Македонија
Започнува вториот уписен рок за средните училишта

Пријавувањето во вториот уписен рок за јавните средни училишта ќе се спроведе утре, а слободни места има за вкупно 15.332 ученици, соопштуваат од Министерството за образование и наука
Од оваа бројка 3.733 места се резервирани за ученици во гимназиско образование од кои: 2.273 за ученици на македонски наставен јазик, 1.212 за ученици на албански наставен јазик, 210 за ученици на турски наставен јазик, 33 за ученици на српски наставен јазик и 5 за повторувачи. За стручното образование пак се резервирани 11.446 места за ученици од кои: 6.625 за ученици на македонски наставен јазик, 4. 425 за ученици на албански наставен јазик, 345 за ученици на турски наставен јазик и 51 место за повторувачи, соопштуваат од министерството.Во Република Македонија во учебната 2009/2010 година осмо одделение завршија вкупно 26.105 ученици. Согласно измените на Законот за средно образование, средното образование од учебната 2008/2009 година е задолжително за сите ученици. За таа цел се обезбедени доволен број на слободни места, вкупно 35. 918 ученички места, во сите јавни средни училишта во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Град Скопје ја заврши реконструкцијата на улицата Волковска

Град Скопје со Јавното претпријатие Улици и патишта Скопје ја заврши реконструкцијата на ул. Волковска.
Од Градот велат дека реконструкцијата се состоела во две фази, од кои првата фаза на реконструкција на подземната инфраструктура, се изгради нова атмосферска канализација со профил Ф500 по улицата 100 во Волково, со што се реализирало уште едно ветување од програмата. Станува збор за проект со кој се гради нова атмосферска канализација во вкупна должина од 1650 метри, кој го реализираше од скопското јавно претпријатие Водовод и канализација.
„Со овој проект се разрешува долгогодишниот проблем со кои се соочуваа жителите на ова населено место во општина Ѓорче Петров, каде по обилни дождови, доаѓаше до излевање на фекални води и преоптоварување на мрежата. Со изградба на атмосферската канализација се создаваат услови за идно приклучување на останатите линии во овој реон на новата атмосферска мрежа, со што дополнително ќе се подобри функционалноста на канализациониот систем“, информираа од Град Скопје.
Во втората фаза се реконструираше коловозот во вкупна должина од 1700 метри на површина од 13.240 метри квадратни, се поставија нови рабници, се обновија тротоарите за подобрување на пристапот за пешаците и се нивелираа на над 30 шахти. Со реконстукцијата на коловозната површина на оваа сообраќајница се овозможи побезбедно движење на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, како и на сите учесници кои во сообраќајот.
Преку инвестициите во комуналната инфраструктура се надминуваат предизвиците со кои граѓаните се соочуваат со години и се овозможува порамномерен развој, со реализација на проекти и во урбаниот и во руралниот дел, особено проекти кои биле неопходно потребни, а не биле реализирани со децении.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.