Македонија
Зголемено полициско присуство на Кале

Зголемено присуство на полицијата на скопско Кале по вчерашниот инцидент, во кој беа повредени осум лица, меѓу кои двајца беа полицајци.
Полицајци имаше уште на мостот Гоце Делчев, а спорниот објект на Кале го обезбедуваа и специјалци.
На Фејсбук групите сè уште е присутна интернет војната меѓу двете спротивставени групи, а една од нив најавува повторно протест во сабота.
Мирните протести на скопското Кале вчера се претворија во инцидент. Двете спротивставени групи кои сакаа да го искажат своето незадоволство од изградбата и од рушењето на Црквата-музеј бесот го истурија со канонада од камења кои ги фрлаат едни кон други.
Најпрво беше закажан мирен протест на навивачката група „Комити“. Тие одбија да дадат изјава за медиумите и да кажат зошто се тука. На конструкцијата од музејската црква поставија знаме со сонцето од Вергина, но за кусо време го тргнаа.
За еден час подоцна беше најавен и мирен протест на група Албанци, претставници на невладини организации.
Двете групи истовремено се најдоа на скопското Кале, по што избувна тешкиот инцидент. На Калето вчера беше присутен и заменик министерот за внатрешни работи, Џеват Бучи и пратеникот на ДУИ, Сафет Незири.
Од полицијата засега не соопштуваат дали има приведени за инцидентот, се прегледуваат снимките на полицијата и медиумите. Повеќе информации најавуваат за подоцна. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема недопирливи и заштитени поединци

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, времето „како до сега“ заврши, и почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој треба да го почитува. Во партиското соопштение се наведува дека нема недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, ниту предмети во фиока и заташкувања на случаи.
Како пример, се посочува случајот со бившиот началник од Демир Хисар, кој беше експресно разрешен поради недолично однесување при извршување на работните активности, а против него е покрената и дисциплинска постапка.
Во соопштението се нагласува дека ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието и кршењето на законот немало во времето на Заев, Спасовски и Ахмети, кога се апсеа само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните шерифи од нивните редови биле заштитени.
Се наведува дека тогашните служби покажувале сила единствено кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања по домови без судска дозвола и политички терор.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши ќе одговара без разлика на позицијата што ја извршува.
Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)