Свет
Прекината операцијата за чистење на контаминираната вода во Фукушима

Операторите на нуклеарната централа во Фукушима ја прекинаа операцијата на „чистење“ на контаминираната вода само неколку часа од нејзиниот почеток, бидејќи дошло до брз пораст на радијацијата.
Операторите на нуклеарната централа во Фукушима ја прекинаа операцијата на „чистење“ на контаминираната вода само неколку часа од нејзиниот почеток, бидејќи дошло до брз пораст на радијацијата. „Пресметката со радиоактивната вода е клучен чекор во разрешувањето на кризата во Фукушима“, изјави за Би-Би-Си дописникот од Токио. Со оглед на фактот дека во Јапонија почна сезоната на дождови, постои опасност базените со радиоактивна вода да се прелеат, што дополнително го зголемува нивото на радијација што веќе е испуштена во морето. Околу 110.000 тони вода е собрано во обидот да се разладат проблематичните реактори. Портапролот на ТЕПКО рече дека инженерите работат забрзано за да ја откријат причината за порастот на нивото на радијацијата. „Радијацијата кај апаратот за впивање на цезиумот порасна побрзо од нашите првични очекувања“, рече портпаролот на ТЕПКО, при тоа додавајќи дека операцијата на чистење нема да продолжи додека не се открие причината за зголемената радијација. /крај/ббц/ин/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина: Подготвени сме денеска да потпишеме клучен договор со Америка

Украина е подготвена да потпише договор за минералите со САД и тоа би можело да го направи подоцна денеска, изјави извор од украинската влада за Ројтерс.
„Мислам дека договорот би можел да биде потпишан можеби доцна навечер“, рече изворот.
Украинските власти се надеваат дека потпишувањето на договорот што го промовираше американскиот претседател Доналд Трамп ќе помогне да се зајакне американската поддршка за Киев во војната предизвикана од руската инвазија пред повеќе од три години.
Првиот вицепремиер на Украина Јулија Свириденко патува во САД за да го потпише договорот, додаде извор од украинската влада.
Двете страни потпишаа меморандум на 18 април како прв чекор кон постигнување договор за експлоатација на минералните суровини во Украина. Во меморандумот велат дека имаат намера до 26 април да ги завршат преговорите и што поскоро да го потпишат договорот.
Два дена подоцна, украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека Киев и Вашингтон се договориле претходната американска помош за Украина да не биде вклучена во договорот за минерали. За време на патувањето во САД минатата недела, Шмихал се состана со американскиот секретар за финансии Скот Бесент и рече дека има добар напредок во врска со договорот.
Шмихал, исто така, рече дека Киев јасно ги дефинирал своите граници во договорот, имајќи ги предвид обврските на Украина во Европа и украинските закони.
Регион
Третата најголема партија во Бугарија потпиша соработка со партијата на Путин

Националистичката бугарска партија „Преродба“ потпиша договор за соработка со владејачката партија на Руската Федерација „Единствена Русија“. Ова се случи и покрај фактот што Русија официјално ја прогласи Бугарија за непријателска држава по почетокот на сеопфатната инвазија на Украина, дознава „Еурактив“, а пренесува УНН.
„Договорот предвидува размена на искуства, идеи и политичка пракса меѓу двете партии и претставува важен позитивен чекор кон обновување на целосните бугарско-руски односи“, наведуваат од партијата „Преродба“.
Договорот го потпишаа заменик-претседателот Цончо Ганев, кој е и потпретседател на Народното собрание и Владимир Јакушев – заменик претседател на Горниот дом на Државната дума на Руската Федерација.
Како што пишува УНН, „Преродба“ нема ништо против тоа што Русија ја прогласи Бугарија за непријателска држава по почетокот на војната во Украина и продолжува да ги одржува односите со владејачката партија.
Според достапните информации, „Преродба“ е третата по големина партија во бугарскиот парламент: по изборите во октомври 2024 година има 33 мандати од вкупно 240. Партијата отворено се противи на членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, се залага за неутралност во војната на Русија против Украина и шири проруски наративи на социјалните мрежи.
Претходно таа неуспешно се обиде да организира референдум за забрана на воведувањето на еврото.
Исто така, оваа партија влезе во бугарскиот парламент благодарение на нејзиниот цврст став против вакцините и карантинот за време на пандемијата на Ковид.
Свет
Најмалку тројца мртви во Шпанија поради невидениот прекин на струја

Најмалку три лица загинаа во Шпанија во инцидент поврзан со невиден прекин на струја што ја парализираше земјата во понеделникот, потврди Цивилната гарда за Би-Би-Си.
Според шпанските медиуми, станува збор за членови на семејство од северозападната општина Табоаделе. Полицијата истражува дали труењето со јаглерод моноксид од неисправен генератор на струја имало улога во нивната смрт, но Цивилната гарда не може да открие други детали.
Властите се уште се обидуваат да утврдат што го предизвикало затемнувањето што во понеделникот предизвика хаос низ Шпанија и Португалија. Според информациите на мадридскиот дневен весник Ел Паис, тројцата починати од Табоадела се брачна двојка и нивниот возрасен син. Нивните тела ги пронашла негувателката вчера наутро, пишува Ел Паис.
Други смртни случаи се под истрага, вклучително и онаа на жена во Мадрид која загина во пожар за кој постои сомневање дека е предизвикан од свеќа користена за време на прекинот на струја, објавија локалните медиуми. Жена на возраст од околу педесет години е пронајдена мртва во понеделникот вечерта, откако избувнал пожар во зграда во областа Карабанчел во градот.
Тринаесет лица побарале лекарска помош поради вдишување чад, а пет од нив завршиле во болница, соопшти градската канцеларија за итни интервенции.
Во меѓувреме, според медиумите, во Валенсија починала жена на возраст од четириесет години, но шпанските медиуми не се согласуваат за причината за нејзината смрт. Локалната полиција соопшти дека жената, која имала проблеми со белите дробови, починала откако нејзиниот вентилатор престанал да работи за време на прекинот на електричната енергија, според извештаите на медиумите.
Сепак, Ел Паис пренесува изјави од регионалната здравствена служба во која се наведува дека жената имала повеќе здравствени проблеми и починала од природна смрт. Затемнувањето предизвика огромни прекини низ Шпанија и Португалија, а делови од Франција исто така беа делумно погодени.
Во Шпанија и Португалија, семафорите престанаа да работат, метро-системите запреа, а продавниците не можеа да примат картички, што предизвика долги редици на неколкуте банкомати кои сè уште работеа. На почетокот паднаа и мобилните мрежи, па на многумина им беше тешко да добијат информации.