Македонија
Сменети директорите на „Идризово“ и кумановскиот затвор
Директорот на казнено – поправниот дом „Идризово“, Тони Јакимовски е сменет од функцијата директор.
Јакимовски за Макфакс ја потврди информацијата, но вели дека смената нема никаква врска со вчерашните обвинувања на СДСМ дека тој бил поврзан со криминалната група којашто беше уапсена во полициската акција „Детонатор“.
„На 4 април ми истече мандатот од шест месеци за којшто бев именуван на директорската функција. Мојата смена нема никаква врска со обвинувањата“ изјави Јакимовски за Макфакс.
Тој објаснува дека владата ги именува и разрешува и дека оттаму му определиле мандат од шест месеци.
Опозициската СДСМ вчера излезе со информации дека покер апарати кои што беа запленети во продолжението на полициската акција „Детонатор“ во Македонска Каменица биле најдени во објекти, илегални казина на високи функционери на ВМРО – ДПМНЕ.
Според нив, од фотографиите кои ги покажаа на пресот постоеле индиции дека во ова бил вмешан и директорот на затворот „Идризово“.
„Се поизразени се информациите во јавноста дека всушност покер апаратите се најдени во објекти, илегални казина на високи функционери на ДПМНЕ, за што говорат и овие фотографии од Македонска Каменица, каде постојат индиции дека е замешан дури и директорот на затворот. Затоа уште еднаш ја повикуваме власта доследно и неселективно да ја спроведе акцијата и со тоа да покаже дека ова е вистинска борба против криминалот, а не театар за дневно политички потреби на ВМРО ДПМНЕ“ изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.
Од владата информираат дека на вчерашната седница за в.д директор на затворот „Идризово“ е именуван Живко Пејковски, кој е поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен Јакимовски на вчерашната владина седница сменет бил и директорот на кумановскиот затвор, а за в.д. директор на затворот е именувана Соња Цветковска ./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

