Македонија
Собранието доби преодна оценка од граѓаните
Оценката на граѓаните за работата на нивните претставници во македонскиот парламент е 2,4.
Ова го покажа телефонската анкета спроведена во периодот од 11 до 16 ноември оваа година меѓу 1.105 испитаници.
Анкетата чија цел беше да се измерат перцепциите на граѓаните на земјава за работата на Собранието ја спроведе Институтот за демократија во рамките на проектот за зајакнување на капацитетите на Парламентот на Венстминстер фондацијата за демократија.
Во однос на анкетите од јануари 2010 и јули 2009 се забележува намалување на средната оценка за работата на Собранието.
Според Владимир Мисев од Институтот за демократија кој ги презентираше резултатите од истражувањето тоа е причина од последните настани што се случуваа во Парламентот почнувајќи од првојулскиот инцидент и бојкотот на работата на Парламентот од страна на одредени опозициски партии.
Тој предупреди дека телефонските анкети мора да се земат малку со резерва и оти следните истражувања на јавното мислење најверојатно ќе бидат направени теренски.
Анкетата покажува дека најголем скок во позитивна насока во однос на јануарската анкета има оценката за водењето на седниците од страна на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Дури 49,2 отсто од анкетираните се изјасниле позитивно за работата на спикерот Вељаноски, што претставува скок од 15 отсто во однос на јануари 2010 кога процентот изнесувал 35 отсто. Негативно за работата на спикерот се изјасниле 34 отсто од анкетираните, а без одговор биле 16,7 отсто.
Граѓаните оценуваат дека работата на Парламентот како делумно ефикасна – 41,6 отсто, а исто така висок е процентот и на оние кои се изјасниле дека таа целосно не е ефикасна – 26,7 отсто.
Граѓаните негативно ја оцениле работата и дискусиите на пратениците на пленарните седници и комисиските расправи и оти поголема иницијативност треба да покажат преку изготвување и предлагање на закони.
Поголем дел сметаат дека пратениците од нивната изборна единица не се достапни за нив и оти не се покренуваат иницијативи за проблемите со кои се соочува општината од каде што доаѓа избраникот.
Мисев смета дека во однос на достапноста на пратениците до граѓаните оценката се уште е негативна, но зголемување на процентот во однос на анкетите правени во јануари оваа година и лани се зголемува што претставува охрабрување.
На прашањето дали сметате дека Собранието е отворено за јавноста, 55 отсто од испитаниците одговориле позитивно, додека 37,4 отсто сметаат дека тоа не е отворено за јавноста.
За контролата на Собранието врз Владата 54 отсто од граѓаните сметаат дека таа е мала, 30 отсто сметаат дека таа е соодветна, а само 8,2 отсто дека таа е голема.
Анкетираните сметаат дека собраниските комисии треба да вршат надзор врз спроведувањето на законите од страна на министерствата.
Речиси 87 отсто од анкетираните сметаат дека комисиите во Собранието треба да вршат надзор врз спроведувањето на законите од страна на министерствата. 55,8 отсто од анкетираните ценат дека во последните месеци комисиите имаат значајна улога во работата на Собранието, додека 32,5 отсто одговориле со „не“.
Граѓаните одговориле дека делумно ја следат работата на комисиите во Собранието – 48,3 отсто, но висок е и процентот на оние коишто воопшто не ја следат – 43,2 отсто.
Македонските граѓани ретко имаат навика да гледаат собраниски канал и сметаат дека информациите кои ги добиваат преку медиумите им се доволни за да бидат во тек со најважните законски промени.
Дека се запознати со работата на Собранието на Република Македонија одговориле 51,5 отсто од испитаниците, а дека не се 46,6 отсто.
Проектот за зајакнување на капацитетите на Собранието кој се спроведува од страна на Вестминстер фондацијата за демократија како што информираше раководителот на програмата Емил Атанасовски е поддржан од страна на Британската амбасада во македонија./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За возачките дозволи, државата мора да создаде услови што нема да ги оштетат ранливите заедници, порачува Мрежата за заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација реагира на јавниот дискурс поврзан со прашањето за управување со моторни возила и неговата трансформација во, како што наведуваат, сензационализирана дебата проследена со говор на омраза и стигматизација.
Од Мрежата посочуваат дека почитувањето на законите е обврска на секој граѓанин, но истовремено обврска на државата е да обезбеди услови во кои тие законски критериуми ќе бидат еднакво применливи за сите граѓани, без разлика на нивната припадност. Тие предупредуваат дека кога таквите услови не постојат, последиците најчесто ги трпат ранливите заедници, што ја продлабочува недовербата во институциите.
Во соопштението се нагласува дека јавниот простор во последните денови бил исполнет со пораки кои ја продлабочуваат стигмата кон ромската заедница. Според Мрежата, јавната дебата за управување без возачка дозвола многу брзо прераснала во наратив што ги редуцира Ромите на колективен проблем, наместо да се дискутираат основните структурни предизвици, како што се ограничениот пристап до образование, вработување и основни услуги.
„Расизмот кон Ромите останува клучна пречка поради која бројни политики и стратегии со децении не даваат резултати. Сведоци сме на повеќекратна дискриминација, особено кон жените Ромки“, се наведува во соопштението.
Мрежата истакнува дека сегрегацијата во образованието и исклучувањето од образовниот процес сè уште се реалност за значителен број ромски деца, и покрај пресудите од домашните и меѓународните судови. Оттаму, наместо исклучиво казнени пристапи, потребни се долгорочни и системски решенија што ќе обезбедат реален пристап до образование, вработување и социјална поддршка.
Организацијата предупредува и на зголемениот обем на говор на омраза и повици за насилство во јавниот простор, при што бара од институциите да постапуваат доследно, без разлика кон кого се насочени. Според нив, јавниот дискурс, особено кога доаѓа од високи функционери, мора да биде одмерен и одговорен.
Мрежата апелира и до медиумите да известуваат одговорно, без сензационализам и без ширење на наративи што поттикнуваат омраза и стигматизација. Посебно укажуваат на потребата онлајн порталите да ги модерираат коментарите под објавите и да ги отстрануваат содржините што содржат закани, говор на омраза и повици на насилство.
На крајот, Мрежата потсетува на обврските на државата според Општата препорака XXVII на Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација, нагласувајќи ја потребата од активни и насочени политики за инклузија на Ромите и елиминација на сегрегацијата и нееднаквиот третман.
Македонија
„Не мора да се уништи зеленилото за БРТ“ – Зелен хуман град со порака до властите
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира на изјавата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, во која тој посочил дека проектот за воведување на брз автобуски превоз (БРТ), финансиран со кредит од 70 милиони евра од ЕБОР, мора да се продолжи како решение.
Од иницијативата нагласуваат дека не е точно оти проектот мора да се изведе по постојниот план кој предвидува уништување на 7.000 дрвја и грмушки, посебно имајќи предвид дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот.
„Истата банка ЕБОР во минатото сакаше да даде кредит на МК и за изведба на експресен пат сред национален парк Галичица со што ќе се дозволеше уништување на паркот и благодарение на Охрид SOS, тој девастирачки проект се запре. Сега пак ни се заканува уништување на белите дробови на Скопје кое мора да го спречиме!“, велат од „Зелен хуман град“.
Од таму посочуваат дека БРТ може да се изведе многу поедноставно и поевтино, со издвојување на постоечка десна лента за автобуси, без да се наруши средишното зеленило, со што ќе се избегне и блокирање на градот со години.
Дополнително, активистите предупредуваат дека токму под зеленилото што е предвидено за отстранување поминува главната водоводна цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење од изворот Рашче – објект од, како што велат, непроценливо економско и стратешко значење.
„Тоа не смее да биде ставено во ризик за ничиј личен каприц, особено кога постојат алтернативи што го постигнуваат истото без штета“, порачуваат од иницијативата.
Македонија
Во Вашингтон, Гаши порача: Отворен дијалог со САД е суштински за демократскиот развој на регионот
Во рамките на посетата во Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши учествуваше на панел-дискусија посветена на регионалната економска интеграција во Југоисточна Европа, организирана од Атлантскиот совет.
На дискусијата беше потенцирана зрелоста и улогата на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, значењето на инфраструктурните проекти, како и потребата од продлабочена регионална интеграција и соработка меѓу земјите од Западен Балкан, како предуслов за одржлив развој и напредок кон Европската Унија.
Благодарност до Атлантскиот совет за организацијата на оваа значајна платформа за дијалог – упати претседателот Гаши.
Исто така, претседателот Гаши оствари средба со Макс Приморац, виш истражувачки соработник во Центарот за слобода „Маргарет Тачер“ при Фондацијата „Херитиџ“.
Каде беше остварена плодна и содржајна дискусија за улогата на силните институции, вредностите на слободата и значењето на трансатлантското партнерство за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Отворениот и конструктивен дијалог со нашите американски партнери е од суштинско значење за унапредување на демократските вредности и јакнење на регионалната стабилност – истакна претседателот Гаши.

