Македонија
Драстичен пад на индексите-прометот значително зголемен
Остар пад на водечкиот индекс на Македонска берза од 5,92 отсто, при значително зголемен промет ја окарактеризира берзата во понеделникот.
Остар пад на водечкиот индекс на Македонска берза од 5,92 отсто, при значително зголемен промет ја окарактеризира берзата во понеделникот.
Прометот при денешното тргување на берзата изнесуваше 30.267.960,50 денари што значеше неколку кратно зголемување во однос на претходните неколку денови. За разлика од претходните денови кога вредноста на индексите беше стабилна, овој пат имаше драстична промена на трендот.
Според берзанските аналитичари, овие движења се најверојатно последица од слабите финансиски резултати кои ги прикажаа некои од домашните водечки акционерски друштва. Поголем дел од прометот беше остварен со обичните акциите додека прометот со државните обврзници изнесуваше само 1.120.809,50 денари.
МБИ10 забележа остар пад од 5,92%, а неговата вредност се спушти на ниво од 3.231,95 индексни поени што значеше намалување од 203,22 поени на дневно ниво. МБИД исто така забележа пад од 5,09%, а вредноста затвори на 3.296,50 индексни поени. ОМБ не ја промени својата вредност и остана ниво од 106,39 индексни поени.
На официјалниот пазар прометот изнесуваше 22.598.725,50 денари, а беше реализиран преку 227 трансакции. Прометот на редовниот пазар изнесуваше 7.669.235,00 денари.
За разлика од нашата, како и од берзите од балканското подрачје, светските берзи бележат раст, како резултат на падот на доларот при што се врши притисок врз побарувачката за хартии од вредност и стоки. Исто така и вредноста на златото остварува рекорден пораст како резултат на ниската вредност на доларот. Комерцијална Банка Скопје доминираше со својата ликвидност на официјалниот пазар, позиција која ја држи веќе неколку денови по ред. Вкупниот промет со оваа акција изнесуваше 6.558.131,00 денари. Просечната цена од 3.349,40 денари значеше намалување од 3,53%. Ценовниот распон се движеше од 3.250,00 денари до 3.451,00 денари. Истргувани беа 1.958 акции кои беа реализирани преку 41 трансакции. Втора според ликвидност се истакна акцијата на Алкалоид Скопје, а прометот изнесуваше 4.824.701,00 денари. Со просечната цена од 5.520,25 денари беше остварен длабок пад од 5,54%. Распонот на цената се движеше од 5.480,00 денари до 5.601,00 денари за една акција. Истргувани беа 874 акции преку 42 трансакции. Гранит Скопје беше акција која исто така беше под влијание на негативниот тренд, а остварениот промет изнесуваше 3.468.114,00 денари. Со цената од 828,11 денари, намалувањето изнесуваше 6,95%. Истргувана беше количина од 4.188 акции. Од редовниот пазар најмногу се тргуваше со Тутунска Банка Скопје со која се оствари промет од 2.876.000,00 денари. Дневниот пад изнесуваше 5,38% а остварена беше просечна цена од 4.825,50 денари. Истргувани беа 596 акции кои се реализираа преку 13 трансакции. Комуна АД Скопје објави неревидиран биланс на успех за период 01.01. – 30.09.2009 година. За првите девет месеци објавена е нето добивка од 27.843.000,00 денари која е помала за 3,4% од добивката за истиот период од мината година кога изнесувала 28.834.000,00 денари. Жито Лукс АД Скопје објави неревидиран биланс на успех за период 01.01. – 30.09.2009 година. За првите три квартали од тековната година остварена е загуба од 99.222.000,00 денари, за разлика од претходната година кога за истиот период беше остварена нето добивка од 85.826.000,00 денари. Загубата за третиот квартал од тековната година изнесува 23.143.000,00 денари и е за 14,9% помала во однос на загубата остварена во третиот квартал од претходната година кога изнесувала 27.186.000,00 денари. Пет најтргувани хартии од вредност1. Комерцијална Банка Скопје2. Алкалоид Скопје3. Гранит Скопје4. Тутунска Банка Скопје5. Раде Кончар Скопје Хартии од вредност со најголем пораст 1. ОКТА Скопје 5,97%2. Фершпед Скопје 2,37%3. Скопски Пазар Скопје 0,97% Хартии од вредност со најголем пад1. Жито Лукс Скопје 41,72%2. Макошпед Скопје 19,85%3. Стопанска Банка Скопје 14,69%4. Стопанска Банка Битола 14,27%5. Раде Кончар Скопје 13,56%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

