Свет
Ромни и Риан ветуваат „големо враќање“ на САД

Републиканскиот кандидат за американските претседателски избори Мит Ромни и неговиот потпретседателски кандидат Пол Риан, во неделата во Северна Каролина во желбата да додадат нов елан во нивната кампања, ветија „големо враќање“ на САД доколку бидат избрани на изборите на 6-ти ноември.
Мит Ромни во говорот во Мурсвил најави „добра вест за големото враќање на Соединетите држави“. Кандидатот и неговиот сокандидат, чиешто именување Ромни го објави во сабота, ветуваат подигнување на американската економија и враќање на моќта на земјата.
Ромни притоа рече дека со актуелниот демократски претседател Барак Обама, САД стануваат сѐ повеќе како Европа, „со висока хронична невработеност, со слабо зголемување на платите и на работ од буџетски банкрот“.
„Не сакам тоа да биде како во Европа, ја сакам Америка“, додаде Мит Ромни кој и претходно правеше забелешки и го исмејуваше Стариот континент во текот на својата кампања.
По Северна Каролина, кандидатската двојка замина за Висконсин.
Риан, когресмен од сојузната американска држава Висконсин, е влијателен член на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Го сметаат за еден од највлијателните помлади републикански политичари и прв економист во Републиканската партија.
Пол Риан, 42-годишнот конгресмен, е еден од најпроминентните млади републиканци во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, честопати цитиран поради неговите ставови за економската и фискалната политика. Претседател е на влијателната Комисија за буџетот на Претставничкиот дом, во кој одигра важна улога при изработката и промоцијата на републиканската програма за долгорочно урамнотежување на буџетскиот дефицит.
Во април 2011 година го претстави проектот „Патот до просперитетот“, како алтернатива за предлогот за буџетот на актуелниот демократски претседател Барак Обама , кој содржеше и контроверзни промени на програмата за медицинска нега за постари лица – Медикер.
Во март 2012 година Риан ја претстави и „Патот до просперитетот: Нацрт за американската обнова“, како алтернатива на буџетот на Обама за 2013 година. Исто така, еден е од соосновачите на програмата „Млади сили“ за регрутирање на изборни активисти за републикански конгресмени. Во Конгресот е од 1999 година и во моментов го извршува седмиот двегодишен мандат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Затворањето на небото над Украина би значело војна со НАТО

По изјавите на полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, дека НАТО размислува за затворање на небото над западна Украина поради честите напади со руски беспилотни летала, првата остра реакција дојде од Русија.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, предупреди дека воспоставувањето зона на забрането летање над Украина и овластувањето на земјите од НАТО да соборуваат руски беспилотни летала би значело директен конфликт меѓу НАТО и Русија.
„Сериозно, спроведувањето на провокативната идеја на Киев и другите идиоти за создавање „зона на забрането летање над Украина“ и дозволување на земјите од НАТО да соборуваат наши беспилотни летала значи само едно: војна на НАТО со Русија“, напиша Медведев на својот Телеграм канал, коментирајќи ја изјавата на Сикорски.
Медведев, исто така, забележа дека „моќната европска иницијатива „Источна стража““ повеќе го забавила отколку што го исплашила. „Се чини дека ова е сè што останало од „коалицијата на оние што се подготвени“, истакна тој.
Тој се осврна и на посетата на естонскиот министер за одбрана Хано Певкур на Киев, додавајќи: „Колку е помала земјата, толку нејзините лидери се посклони кон агресија и глупост“.
Оваа изјава претставува прв отворен одговор на Москва на најавите на НАТО за потенцијално затворање на дел од украинскиот воздушен простор и дополнително ги разгорува тензиите во регионот, укажувајќи на можност за директна конфронтација со сојузниците од Алијансата, според написите во светските медиуми.
Фото: принтскрин
Свет
Лукашенко: Имаме сè за да му нанесеме неподнослива штета на агресорот

Одговорот на Белорусија во случај на директна закана ќе биде молскавично брз, Минск има сè што е потребно за да му нанесе незамислива штета на потенцијален агресор, изјави претседателот на земјата, Александар Лукашенко, во интервју за руските медиуми.
„Секако, го следиме развојот на ситуацијата на западните граници.
Во случај на директна закана, ќе одговориме со молскавично брзина на секој што ќе стапне на белоруска земја. Ако преминат од зборови на дела, ќе имаме со што да возвратиме.
Имаме што е потребно за да му нанесеме неприфатлива штета на агресор. Не им советувам да го тестираат тоа“, нагласи белорускиот лидер.
Лукашенко, исто така, оцени дека непријателската политика на Западот кон Русија и Белорусија не се менува, туку прераснува во отворено агресивна.
Според него, ваквите изјави се лицето на општата политика на Западот кон Белорусија и Русија.
„Најтажно е што оваа политика не се промени.
Поминаа 80 години од крајот на Втората светска војна, а таму, на Запад, тие сè уште ги сметаат нашите земји и нашиот братски сојуз за закана.
НАТО брзо ја вооружува Европа, а Полска и балтичките земји измислуваат наводно заштитни мерки за да им угодат на своите господари.
Една од нив е повлекување од Конвенцијата од Отава и деминирање на границата со Белорусија“, нагласи Лукашенко.
Во исто време, според него, сојузот меѓу Белорусија и Русија е тестиран со текот на времето и сè додека двете земји градат заедничка иднина, тие не можат да го прекинат.
Кога станува збор за решавање на ситуацијата во Украина, белорускиот претседател изјави дека нема алтернатива на мировните преговори за конфликтот, мора да се земат предвид интересите на сите страни, пренесува Спутник.
Лукашенко заклучи дека дијалогот мора да биде отворен и почитуван.
Фото: принтскрин
Свет
Беспилотно летало соборено над зградата на полската влада во Варшава

Безбедносните служби неутрализираа беспилотно летало што леташе над владините згради во центарот на Варшава, а двајца белоруски државјани се уапсени, објави вечерва полскиот премиер Доналд Туск.
„Службата за владина безбедност штотуку неутрализираше беспилотно летало што леташе над владината зграда и над палатата Белведер“, објави Туск на Икс. „Белведер“ е една од официјалните резиденции на полскиот претседател.
„Двајца белоруски државјани се уапсени“, додаде Туск. „Полицијата истражува“.
Инцидентот се случи во време кога Полска е во состојба на зголемена готовност откако група руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на земјата минатата недела, анализираат медиумите во регионот.
Туск предупреди тогаш дека тоа е „најблиску што сме дошле до отворен конфликт од Втората светска војна“.
Фото: принтскрин