Европа
Путин порача дека Русија ќе реагира на влезот на Финска во НАТО
Рускиот претседател Владимир Путин во текот на неговата посета на соседната Финска во петокот порача дека доколку оваа земја влезе во НАТО, руските трупи најверојатно нема да останат повлечени на 1.500 километри од заедничка граница, но истакна и дека е наклонет кон запирање на воените летови без вклучени транспордери за идентификување на авионите над Балтичкото Море, што се толкува како знак на примирување на тензичниот контекст меѓу Русија и нејзините соседи членки на Алијансата и силите на САД стационирани на нејзините граници.
„Претпоставете си Финска да влезе во НАТО. Тоа значи дека финската армија престанува да биде независна, престанува да биде суверена во целосната смисла на зборот. Тие единици ќе станат дел од воените структури на НАТО, кои преку ноќ ќе се појават на границите на Русија“, изјавил рускиот челник Владимир Путин на заедничката прес-конференција со финскиот претседател Саули Ниинисто
Финскиот челник притоа рекол дека земјите од Балтик чувствуваат страв од Русија, но и дека Москва од своја страна го гледа НАТО како „голема закана“.
„Дали мислите дека ќе се воздржиме од дејствување,… ги повлековме нашите војски на 1.500 километри, дека таму и ќе останат?“, додал рускиот челник потсетувајќи на одлуката на Москва да ги повлече своите единици на споменатата дистанца од финско-руската граница.
„Досега тоа не е променето, така и останува. А на нашите граници на Балтикот се зголемува војската на НАТО. И што треба тогаш ние да правиме?“, запрашал Путин.
Според Путин, НАТО, најверојатно, радо би војувал со Русија до последниот фински војник. „Дали тоа ви е потребно? Нам не. Ние не сакаме. Но вие сами решавате што за вас е потребно“, додал рускиот претседател.
Истовремено истакнал дека Москва ќе го почитува секој избор на финскиот народ за влез во НАТО.
Финска дели со Русија граница долга 1.340 километри. Иако не е членка на НАТО, финска делегација ќе присуствува на следниот самит во полската престолнина Варшава кој ќе се одржи на 8-ми и 9-ти јули.
Финска гледа во задржувањето на својата неутрална традиција најдобар начин да ги задржи добрите односи со Русија, но нејзините војски редовно учествуваат во воените вежби со силите на транантлатската организација.
Според Путин, Русија има намера да започне дијалог со Алијансата на самитот во Брисел во рамките на Советот НАТО-Русија.
„Господинот претседател (на Финска –з.р.) денеска ги формулираше предлозите за минималните први чекори во насока на зголемување на довербата, спречување на конфликтните ситуации. Веќе имам кажано дека со согласен со тоа, ќе се обидеме да го започнеме дијалогот со НАТО на самитот во Брисел“, нагласил Путин.
Уште еднаш во помалку од две седмици истакнал дека Москва соодветно ќе одговори на разместувањето на американскиот антиракетен штит во земјите членки на НАТО, како Полска, кои граничат со неа и зголемувањето на контингентите на Алијансата, бидејќи тоа претставува очигледна закана за Русија.
Финска последните години е загрижена од зголемувањето на бројот на инцидентите во кои се вклучени руски и американски, како и авиони и бродови на други членки на НАТО. Во ткн „бела книга“ објавени во јуни, финската влада наведе дека не може да исклучи воена агресија од својот моќен јужен сосед.
„Го прифаќаме предлогот на финскиот претседател за прекин на летовите без вклучен транспордер и ќе потсетам на тоа прашање во текот на следната средба на Русија и НАТО во Брисел“, изјавил Путин за новинарите по средбата со колегата Ниинисто во Наантали.
„Русија никогаш не предизвикува тензии. Над Балтичкото Море има двапати повеќе летови на авионите на НАТО отколку руски летови. Ние не ги измисливме тие податоци, тоа се статистики“, додал рускиот претседател на прес-конференцијата и потсети на неколку скорешни случаи кога воени летови на НАТО и на американски авиони беа изведувани без вклучени тренспордери при обидите да се приближат неиндентификувани кон рускиот воздушен простор, понекогаш претставувајќи опасност и за цивилните летови во тие пространства./крај/мф/сн
Извор: РИА/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

