Македонија
Роденденот на Мартин ќе се одбележи со торта во облик на човечки труп
Собирот по повод роденденот на убиениот Мартин Нешковски ќе започне вечерва кај Спомен – домот на Мајка Тереза во 19 часот, по што поворката ќе се упати пред Собранието.
Собирот по повод роденденот на убиениот Мартин Нешковски ќе започне вечерва кај Спомен – домот на Мајка Тереза во 19 часот, по што поворката ќе се упати пред Собранието. Таму по повод денот на кој Мартин требаше да наполни 22 години ќе биде послужена торта во облик на човечки труп, која ќе биде донесена со погребно возило. Чинот ќе биде проследен со соодветна музика, најавуваат на Фејсбук поддржувачите на движењето „Правда за Мартин“.Информацијата за Макфакс ја потврди и Александар Нешковски, братот на Мартин кој очекува бизарната симболика со тортата да предизвика внимание кај луѓето и да ги потсети за она што се случи со неговиот брат. „На тој ден ќе има торта со форма на човечко тело, исто како што лежеше Мартин, оставен во тревник до утринските часови. Денеска се очекува да биде на мирен начин искажана болката за Мартин и незадоволството од институциите кои досега молчат“, рече тој за Макфакс.Александар јавно ги повика и власта и опозицијата да се придружат на собирот и да помогнат да се расчисти случајот со убиството на Мартин. Новиот собир за случајот доаѓа по пауза од еден месец секојдневни протести против полициската бруталност и за расчистување на убиството на младиот Мартин Нешковски, кое се случи на изборната вечер, за време на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ.Досега единствен обвинет за убиството е специјалецот Игор Спасов. /крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

