Свет
50-годишнина од првите протести за слободен Тибет
Тибеќанците и нивните поддржувачи од денеска со протести ја обележуваат 50-годишнината од првите протести за слободен Тибет, кои доведоа до протерување на Далај Лама од Хималајскиот регион.
Тие одржуваат протести низ Азија и Пацифичкиот регион, барајќи крај на кинеското владеење врз нивната татковина. Илјадници млади Тибеќанци вчера маршираа низ улиците на Дармсала, град во Индија каде Далај Лама ја основа својата прва база после егзилот. Демонстрантите извикуваа: „Кина надвор“ и „Тибет им припаѓа на Тибеќанците“, пренесуваат светските новински агенции. Далај Лама претходно изјавил дека кинеските власти убиле илјадници луѓе, а тибетската култура и идентитет ги ставиле пред истребување. Во Австралискиот главен град неколку демонстранти се судрија со полицијата пред Кинеската амбасада, откако марширале до таму од Парламентарниот дом. Полицијата уапсила четири лица кои се пробиле низ привремената ограда на одредениот простор за протестирање. Австралиска телевизија пренесува дека една жена се обидела да се задави со знамето на Тибет. Четворицата уапсени подоцна биле ослободени без никакво обвинение, изјавила портпаролка на полицијата. Протестите за слободен Тибет иако се одржуваат низ Азископацифичкиот регион уште од 1959 година, од минатата година почнаа да се прошируават низ целиот свет. Пекинг тврди дека Тибет е дел од кинеската територија со векови, а во 1951 и официјално го прогласи за своја територија. Денеска се навршуваат точно педесет години од првите протести на Тибет против кинеското владеење, кои доведоа до протерување на Далај Лама истиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави на, како што рече, новите ризици откако Русија искористи нова ракета со среден дострел.
Зеленски во своето ноќно видео обраќање рече дека потегот на Русија бара сериозен одговор за да се спречи, како што наведе, рускиот претседател Владимир Путин да ја прошири војната и да ги почувствува вистинските последици од неговите постапки.
Путин во четвртокот рече дека Русија, како одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел, истрела нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ на украинска територија, на која современите системи немаат начин да се спротивстават.
Свет
САД: Северна Кореја е подготвена за можна седма нуклеарна проба
Соединетите Американски Држави веруваат дека Северна Кореја е подготвена за можна седма нуклеарна проба, за која само се чека политичка одлука, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар за контрола на вооружувањето.
Се додава дека САД и нивните сојузници брзо и одлучно ќе одговорат на евентуалниот нуклеарен напад на Северна Кореја врз Јужна Кореја.
Предупреди дека уште една нуклеарна проба од Северна Кореја ќе ги ескалира регионалните тензии и ќе претставува „безбедносен ризик за целиот свет“, објави Јонхап.
Свет
Мелони: Налогот за апсење на Нетанјаху ќе биде тема на Г7, Израел и терористите не се исто
Италија планира да го разгледа налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојниот состанок на групата Г7, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
„Оваа влада останува цврста на една работа: одговорноста на државата Израел и терористичката организација Хамас не може да се поистоветува“, се вели во изјавата на премиерката Мелони, која рече дека ќе ги испита мотивите на судот.
Италија, која во моментов претседава со групата Г7, во понеделник ќе биде домаќин на министрите за надворешни работи во Фиуџи, град во близина на Рим.
Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и неодамна сменетиот израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Сојузниците на Израел ја критикуваа одлуката. Генерално, од земјите-членки на МКС се бара да спроведат налози за апсење, иако меѓу тие држави постои несогласување за тоа како да се однесуваат со Нетанјаху. Унгарија веќе соопшти дека има намера да го игнорира налогот за апсење.