Македонија
Одбиена тужбата против државата за загадувањето од велешката Топилница
Тужбата на Општината и Зелената коалиција против Државата за тридецениското загадување на Велес од Топилницата по тригодишно судење за судиката Билјана Јачева е неоснована.
Тужбата на Општината и Зелената коалиција против Државата за тридецениското загадување на Велес од Топилницата по тригодишно судење за судиката Билјана Јачева е неоснована.
Денеска таа обелодени дека тужбеното барање го отфрла, но не образложи на што ја темели својата одлука. Тоа ќе го сторела во писмена форма и во законски определениот рок ќе им го доставела на странките во спорот.
На ваквата одлука на судот реагираа тужителите. Велат дека ова нема да ги обесхрабри и дека правдата ќе ја бараат во повисоките судови во Македонија и меѓународните институции.
„Ова не е пораз за нас. На виделина ја изнесовме вистината за сето она што на велешани им го направи Топилницата. Раните од отровите се длабоки. Ги повикувам сите граѓани како и порано и сега да ни се придружат да истраеме во битката за здрава животна средина“, рече Далиборка Златева, Здружените на родители на деца заболени од церебрална парализа.
„Никој нема право па дури ни судот да дава легитимитет да биде рестартирана Топилницата. Оваа одлука нема да нè запре. Вистината ќе ја бараме кај повисоките судови. Факт е дека велешани се оштетени по здравјето, бидејќи трагите од Топилницата сè уште се присутни“, рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора.
Тужителите, општината и Зелената коалиција бараа од државата да се потврди загадувањето во градот од Топилницата, да се отстрани еден и пол милиони тони згура од депонијата и да се деконтаминира почвата.
За таа цел судот побара да се направат вештачења. Првото вештачење тужителите успеаја да го направат со средства од донатори, но второто, за кое беа потреби педесет илјади евра не го направија. Наместо вештачење тужителите на судот му ја доставија студијата на професорот Стафилов од Природно-математичкиот факултет, која се однесува на загаденоста на почвата во Велес, и за која доби 11 ноемвриска награда, но судот ја одби.
За велешани неприфатлива е ваквата судска разврска. Велат дека крајно време е Државата преку своите институции да признае дека Велес е еколошка жртва на работењето на Топилницата, но и да недозволи комбинатот повторно да проработи. За жртвите од тридецениското загадување на водата, воздухот и почвата, но и за жителите со нарушено здравје поради живот во загадена средина никаква пресуда не може да ја покрие вистината за еколошката трагедија на Велес. /крај/дктв
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

