Свет
Извадени 18 тела од уништените возови во Белгија

Спасувачките служби извлекоа 18 тела од остатоците од двата патнички воза кои денеска се судрија во Брисел, јавија белгиските медиуми.
Спасувачките служби извлекоа 18 тела од остатоците од двата патнички воза кои денеска се судрија во Брисел, јавија белгиските медиуми.
Досега се извлечени тела на 15 мажи и три жени, но очекуваме бројот на жртви да се зголеми, соопштија од Центарот за справување со кризи во регионот Брабант.
Во судирот беа повредени повеќе од 100 лица, меѓу кои голем број се здобија со посериозни повреди.
Локалните возови се судриле утринава на станицата во Бузинген, која се наоѓа околу 9 милји југозападно од Брисел, додека едниот од возовите патувал за Брен ло Конт, а другиот од Киеврен за Лиеж.
Според првичните информации несреќата била причинета поради дефект во системот за управување на возовите, но се шпекулира дека најверојатно едниот од возовите не застанал на знакот Стоп.
Во тек е истрага која треба да ја потврди вистинската причина за фаталниот судир./крај/иа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ердоган: Трамп ќе дојде на мировните преговори за Украина ако дојде и Путин

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека неговиот американски колега, Доналд Трамп, му потврдил дека ќе учествува во потенцијални мировни преговори меѓу лидерите на Украина и Русија во Турција, доколку рускиот претседател, Владимир Путин, се согласи да учествува.
На враќање од самитот на НАТО, Ердоган рече пред новинарите дека му рекол на американскиот претседател дека Анкара има за цел да ги собере руските и украинските лидери во Турција на мировни преговори.
„Тој (Трамп) рече: „Ако рускиот претседател Владимир Путин дојде во Истанбул или Анкара за решение, тогаш и јас ќе дојдам“, рече Ердоган.
Тој додаде дека ќе бидат воспоставени неопходните контакти за да се одржи состанокот што е можно поскоро.
Свет
Орбан до Европската комисија: Не се мешајте во внатрешните закони на земјите-членки

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската комисија (ЕК) треба да се воздржи од мешање во спроведувањето на законите во земјите-членки, реагирајќи на изјавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во врска со „Парадата на гордоста“ во Будимпешта.
Фон дер Лајен претходно ги повика унгарските власти да го овозможат настанот планиран за претстојниот викенд, објави МТИ.
Во одговор, Орбан рече дека ЕК „нема никаква улога“ во внатрешните работи на спроведувањето на законот во земјите-членки и побара наместо тоа да се фокусира на, како што наведе, „итните предизвици со кои се соочува ЕУ, како што се енергетската криза и падот на конкурентноста“, каде што Комисијата, според неговите зборови, има јасна одговорност и каде што „во изминатите години направи сериозни грешки“.
Свет
Фон дер Лајен: Ја повикувам унгарската влада да ја отфрли забраната за „Парадата на гордоста“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти повторно да ја разгледаат забраната за „Парадата на гордоста“ најавена за сабота во Будимпешта и да се откажат од евентуалното казнување на нејзините учесници.
„Парадата на гордоста“ во унгарската престолнина мора „да се одржи без страв од кривично или административно гонење на организаторите или учесниците“, напиша Фон дер Лајен на X.
„Испраќам порака до LGBTIQ+ заедницата во Унгарија и на други места дека секогаш ќе бидам нивен сојузник“, додаде таа.
Во Будимпешта, од една страна, полицијата ја забрани „Парадата на гордоста“, додека градоначалникот Гергели Карачони, противник на десничарската влада на премиерот Виктор Орбан, одлучи да го одржи собирот.
Министерот за правда, Бенс Тусон, им пишал на амбасадорите од другите земји од ЕУ, велејќи дека ниту тие ниту нивните соработници не треба да имаат дозвола да учествуваат во маршот. „Правната ситуација е јасна, „Парадата на гордоста“ е забрането собирање“, напиша тој во писмо до кое увид има АФП.
И покрај забраната, голем број европратеници изјавија дека ќе дојдат во Будимпешта за да учествуваат на маршот во сабота.
Организаторите на маршот очекуваат рекордна посетеност, и покрај она што го велат Орбан и неговиот кабинет.
Премиерот им советуваше на организаторите „да не се мачат со подготовка на маршот оваа година“. „Тоа е губење пари и време“, рече тој пред да гласа за законските измени насочени кон забрана.
Властите, од друга страна, побараа поворката да се одржи на затворено место, како што е стадион или хиподром, подалеку од погледот на малолетници.