Македонија
ЛДП нема да го поддржи Предлог законот за пратеници

Законот за пратеници, кој вчера го достави до Собранието владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нема да добие поддршка од единствената опозициска партија која е во парламентот ЛДП.
Законот за пратеници, кој вчера го достави до Собранието владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нема да добие поддршка од единствената опозициска партија која е во парламентот ЛДП. Тие не сакаат да го коментираат Предлог законот, но велат оти нема да гласаат за истиот. НСДП пак, смета во делот кај што се наведува дека пратениците кои ќе го бојкотираат Собранието ќе земаат помала плата, треба да има санкции и за оние кои што не дебатирале на седниците. „Најмногу бојкотот на опозицијата и одговара на власта. Гледате овие денови интензивно се избираат партиски членови по налог на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во разни комисии, регулаторни тела, агенции, со поприлично високи паушали и плати. Во новиот предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ не видов никаква казна за оние пратеници кои што пет години уста не отворија, имаат нула дискусии, а исто така примаат плата од илјада евра. За мене многу полоша варијанта од бојкотот е да бидете присутен, а да не знаете зошто сте присутни на седницата и притоа само да имате налог од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да го разликувате зеленото од црвеното копче“, истакна пратеникот Горан Мисовски од НСДП. Доколку пратениците од идниот парламентарен состав решат да ја бојкотираат работата на Собранието, ќе земаат помала плата, односно една третина од последната исплатена плата. Ова се предвидува со Предлог на закон за дополнување на Законот за пратеници. Според измените, пратениците кои ќе ја претставуваат дијаспората ќе добијат службен стан и во исто време шест пати во годината ќе им се исплаќа надоместок за патни трошоци за да може да отиде во изборната единица од каде што е избран и да контактира со неговите гласачи. Поднесувачите на законот велат дека во сите земји-членки на ЕУ, јасно се утврдени правилата на игра, односно одговорноста и обврските на пратениците. Во најголемиот дел од парламентите во земјите од ЕУ има јасни санкции за неприсуство на пратениците на седница. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Амбасадорката Агелер го посети Центарот за управување со кризи

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов ја запозна амбасадорката на САД Ангела Агелер за претстојните реформи во кризниот менаџмент и цивилната заштита и подготовките за справување со пожарите на отворен простор, капацитетите и ресурсите на државата, како и со искуствата од безбедносните предизвици и кризните состојби во земјата.
За континуираната поддршка во обука, опрема и инфраструктурни инвестиции од САД, директорот Ангелов изрази особена благодарност и верба дека соработката ќе добива нови содржини, соопшти ЦУК.
Амбасадорката Агелер го посети Секторот 112, како еден од најзначајните проекти за обезбедување итна помош на лица во опасност, и во разговорот со вработените се запозна со одговорноста да се биде гласот за помош во секое време, се додава во соопштението на ЦУК.
Македонија
„СДС се заплетка во сопствените лаги, Филипче да каже дали има удел во бизнисите на Заев во Дубаи“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„СДС го дозакопа Филипче и се заплетка во сопствените лавиринти на лаги. Филипче по стапките на шеикот од Муртино Заев денес едно, утре друго. СДС еднаш тврди дека Филипче нема златна виза, па дека нема имот во ОАЕ, за подоцна самиот Филипче да потврди дека има златна виза за Дубаи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче три месеци се обидува да смисли што да одговори на јавноста за златната виза во Дубаи и повторно се заплетка во соппствените лаги. СДС и Филиче да кажат од каде му е златната виза за Дубаи?
Со примањата на Филипче како пратеник лекар и министер тешко дека се доаѓа до златна виза, особено ако знаеме дека таа виза се добива врз база на инвестиции, а најмалку треба да се инвестираат над 500 илјади долари.
Дали Филипче му е бизнис партнер на Заев во Дубаи додека му го чува столчето во СДС? Дали Филипче заедно со Заев инвестирал во 50 катница во Дубаи?
Од каде му на Филипче над 500 илјади долари за да добие златна виза? СДС и Филипче да не ја потценуваат интелегенцијата на народот и да каже дали е инвеститор со Заев во Дубаи.
Заев и Филипче со години ја осиромашуваа државата за сега со украдените народни пари да добиваат златни визи и да инвестираат низ Дубаи. Филипче, СДС и Заев се синоним за неспособност, криминал и корупција“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Таравари ја напушти Владата, сите гледаат дека Мицкоски ја води државата во провалија“, велат од СДСМ

„Излегувањето на Алијанса за Албанците од Владата е доказ дека полека, но сигурно и граѓаните и политичките партии кои се уште се дел од владината коалиција гледаат дека Мицкоски ја води државата во провалија. Во неколку месеци Мицкоски успеа да искомбинира катастрофални економски резултати, со бесцелни патувања во странство иако државата е комплетно изолирана дури и од нашите НАТО и ЕУ партнери со кои имавме децениска одлична соработка“, велат од СДСМ.
„На сето ова треба да се додадат и гоштевањата со народни пари, милиони потрошени за бејби-биф, папаја, манго, октоподи, додека власта се противи на барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата, а синдикалната кошничка и трошоците за живот се зголемуваат секој месец.
Им нема крај ниту на скандалите во општините со кои „скандинавски“ раководат градоначалниците на Мицкоски, на кои приоритет им е единствено местење на тендери, а граѓаните се оставени сами да се снаоѓаат во хаос.
Арбен Таравари вчера соопшти дека органите и телата на Алијанса за Албанците едногласно одлучиле да излезат од Владата и да се вратат заедно со народот. Ова е потврда дека доскорешните партнери на Мицкоски се евакуираат откако во јавноста беа споделени низа на скандали за власта.
За прв пат во 35 години независност и плурализам се случува за толку кратко време најголемиот коалиционен партнер да ја напушти Владата, и тоа оваа на Христијан Мицкоски.
На крајот, Мицкоски ќе остане осамен и опкружен само со неговите клиентелисти и амбицирани криминалци. Граѓаните јасно гледаат низ прозирните лаги на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.