Македонија
Инспекторат: Постапката на Гази Баба за „Космос“ е законска

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам соопшти дека постапката која што ја водела општина Гази Баба за случајот со станбено деловниот комплекс „Космос“ е во согласност со Законот за градење
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам соопшти дека постапката која што ја водела општина Гази Баба за случајот со станбено деловниот комплекс „Космос“ е во согласност со Законот за градење и Законот за општа управна постапка.
„Нејасна е изјавата за ставот на градоначалниците на СДСМ пренесена преку градоначалникот на општина Струмица за тоа дека општината треба да дозволи реализирање на инвестицијата затоа што градбата била во согласност со Законот и деталниот урбанистички план“ се вели во соопштението од Инспекторатот.
Реакцијата на градоначалниците на СДСМ, Инспекторатот ја толкува како обид за манипулирање на јавноста.
Опозициониот фронт по вчерашната средба која беше одржана на барање на Партијата за европска иднина, чиј лидер е инвеститорот на спорниот објект „Космос“, Фијат Цаноски, изјави дека владата се пресметува во неистомислениците.
„Влада на Никола Груевски, продолжува со принципот „кој не е со нас, треба да се уништи“, прави ненадоместлива штета врз демократските процеси во Македонија и создава досега незапаметена пракса на брутална пресметка со политичките не истомисленици“ се вели во соопштението од Опозицискиот фронт./крај/макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес

Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.
Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.
„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.
Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари.
Македонија
Грција ја повтори поддршката за ЕУ интеграцијата, со порака за почитување на Преспанскиот договор

Поддршката од Грција за европскиот пат на Северна Македонија останува силна, но придружена со порака за целосна имплементација на Преспанскиот договор. Ова го истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во прва официјална посета на Атина.
„Дозволете ми да ја подвлечам важноста на целосната и bona fide имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и користењето на уставното име на земјата за севкупна употреба (ерга омнес)“, изјави Герапетритис.
Двајцата министри разговараа за продлабочување на билатералната соработка, регионалната стабилност и заедничките економски и енергетски проекти. Станало збор за проекти, како Коридорот 10 и за гасниот интерконектор. Реафирмирана е заедничката посветеност во рамките на НАТО и потребата за блиска координација. Поддршката за Украина мора да остане, заклучија министрите.
Муцунски ја нагласи важноста на меѓусебната почит: „Длабоко и искрено верувам во нашите односи и во силата на дипломатијата заснована на почит.“
Муцунски изрази благодарност за грчката помош по трагедијата во Кочани и пожарите во близина на Дојран.
Македонија
Гаши имал интестинална опструкција на тенкото црево, неговата состојба е стабилна, соопшти МЗ

Министерството за здравство информира дека претседателот на Собранието, Африм Гаши е во стабилна здравствена состојба.
Тој околу полноќ бил хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија со болки во стомакот.
„Веднаш му се направени потребните радиолошки и лабораториски испитувања, утврдена е интестинална опструкција на тенко црево.
Задржан е на болничко лекување и е под постојан лекарски надзор. Во моментот е на конзервативен, медикаментозен третман, без поставена индикација за оперативно лекување“, соопштија од ресорното министерство.