Скопје
Отворен нов Центар за лица со интелектуална попреченост
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во среда во скопски Капиштец го отворија новиот Центар за лица со интелектуална попреченост на лица над 18 години.
„Водени од грижата за секој поединец и можноста да се обезбедат еднакви шанси за негов развој и напредок денеска заеднички ги отвораме вратите на новиот дневен центар за лица со интелектуална попреченост, во Капиштец. Центар кој треба да обезбеди дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психосоцијална рехабилитација и реедукација, советодавна работа и услуги на организирано поминување на времето на лицата со попреченост во интелектуалниот развој“, рече градоначалникот Трајановски.
Во дневниот центар во кој ќе бидат опфатени лица со умерена и тешка интелектуална попреченост на возраст над 18 години, ќе се изведуваат програмски активности кои ќе се однесуваат на реализација на индивидуална програма за работа за секое лице, но ќе има и програма за групни активности, како и работа со родителите на корисниците.
„Сево ова ќе овозможи оспособување за самостојно живеење, социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост во локалната заедница, работно-окупациони активности, практични и социјални активности. Со отворањето на сервисна служба за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во локалната заедница, Град Скопје ги потврдува своите заложби за обезбедување подобри услови за лицата со посебни потреби и воедно се надоврзува на приоритетот на Министерството за труд и социјална политика за развивање на мрежата на дневни центри за лица со интелектуална попреченост“, истакна градоначалникот Трајановски.
Тој додаде и дека унапредувањето на мрежата на дневни центри претставува одлична форма на вонинституционална заштита и социјална сервисна служба преку која практично се дава поддршка на лицата со пречки во развојот.
„Ваквиот начин на згрижување на лица со интелектуална попреченост се покажал многу поуспешен и дава подобри резултати. Токму затоа е потребно да се поддржува работата на постојните и да се отвораат нови“, додаде скопскиот градоначалник.
Тој потенцираше дека Град Скопје и натаму ќе продолжи да ја дава својата финансиска поддршка за двата дневни центри, центарот во Аеродром (со 2.000.000 денари) и новиот во Капиштец (400.000 денари), преку обезбедување средства во Буџетот на Градот, на годишно ниво.
„Обезбедувањето на континуитет во работата на овие дневни центри овозможува социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост и претставува основен предуслов за разбивање и надминување на предрасудите и бариерите со кои тие се соочуваат. Сите ние заедно треба да работиме во насока на целосна и вистинска инклузија на лицата со посебни потреби и подигање на свеста кај институциите, но и кај граѓаните за потребата од прифаќање и поддршка на лицата со посебни потреби во сите сфери на општественото живеење“, нагласи Трајановски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) „Мобилизирани се сите служби“: Кисела Вода се справува со снежните наноси
По снежните врнежи кои го зафатија цело Скопје, општина Кисела Вода од раните утрински часови спроведува интензивни активности за чистење и одржување на патната инфраструктура со цел обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, извести Општината.

„Активиран е Кризниот штаб на општина Кисела Вода, кој е во постојана комуникација со сите надлежни служби и ја координира работата на терен, овозможувајќи ефикасно справување со зимските услови.

Со целосно ангажирана и расположлива механизација, камиони и екипи, континуирано се работи на расчистување на снегот и посипување сол на критичните точки каде што е евидентирана појава на мраз. Во моментов, активностите се одвиваат во населбите Припор, Пинтија и Драчево, како и пред градинките, училиштата и автобуските постојки.

Ангажирани се сите сезонски работници, а екипите се постојано присутни на терен за навремено да одговорат на сите пријави и состојби кои би можеле да го отежнат сообраќајот и секојдневното функционирање“, велат од Општината.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните за зголемена внимателност при движењето и почитување на сообраќајните правила, додека општинските служби продолжуваат со активностите сè до целосна стабилизација на состојбата.
За пријавување на проблеми поврзани со снег, замрзнати улици или отежнат пристап, граѓаните можат да се обратат на следните телефонски броеви:
Димитар – +389 72 443 500
Дарко – +389 78 383 746
Македонија
(Фото) Герасимовски: Општина Центар го расчистува снегот, фрлени 15 тони сол
Службите на Општина Центар од утринава се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот. Фрлени се 15 тони сол на коловозите, со приоритет на најкритичните точки. Механизацијата интервенира на пристапите кон Водно, каде што се расчистува снегот и се фрла сол, известуваат од Општината.

Паралелно се чистат тротоарите и пешачките патеки, како и просторот околу здравствените установи, училиштата и градинките, за безбедно движење на граѓаните и учениците.

Општина Центар ги повикува граѓаните да пријавуваат критични точки со цел службите веднаш да интервенираат и да го расчистат теренот, на телефоните: 075 219 068, 076 313 381 и 075 476 768, велат од Општината.

„Нашите служби се постојано на терен. Имаме доволни залихи на сол, а механизацијата го расчистува снегот на местата кои се под наша надлежност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.


Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.

