Македонија
Јакимовски: Нема да има поголема ефикасност за издавање градежни дозволи

„Го повикувам министерот Јанакиевски и целокупната администрација која во најголем дел е во рацете на ВМРО ДПМНЕ да не ја замајуваат јавноста со наводно зголемување на ефикасноста за издавање на градежни дозволи преку законски измени“ – реагираше денеска градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски во врска со најавите на Владата и министерот за транспорт Миле Јанакиевски околу најавените законски измени за скратување на времето за издавање на градежни дозволи од 45 до 60 денови.Јакимовски тврди дека со постоечката законска регулатива, може драстично да се зголеми ефикасноста и да се издаваат градежните дозволи во рамките на четириесет и пет работни денови.Според Јакимовски Владата дури по четири и пол години дошла до заклучок дека можела дополнително да го скрати издавањето на градежните дозволи.На денешната прес конференција Јакимовски излезе со податоци од мерењето кое општината сама го вршела во врска со времетраењето на издавање на градежни дозволи. „Во Карпош, издавањето на градежни дозволи е за 45,7 работни денови во кои влегуваат и 28,2 работни денови време во кое се чека за пресметка и уплата на комуналиите што се прави во Градот Скопје. Ако ги одбиеме и овие денови тогаш доаѓаме до еден временски период кој е дури и под 25 дена што значи дека сето ова да се испочитува за да имаме ефикасност во издавањето на градежните дозволи, многу повеќе зависи од ефикасноста на администрацијата отколку од помпезно најавуваните регулаторни гилотини и измени на закони и други решенија кои владата не ги спроведува“ – рече Јакимовски.Тој додаде дека општината издава Извод од урбанистички план истиот или следниот ден, а локациски услови кој е најбитниот документ пред издавање на градежната дозвола се издаваат за 16 календарски денови. /крај/ к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.
Македонија
Само за спортско навивање има место на трибините: МВР најстрого ќе го санкционира говорот на омраза

Министерството за внатрешни работи во континуитет апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без какви било навреди по лична, етничка, верска или која било друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
МВР нагласува дека во рамките на обезбедувањето мирни и непречени спортски натпревари, како во минатото така и сега и во иднина, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на какви било нарушувања на јавниот ред и мир, односно какви било навредливи скандирања и друг начин на ширење говор на омраза.
Потсетуваат дека во врска со кошаркарскиот натпревар, што се одржа на 2.8.2025 во спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица, со кои е извршен службен разговор, и по извршените анализи, во координација со ОЈО Куманово, ќе бидат преземени конкретни законски мерки, а едно лице е лишено од слобода и против него ќе следува соодветен поднесок.
Што се однесува за фудбалскиот натпревар, кој се одржа на арената „Тодор Проески“ во Скопје на 5.8.2025, СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител, информираат од Министерството. Појаснуваат дека е доставено писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал по што МВР ќе постапува во согласност со своите надлежности во координација со ОЈО и за какви било утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци за што јавноста благовремено ќе биде информирана.