Македонија
Тоше Проески загинал при ударот во камионот
Македонскиот пејач Тоше Проески загинал во моментот кога неговото возило удрило во камионот, а не при ударот на Туарегот во заштитната ограда
Македонскиот пејач Тоше Проески загинал во моментот кога неговото возило удрило во камионот, а не при ударот на Туарегот во заштитната ограда.
Ова за хрватскиот весник Вечерњи лист го изјави сообраќајниот вештак Дарко Коњевиќ од Славонски Брод, кој го изврши увидот на местото на несреќата утрото околу 6 часот и 30 минути на 16 октомври 2007 година, кога загина балканската поп икона Тоше Проески на автопатот Загреб-Липовац, во близина на Нова Градишка.
Предната десна страна на возилото во кое беше Тоше Проески, поради силината на ударот, навлегла под камионот во должина од 2,2 метри и силно го притиснала Туарегот меѓу вратата и предното стакло на местото на кое Тоше Проески се наоѓал во полулежечка положба и врзан со појасот, вели Коњевиќ
Тоше Проески, според вештакот, загинал во тој момент, а неговиот возач и пријател Георги Гергиевски беше тешко повреден, додека менаџерката Љиљана Петровиќ мина со полесни повреди.
Возилата така закачени продолжиле да се движат уште неколку десетини метри, а кога брзината на движење на приколката на камионот и на туарегот се изедначиле, приколката го отфрлила автомобилот на страна по што туарегот се завртел за 180 степени и со десната страна удрил во средишната одбојна ограда и застанал свртен во спротивен правец.
„Пејачот Тоше Проески не настрада од ударот во заштитната ограда, туку при удар во задниот дел на приколката“, тврди вештакот Коњевиќ.
Од друга страна во автомобилот комплетно откажал системот за заштита, бидејќи ниту едно од седумте воздушни перничиња не реагираше на страотниот удар во задниот дел од приколката на италијанскиот камион.
Имено, непосредно по несреќата ја тестиравме управувачката единица која ги координира сите воздушни перничиња и се зачудивме кога сфативме дека тој управувачки механизам воопшто не добил информација дека се случил судирот, раскажува Коњевиќ.
Тоа е чудно, а и веќе при првиот контакт со приколката на туарегот буквално му отпаднало предното тркало, пресечено од задната метална страница на приколката, додава вештакот.
Во својот извештај напишав дека причина за несреќата е недоволно странично растојание, вели сообраќајниот вештак Дарко Коњевиќ, додавајќи дека Туарегот можел да вози и 200 километри на час, а доколку се движел по левата страна на коловозот, ништо не би се случило.
Клучна и основа алка во целиот настан е што туарегот претходно на десната лента почнал да се приближува до поспоро возило пред себе, но не почнал навреме да ги престигнува возилата пред себе, рече за Вечерњи лист, вештакот Дарко Коњевиќ од Славонски Брод, кој за 32 години работа вештачел над 17 илјади сообраќајни несреќи во Хрватска./крај/вл/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: ИКТ индустријата со вложување во образованието, инвестира во кадри што ѝ се потребни
ИТ секторот има огромен потенцијал за раст, но и значајна општествена моќ да придонесе за унапредување на образовниот систем и подготовка на идните генерации. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на панел дискусијата „Кој ќе ја кодира иднината? – Едукација, кадар и потребите на ИКТ индустријата“, што се одржа во рамки на 20-та годишна конференција на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.
Министерката нагласи дека новата Стратегија за образование 2026–2032 става силен фокус на развојот на дигиталните вештини кај младите, при што во периодот што следи очекува засилена поддршка од ИТ индустријата.
„Образованието е заедничка општествена одговорност. ИТ секторот има моќ, може и треба да помогне во неговиот развој“, рече Јаневска.
Таа потсети дека министерството во изминатата година и половина работеше на интегрирање на вештачката интелигенција во образованието. Притоа е подготвено упатство за етичка примена на ВИ алатките за наставници, стручни соработници и ученици, а се организирани и бројни обуки за наставниот кадар.
Укажа дека постои дигитален јаз помеѓу училиштата во различни региони – резултат на нерамномерни вложувања во минатото, што пак влијае децата да имаат и различно ниво на дигитални знаења.
„Нашата цел е тој јаз да го намалиме со оптимизација на училишната мрежа и со нови инвестиции. Со оптимизацијата, учениците од помали подрачни училишта ќе се приклучуваат кон најблиските поголеми или кон централните училишта со подобри услови, во кои има интерактивни табли, современи компјутери, проектори, безбеден интернет и слично. Во 2024 и 2025 година, Министерството веќе ја подобри ИТ инфраструктурата во 100 училишни објекти и овој процес ќе го продолжиме и во 2026та“, рече Јаневска.
И покрај очекуваното зголемување на буџетот за образование и следната година, министерката порача дека секоја дополнителна поддршка од бизнис заедницата е добредојдена, особено кога станува збор за дигитализација на училиштата.
Министерката најави и дека очекува компаниите од ИКТ индустријата, заедно со образовните и научните установи, да се вклучат во формирањето на првиот научно-технолошки парк во државата – место каде што науката и бизнисот ќе создаваат иновации и ќе реализираат проекти од национален интерес.
На панел дискусијата, покрај министерката, учествуваа и деканите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Петре Ламески, и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), проф. д-р Благој Ристевски.
Македонија
Исени: „Потребни се силна превенција, брза реакција и меѓународно партнерство“
Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, денеска учествуваше на петтиот состанок на Неформалната платформа за намалување на ризици од катастрофи што се одржа во Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваа амбасадорот на Австрија Мартин Памер, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, амбасадори и претставници на меѓународните организации.
Во своето обраќање, Исени нагласи дека Министерството за внатрешни работи го смета учеството во платформата како важна одговорност и можност за унапредување на националните капацитети во управувањето со ризици. Тој потенцира дека климатските фактори, технолошките промени, сајбер предизвиците и хибридните закани бараат координиран и модерен систем на делување.
Посочи дека изминатата година државата се соочи со сериозни пожари, како и трагедијата во Кочани која уште еднаш ја потврди потребата од брза и сигурна институционална реакција. Притоа, ја нагласи важноста од зајакнување на превентивните механизми, подобрување на оперативните капацитети и вложување во човечки и технички ресурси.
Како позитивен пример за меѓународна соработка го истакна учеството на Северна Македонија во Европскиот механизам за цивилна заштита – UCPM, преку кој државата доби значајна помош во справување со пожарите. Дополнително информираше дека е во тек модификација на над 40 специјализирани возила на армијата и полицијата за гаснење пожари на тешко достапни терени.
„Министерството за внатрешни работи останува целосно отворено за предлози, поддршка и техничка помош кои ја унапредуваат ефикасноста, транспарентноста и современиот пристап во системот за намалување на ризици од катастрофи“, истакна Исени. Тој додаде дека само со обединети напори и стабилни партнерства државата може да изгради систем кој ќе биде пример во регионот.
Упати благодарност до меѓународните партнери за континуираната поддршка и ја изрази подготвеноста на МВР за уште поинтензивна соработка во наредниот период.
Македонија
Муцунски во Брисел: Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел. На состанокот, министрите разговараа за имплементацијата на одлуките донесени на Самитот во Хаг, зајакнувањето на колективната одбрана и одговорот на современите безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, Муцунски ја нагласи важноста од долгорочен и стратешки пристап на Алијансата, како и потребата од единство меѓу сојузниците во насока на одржлива политичка волја, фер распределба на товарот и колективна посветеност. Тој укажа и на потребата од заеднички пристап за постигнување долгорочно и заемно прифатливо мировно решение, преку конструктивниот дипломатски процес отпочнат од САД и Украина, со поддршка на партнерите.
Министерот истакна дека Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ, при што ваквиот усогласен и стратешки ангажман ќе придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури.

