Свет
Водовод од пет милиони евра пропаѓа поради незаинтересираноста на државата
Нереализирана јапонска донација може да предизвика скандал во билатералната соработка со Македонија
Нереализирана јапонска донација може да предизвика скандал во билатералната соработка со Македонија
Јапонците и локалната власт се сомневаат дека средствата
Жаклина Ѓорѓевиќ
Локален проект за водоснабдување на Гази Баба, Илинден и на Петровец, кој две години тапка во место, лесно може да се претвори во дипломатски скандал меѓу Македонија и Јапонија, која инвестираше 5 милиони евра во овој проект. Во јапонскиот конзулат во Скопје се навредени од незаинтересираноста на македонската страна за имплементација на проектот, кој требаше да заврши во март, а со кој околу 30.000 жители треба да добијат чиста вода за пиење. Главната вина, според нив, е во индиферентноста на министерствата за локална самоуправа и за транспорт и врски. Овие две министерства досега не им понудиле одговор зошто не е довршена примарната мрежа во трите населени места на која треба да се приклучи секундарната мрежа, која е донација од јапонската влада. Проектот стои и поради изговорите на двете министерства кои се оградуваат од одговорноста за нереализираниот проект, што ги налути Јапонците. Тие, како и локалната власт, се сомневаат дека средствата од продажбата на "Телеком", со кои требало да се изгради мрежата, се злоупотребени, па затоа мрежата и не е довршена.
Јапонците се лути поради тоа што биле уверени дека со потпишувањето на договорот со тогашниот министер за транспорт и врски, Агрон Буџаку, на примарниот водовод веднаш ќе можат да ја приклучат секундарната мрежа од селата. Но, непријатно се изненадиле кога увиделе дека мрежата која во 2002 година почнала да се гради со средства од "Телекомот" не е довршена и дека недостигаат цевки на неколку места. Станува збор за јапонски грант во износ од 5 милиони евра за имплементација на проектот "Подобрување на водоснабдување на населените места во околината на Скопје", кој, покрај трите општини, треба да опфати уште 4 општини со вкупно 18 населени места. Досега неколку пати Јапонците побарале одговор од Министерството за транспорт и врски преку кое требало да се реализира проектот, но оттаму не добиле одговор.
"За недостатоците во примарната мрежа дознавме од приватниот сектор, а не од државните институции. Не знам зошто, но македонската страна е многу индиферентна за нашиот проект. Во изминатава една и пол година се обидуваме да го решиме проблемот за да профункционира мрежата, но официјалните власти во Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека не знаеле за недостатоците во мрежата. Не можам ништо друго да помислам, освен на тоа дека некој ги злоупотребил парите од "Телеком" дадени за изградба на примарната мрежа", ни изјави одговорниот консултант за проектот од јапонска страна, Учида Јасуо од "Пацифиц Цонсултант Интернатионал". Тој е револтиран, бидејќи е обврзан да остане во Македонија и не може да се врати дома с? додека не се реализира проектот.
Во овие две години, колку што трае натегањето меѓу македонската и јапонската страна, двете општини Илинден и Гази Баба успеале да издејствуваат средства за да ја довршат мрежата, но сега работите ги кочи Општина Петровец, која бара државата да ги намири обврските и да ја доврши мрежата.
"Министерството за локална самоуправа нема слух за да ја доврши примарната мрежа, која, според укажувањето на Градежниот институт и фирмата ‘Макаус’, во нашата општина има дури 12 недостатоци. Кога би знаеле каде фалат цевки, би зајмиле пари за да се доизгради водоводот со кој ќе добиеме чиста вода за пиење. Но, додека Министерството за локална самоуправа не го реши спорот, нема да преземеме ништо", вели градоначалникот на Петровец, Звонко Цветковски, кој како и Јапонците се сомнева дека Министерството ги злоупотребило парите од "Телеком".
Благоја Младеновски, сопственик на фирмата "Макаус", која ја градела примарната мрежа во трите општини, потврди дека главниот водовод не е доизграден поради проблеми на теренот. Тој вели дека ги потрошиле наменски средствата од "Телеком" во износ од милион евра, но поради промена на трасата, потрошиле непланирано уште 30.000 евра свои пари. Со градење на водоводот престанале, бидејќи веќе три години Министерството за локална самоуправа ги смирува дека чекаат одговор од Владата за да им бидат исплатени парите.
Од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека за овој водовод постојано биле префрлани пари, за кои досегашните градоначалници уверувале дека се рационално потрошени, но на терен работите не се довршени. Во Министерството за локална самоуправа, пак, појаснуваат дека парите од "Телеком" се рационално искористени, но тие немаат обврска да им исплатат пари на општините за нивните инвестиции во довршување на мрежата, бидејќи имаат правни пречки со договорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле
Најмалку 42 мигранти се водат за исчезнати и се верува дека се удавиле кога гумен чамец се превртел кај либиското крајбрежје, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Спасени се седум лица што шест дена пловеле по морето по потонувањето на чамецот со вкупно 49 лица во близина на нафтното поле Ал Бури, северозападно од либискиот брег.
Според ИОМ, мигрантите потекнуваат од Судан, Нигерија, Камерун и од Сомалија.
Од падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија е клучна транзитна точка за мигранти, кои преку Средоземното Море се обидуваат да стигнат до Европа.
Оваа година во централниот дел на Средоземното Море веќе се удавиле повеќе од 1.000 мигранти, а најновата несреќа дополнително го зголеми овој број, соопшти ИОМ.
Организацијата потсети и на други смртоносни инциденти во последните недели кај Сурман и Лампедуза, како и на случајот во октомври кога западно од Триполи биле пронајдени телата на 61 мигрант.
Свет
Трамп со писмо до израелскиот претседател бара помилување на Нетанјаху
Израелскиот претседател Исак Херцог доби писмо од американскиот претседател Доналд Трамп, во кое го повикува да размисли за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави денес неговиот кабинет.
Нетанјаху се соочува со три одделни судења за корупција веќе неколку години, а Трамп постојано бара негово помилување.
„Иако апсолутно ја почитувам независноста на израелскиот судски систем и неговите барања, верувам дека овој ‘случај’ против Биби, кој долго време се бореше заедно со мене, вклучително и против многу моќниот непријател на Израел, Иран, е политички мотивиран, неоправдан прогон“, напиша Трамп во писмо до израелскиот претседател.
Канцеларијата на Херцог соопшти дека секој што бара претседателско помилување мора формално да го побара тоа во согласност со постојните процедури, објави „Ројтерс“.
Трамп исто така побара помилување за Нетанјаху за време на посетата на Израел во октомври во говор пред израелскиот парламент.
Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, одговори на повикот на Трамп со потсетување дека израелскиот закон предвидува дека првиот услов за помилување е признание на вина и изразување каење.
Порано оваа година, Лапид, „со должно почитување кон Трамп“, нагласи дека „никој не треба да се меша во правниот процес на независна држава“ и ја нарече иницијативата на американскиот претседател „компензација“ за Нетанјаху за притисокот врз него да ја запре војната во Газа.
„Тоа е типично за Трамп“, рече Лапид во тоа време.
Фото: ЕПА
Свет
Тужба против „Гугл“: Дали „Гемини“ следи сè што пишувате во „Гмајл“ и на „Чат“?
„Гугл“ се соочува со нова тужба во која се обвинува дека го користи својот асистент за вештачка интелигенција „Гемини“ за нелегално следење на приватните комуникации на корисниците на „Гмајл“, „Чат“ и „Мит“.
Во колективната тужба поднесена во федералниот суд во Калифорнија се тврди дека технолошкиот гигант тајно ја активирал алатката за сите корисници во октомври давајќи му пристап до приватни податоци без нивно знаење или согласност, објавува „Блумберг“.
Додека корисниците претходно имаа можност сами да ја вклучат програмата за вештачка интелигенција на „Гугл“, во тужбата се тврди дека компанијата во сопственост на „Алфабет“ еднострано ја променила практиката. Иако „Гемини“ може да се исклучи, корисниците мора да се движат низ комплицирани поставки за приватност за да ја пронајдат опцијата.
Доколку корисниците не го преземат тој чекор, „Гугл“ наводно го користи „Гемини“ за „пристап и експлоатација на целата снимена историја на приватните комуникации на своите корисници вклучувајќи ги и практично секоја е-пошта и прилог испратени и примени во нивните гмајл-сметки“, се наведува во тужбата.
Тужителите тврдат дека „Гугл“ го крши Законот за нарушување на приватноста на Калифорнија, закон од 1967 година, кој особено забранува тајно прислушување и снимање доверливи комуникации, без согласност на сите вклучени страни.
„Гугл“ сè уште не ги коментирал обвинувањата.

