Македонија
Независен судски совет за независни судии
Висок судски совет, кој што е независен, од мешан состав, со судии избрани од фелата од самите колеги и економска независност на судиите
Ова се дел од препораките за независност на судиите кои ги препорача судија од Врховниот суд на Португалија, Орландо Алонсо, кој денеска учествуваше меѓународната конференција „Улогата на судиите во извршувањето на судските одлуки во граѓанска, управна и кривична област, во рамки на Македонското претседателство со Советот на Европа.
„Доколку кај еден судија има на располагање висок судски совет, тогаш тој не е тој , кој што треба да биде под било каков притисок на политичките власти , нема потреба било кој судија да биде под притисок на политичките власти“ вели Алонсо во врска со политичкиот притисок врз судиите во Македонија.На конференцијата, како што истакна министерот Михајло Маневски станало збор за извршувањето на судските одлуки.„На оваа средба денеска и од моја страна и од претседателот беа информирани судиите за реформите што се случуваат во судскиот систем во Македонија, тука би можел да ви кажам дека во Македонија со брзи чекори се оди напред во спроведувањето на судските реформи. Потврда за тоа е најновиот извештај од 2010 година кој што го извршија експерти ангажирани во Европската унија,кои што заклучија дека стратегијата за судските реформи во Македонија е спроведена, донесени се сите закони, што се однесува до самостојноста и независноста на судиите, навистина се постигнати импресивни резултати“, смета Маневски.Од идниот месец најави имплементација на повеќето закони кои се донесени.Она што е најзначајно во законот на судскиот совет, како што рече Маневски е тоа што во основните судови од 2012 ќе бидат примани само кандидати кои ќе ја завршат академијата за судии и јавни обвинители.„Една од главните измени во законот за судскиот совет ќе биде утврдувањето на критериумите за оцена на судиите во законот , а не во правилникот бидејќи тоа е законска материја. Секако дека законот е гаранција за остварувањето на функцијата во оцена на судиите од страна на судскиот совет“ изјави Маневски,
Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски со реформите ќе се намалат големиот број на предмети во судовите. „Со реформите од 1 јули судовите во најголем дел ќе се ослободат од извршувањето на судските одлуки, таа работа целосно преминува во надлежност на извршителите со тоа што ќе се намали огромниот број на предмети кои непотребно се таложеа со години во судовите“ вели Вангеловски. Во извештајот од анкетите на ОБСЕ судиите се жалат дека власта ги притиска и оти во секојдневната работа се изложени на обиди за остварување на влијанија, особено од извршната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

