, прифаќајќи дипломатија со Русија.
Свет
Трамп сака промена на режимот во Куба до крајот на годината
Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да поттикне промена на режимот на Куба до крајот на годината, охрабрена од недамнешното апсење на венецуеланскиот лидер Николас Мадуро, пишува „Волстрит џурнал“. Белата куќа се надева дека преку пронаоѓање сојузници внатре во кубанската власт може да се постигне договор што брзо би довел до смена на раководството на островот, со кој од 2019 година владее Мигел Дијас-Канел.
Американски претставници одржуваат состаноци со кубански емигранти и претставници на граѓанското општество во Мајами и Вашингтон, со цел да идентификуваат можни соработници во кубанскиот систем. Притоа укажуваат дека акцијата во Венецуела на 3 јануари била овозможена од агент од најтесниот круг на Мадуро и дека тоа треба да биде предупредување за Куба.
Трамп изразил намера за повторно воспоставување американска доминација во Латинска Америка, што неговите сојузници го нарекле „Донро доктрина“, алузија на Монроовата доктрина од 1823 година. По апсењето на Мадуро, Трамп ѝ се закани на Куба преку социјалните мрежи, порачувајќи дека „нема да има повеќе нафта и пари“, но САД јавно не се заканиле со воена интервенција.
Куба се соочува со сериозни економски проблеми, недостиг од основни производи, масовно иселување и енергетска криза. Економистите предупредуваат дека земјата, која сега зависи од нафта од Мексико и Русија, може да остане без резерви за неколку недели.

