Свет
Јапонците се уште се борат со радијацијата
Јапонскиот премиер Наото Кан денеска положи венец со жолто цвеќе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, по повод 66-годишнината од нападот во кој што САД на денешен ден 1945 година фрлиле атомска бомба
Јапонскиот премиер Наото Кан денеска положи венец со жолто цвеќе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, по повод 66-годишнината од нападот во кој што САД на денешен ден 1945 година фрлиле атомска бомба на овој град.
Кан повтори колку е важно никогаш да не и се случат такви ужаси на Хирошима, град кој што и денеска ги преживува последиците од атомскиот напад, поради болестите предизвикани од изложеноста на радијација, кои се пренесуваат низ генерации. Насобраните граѓани денеска околу главите имаа будистички бројаници, а во знак на комеморацијата беа пуштени гулаби пред костурницата во Хирошима.
Јапонија се уште се бори со последиците од оштетувањата на неколку нуклеарни централи по катастрофалниот земјотрес во март оваа година. Најтешка е ситуацијата во централата Фукушима која после потресот претрпе најголеми оштетувања.
Бројните последователни потреси оневозможија санирање на ситуацијата, а јапонските власти и денеска се борат со зголеменото ниво на радијација, особено на североистокот на земјата, делот кој најмногу беше на удар на земјотресот.
Јапонскиот премиер говорејќи за хаваријата во Фукушима го повтори ветувањето дека земјата во иднина повеќе ќе се потпира на обновливи извори на енергија, а помалку на нуклеарна енергија.
„Јапонија, исто така, работи на тоа да ја ревидира својата енергетска политика од корен. Длабоко ми е жал поради вербата во безбедносниот мит за нуклеарната енергија“ порача Кан.
Градоначалникот на Хирошима, Казумик Мацуи не се заложи земјата да биде без нуклеарна енергија, но го повтори ветувањето дека ќе се залага за свет без атомско вооружување.
Тој меѓутоа укажа на тоа дека довербата на луѓето во безбедноста на нуклеарната енергија е разнишано.
„Некои тежнеат по одрекувањето од нуклеарната енергија, уверени дека човештвото не може да постои заедно со него, додека други бараат строги прописи за користење на нуклеарна енергија и поголемо потпирање на обновливите извори на енергија“ порача Мацуи.
Првиот напад со атомска бомба во историјата беше одбележан ноќеска нешто после полноќ по средно европско време, со едноминутно молчење, во моментот кога бомбата на 6 август падна на Хирошима, три дена пред САД да фрлат иста бомба на Нагасаки.
Во напaдите беа скоро потполно уништени овие два града, а беа убиени повеќе од 200.000 лица. Голем број луѓе умреа по нападите поради изложеноста на радијација.
Нападите ја забрзаа капитулацијата на Јапонија и официјалниот крај на Втората светска војна, на 2 септември 1945 година./крај/бл/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

