Свет
Пауновски осуден на три и пол години затвор
Поранешниот министер Љубен Пауновски вчера не дојде да ја слушне пресудата со која беше осуден за злоупотреба на над еден милион евра
ВТОРА ПРЕСУДА ЗА ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА
Поранешниот министер Љубен Пауновски вчера не дојде да ја слушне пресудата со која беше осуден за злоупотреба на над еден милион евра
Поранешниот министер за одбрана Љубен Пауновски вчера беше осуден на три и пол години затвор за аферата со злоупотреба на над еден милион евра, што беше откриена за време на конфликтот во 2001 година. Основниот суд Скопје 1 вчера го прогласи Пауновски за виновен за злоупотреба на службената положба. Тој вчера не се појави да ја слушне одлуката, иако редовно доаѓаше на судските рочишта. Неговиот адвокат не беше задоволен од пресудата.
– Изречената казна е превисока. Ќе чекаме да го добиеме образложението на пресудата, а потоа истата ќе ја обжалиме пред Апелацискиот суд – изјави адвокатот Венцислав Крчински.
Ова е втора пресуда против поранешниот министер, откако во октомври 2003 година тој за истиот случај доби пет и пол години затвор. Апелацискиот суд по неколку месеци ја поништи првата пресуда и предметот го врати на повторно одлучување.
Според вчерашната одлука, обвинетиот Љупчо Петковски, татко на сопругата на Пауновски, беше осуден на три години и шест месеци затвор, а Владимир Талевски доби две и пол години робија. Најниска казна од една година затвор доби поранешниот потсекретар во Министерството, Кирил Ѓоргов.
На вчерашното изрекување на пресудата се појави само обвинетиот Ѓоргов.
Во изречената затворска казна на Пауновски му се пресметува и времето минато во притвор од околу четири месеци. Според судската одлука, тој и другите осудени ќе треба да вратат околу 69 милиони денари – пари од државниот буџет што биле злоупотребени.
Предмет на обвинението се два договора – еден за набавка на прехранбени продукти и еден за изградба на станови во кругот на касарната „Илинден“ во Скопје.
Казните што судот вчера ги изрече се пониски од оние што ги донесе Судскиот совет пред три години. Тогаш Талевски доби 4,5 години затвор, а Ѓоргов беше осуден на тригодишна затворска казна. Петковски тогаш не беше осуден зашто постапката против него беше издвоена.
По изрекувањето на првата пресудата реагираше Хелсиншкиот комитет, кој оцени дека „пресудата е ерозија на македонското судство“. Тогаш Пауновски беше притворен се’ до правосилност на пресудата, но повторно беше пуштен да се брани од слобода откако мина околу четири месеци во притвор.
Според обвинението, Пауновски во декември 2000 година му наредил на Ѓоргов да потпише договор со фирмата „ХС компани“ за набавка на прехранбени стоки и за инвестициска изградба на станбен комплекс во касарната „Илинден“, без притоа да бидат почитувани процедурите од Законот за јавните набавки.
Министерството за одбрана префрлило на сметката на „ХС компании“ 60 милиони денари. Во времето на склучувањето на договорот фирмата била сопственост на други лица, но по два месеца ја купиле Петковски и неговиот баџанак Талевски.
Пауновски беше министер во владата на Љубчо Георгиевски и по откривањето на случајот тој беше разрешен од функцијата.
Александар Манасиев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија се обиде да го блокира WhatsApp: промовира апликација во државна сопственост
Американската технолошка компанија Мета соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.
„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.
„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.
Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.
Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.
Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.
Европа
Киев повторно цел на голем руски ракетен напад
Украинскиот главен град Киев повторно беше погоден од голем руски ракетен напад рано утрово, при што беа погодени неколку згради, соопштија локалните власти. „Масовниот напад врз главниот град е сè уште во тек“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на платформата Телеграм.
Тој рече дека се погодени згради од двете страни на реката Днепар. Нема непосредни извештаи за жртви, но на местото на настанот се испратени екипи за итна медицинска помош. Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација во Киев, потврди најмалку еден удар во источните предградија, додека сведоци на Ројтерс пријавија силни експлозии што одекнуваа низ целиот град.
Југоисточниот град Днепар, исто така, беше погоден, изјави регионалниот гувернер Олександр Ганжа. Неколку приватни домови и автомобили беа оштетени, но немаше непосредни извештаи за жртви. Воздушните напади останаа на сила во Киев и Днепар долго по полноќ.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

