Свет
Суетите посилен противник од корупцијата
Стагнира битката против корупцијата, бидејќи органите на прогонот сами се доведоа во ќор-сокак, поради меѓусебната нетрпеливост и несоработка, која се претвори во судир на суети.
Александра М. Митевска
Стагнира битката против корупцијата, бидејќи органите на прогонот сами се доведоа во ќор-сокак, поради меѓусебната нетрпеливост и несоработка, која се претвори во судир на суети. Ваква е генералната оцена на политичката и на стручната јавност, откако државниот јавен обвинител Александар Прчевски повторно го разгоре судирот меѓу Обвинителството и Антикорупциската комисија со обвинувања дека и во нејзините редови има злоупотреби и конфликт на интереси.
Пикантериите што ги изнесе Прчевски пред собраниската комисија за политички систем ги испровоцираа членовите на комисијата за борба против корупцијата, кои вчера заеднички заклучија дека јавниот обвинител со своите непрофесионални и непринципиелни изјави настојува да го дефокусира вниманието од неповолните ефекти што ги постигнал во битката против корупцијата. „Антикорупционерите“ сметаат дека ставовите на Прчевски се паушални, субјективни и тенденциозни и дека тој се обидува да врши притисок врз нив. Тие бараат јавниот обвинител, ако навистина располага со докази против нив, да поведе кривична постапка наместо да калкулира со неиздржани клевети и инсинуации.
– Однесувањето на Прчевски е недолично за еден државен функционер – ни изјави вчера Слаѓана Тасева, откако Прчевски посочи дека таа била на повеќе функции и дека изнесувала неаргументирани обвинувања и за работи што не се во нејзина надлежност.
Тасева вели дека не и е јасно како обвинителот не знае дека директор на полициска академија не е функција, туку работно место, бидејќи членовите на Антикорупциската комисија не се вработени во неа.
– Нашата работа по дефиниција не и се допаѓа на власта. Ама и народниот правобранител имаше забелешка на соработката со обвинителот, така што се поставува прашањето како тогаш да се остварува контрола врз државните институции. Од Прчевски баравме само да не информира што се случува со предметите што му ги доставуваме, ама тој одби секаков контакт – вели Тасева.
Таа признава дека има и случаи што добиле разврска, ама тоа главно биле предмети што се доставувани до основните јавни обвинителства.
Драган Малиновски, актуелниот претседател на Антикорупциската комисија, најавува кривична пријава против Прчевски, бидејќи го споменувал како бранител во некои предмети за кои, наводно, имало конфликт на интереси.
– Не бараме од него да ни се отчитува, туку само да одговори што се случува со нашите предмети, бидејќи на тоа е законски обврзан. Не знаеме до каде се тие предмети, односно за тоа дознаваме само преку медиумите – објаснува Малиновски.
Со последните измени на Законот за борба против корупцијата, комисијата доби статус на правно лице, со посебен буџет и со можност да формира секретаријат во кој би работеле до 25 државни службеници. Од следниот мандат членовите на комисијата ќе бидат професионално ангажирани на пет години и се оценува дека со тоа ќе се намалат можностите за конфликт на интереси.
Комисијата нема надлежност да поведува истраги и обвиненија против сторители на криминал, туку може само да го иницира тоа пред надлежните органи. Во комисијата велат дека во други земји има и комисии со поголеми надлежности, па дури и со овластување да приведуваат, ама дека тоа во Македонија не е потребно, туку дека е доволно секој да си ја врши својата работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

