Македонија
Родител на убиен во Смилковци: Судењето ќе се влече, уште многу ќе се влече
Продолжи судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро, но без новиот уапсен, Сами Љута и без двајцата првообвинети за масакрот, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои одлежуваат затворска казна за нелегално поседување на оружје во Косово и се уште е неизвесно дали ќе бидат екстрадирани во Македонија.
На денешното рочиште присуствува татковците на две момчиња кои беа убиени на 12 април, на Велики четврток минатата година. Велат дека не се многу запознаени со постапката, очекуваат обвинетите да бидат екстрадирани, но не веруваат дека постапката ќе се заврши за брзо.
„Ова ќе се влече, уште многу ќе се влече“ вели таткото на Филип Славковски, едно од момчињата кои беа убиени во масакрот.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи изјави дека обвинителството треба да одлучи што ќе се случи со новиот уапсен за смилковскиот масакар, Сами Љута, откако ќе заврши истражната постапка. Според него, обвинителството треба да одлучи дали Љута треба да се приклучи кон постапката во овој тек или процесот ќе почне од почеток.
Според него и за овој обвинет нема докази, а не им бил дозволен увид во доказите и во „опел омегата“ каде беа пронајдени траги од првообвинетиот Алил Демири.
На денешното рочиште сведочеше Шукрие Сејдија, мајката на обвинетиот Рами Сејди. Судијата ја прашуваше од каде е по потекло, колку браќа и сестри има, да ги наброи нивните имиња како и за нејзиното моминско презиме. Немаше прашање, каде бил обвинетиот на кобниот 12 април 2012 година.
Во келијата на обвинетиот Фејзи Азири во затворот во Битола бил пронајден мобилен телефон „нокиа“ со три сим картички, па судијата го опомена да се однесува пристојно во затворот.
Азири тврдеше дека телефонот не бил негов, туку на неговиот цимер во келијата и се пожали дека надзорниците во затворот се однесувале некоректно. Азири се пожали дека кога ги спроведуваат од затворот во судот им ги врзуваат рацете со лисици од позади и 200 километри минуваат со лисици коишто им прават и рани.
Азири е особено незадоволен од денешниот транспорт бидејќи биле седнати на подот на транспортното возило, а задното седиште било слободно. „Ова е некоректно и нехумано однесување“ рече Азири.
Посета им била забранета и на претставници од „Црвениот крст“ кои сакале да ги посетат обвинетите, но судијата му објасни дека посетата им била дозволена, но претставниците на Црвен крст не прифатиле посета под условите кои ги поставил судот.
Судењето ќе продолжи на 24 септември. Засега во судница се четворица од вкупно седуммина обвинети за смилковскиот масакр. Двајца се на Косово, а Сами Љута беше уапсен минатата недела. Тој се сомничи дека чувал стража за време на злосторството кај Смилковци кога беа убиени четири момчиња од Радишани и еден рибар од Црешово./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

