Свет
Кина: Екстремистите се тренирани во странство
Кинеските власти во понеделник соопштија дека муслиманските верски екстремисти чии водачи се обучувани во терористички кампови во странство, се одговорни за нападот во покраината Синџијанг во западниот дел од земјата во кои беа убиени шест лица.
Кинеските власти во понеделник соопштија дека муслиманските верски екстремисти чии водачи се обучувани во терористички кампови во странство, се одговорни за нападот во покраината Синџијанг во западниот дел од земјата во кои беа убиени шест лица. Во нападот од неделата во градот Кашгар, деветмина напаѓачи упаднаа во ресторан и ги убија сопственикот и еден келнер, а потоа на улицата пред локалот избодеа до смрт четири лица, пренесува во понеделникот агенцијата Синхуа.„Зад нападот стои група верски екстремисти на чело со водачите коишто се обучувани во странство“, ги пренесува кинеската државна агенција зборовите на неименуван висок кинески функционер.Според истрагата на полицијата, дојдено е до сознанија дека водачите на групата биле обучувани за користење експлозиви и огнено оружје во Пакистан, во камп на сепаратистичкото исламистичко движење Источен Трукменистан, пренесува Синхуа. Четворицата осомничени беа убиени од страна на полицијата во градот Каши (или Кашгар) во Синџијанг, во Ујгурскиот автономен регион, во северозападна Кина во неделата попладне.Четири други лица биле уапсени, а кинеската полиција организираше операција за откривање и апсење на уште други четири припадници на групата напаѓачи кои покрај убиствата ранија и десетмина пешаците и полицајци.Локални извори претходно за агенцијата изјавија дека три лица загинале од експлозијата на местото на настанот, но очевидци велат дека жртвите биле избодени до смрт.Нападот се случи откако во саботата навечер најмалку седум лица беа убиени од страна на неидентификувани напаѓачи во истиот град Синџијанг . Тогаш двајца осомничени грабнаа камион избодувајќи го до смрт возачот прегазувајќи пешаци. Двајцата напаѓачи потоа скокнале од камионот и се изгубиле меѓу минувачите. Пред две седмици дваесет лица припадници на ујгурското малцинство во Кина беа убиени во судирите со полицијата во градот Хотан, во областа на Синџјанг, во северозападниот дел од земјата. Според кинеските власти, двајца полицајци и двајца „заложници“, како и неодреден број напаѓачи се убиени во понеделникот при напад на полициската станица во градот Хотан. Според Ујгурскиот светски конгрес, пак, кој се повикува на свои извори во областа Синџијанг, насилството избило кога група Ујгури се обидела да грабне полицајци за да ги разменат за уапсени припадници на нивните семејства. Во текот на судирот, кинеските безбедносни сили на смрт претепале 14 демонстранти а шестмина убиле со куршуми истакна Ујгурскиот светски конгрес чие седиште се наоѓа во Германија. Серијата крвави инциденти во покраината Синџијанг се поголемите во последната година. Покраината која зазема една шестина од вкупната државна територија на Кина граничи со Авганистан, Пакистан, Индија и Централната Азиска Република, а богата е со нафта, гас и јаглен. Автохтоното население е туркофони муслимани Ујгури, но во децениите населување на покраината со мнозинскиот кинески народ Хан од другите делови на Кина, денес во Синџианг Ујгурите се помалку од половината од населението.Постојаните тензии поради големите рестрикции на ујгурската јазична, културна и верска автономија кулминираа во јули 2009 година, кога во насилните судири меѓу Кинезите од народот Хан и етничките Ујгури, загинаа околу 200 луѓе. Од тогаш кинеските власти погубија девет лица осудени за поттикнување на насилни судири., уапсени и кривично гонети се стотици други, а безбедносните мерки се заострени во целата покраина./крај/син/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.

