Свет
ДУИ во живо на МТВ
Втората програма на МТВ денеска директно ќе го пренесува конгресот на ДУИ во Тетово, бидејќи раководството на програмата на албански јазик проценило дека тој настан е од голем јавен интерес.
КАКО СЕ ТРОШАТ ПАРИТЕ ОД ПРЕТПЛАТниците
Втората програма на МТВ денеска директно ќе го пренесува конгресот на ДУИ во Тетово, бидејќи раководството на програмата на албански јазик проценило дека тој настан е од голем јавен интерес. Директниот пренос на денешниот конгрес на ДУИ од Тетово ќе ја чини куќата околу 100.000 евра, тврдат извори во МТВ. Пратениците на ДУИ вчера не го криеја задоволството што нивниот конгресот ќе добие таков голем медиумски третман. – Првпат ќе има директен пренос од конгрес на некоја партија на Албанците во Македонија и тоа не по наше, туку по барање на Втората програма на МТВ. Ништо нема да ни наплатат за тоа, бидејќи сами бараа да ни го пренесуваат конгресот во живо – вели Рафиз Алити, пратеник и потпретседател на ДУИ. Заменик-генералниот директор на МРТВ, Назиф Буши, кадар на ДУИ од чаирскиот разгранок, ја потврди информацијата. Но, тој одби да одговори дали за одлуката се консултирал со генералната директорка Гордана Стошиќ и дали таа го одобрила тоа. На прашањето како проценил дека партискиот конгрес е од голем јавен интерес за да биде директно пренесуван, Буши одговори: – Ќе го пренесуваме свечениот дел од конгресот. Проценивме дека тоа е од јавен интерес, бидејќи се работи за прв конгрес на владејачката ДУИ. Преносот е по наша иницијатива и се разбира дека за тоа не побаравме пари од ДУИ – вели Буши. Директорката Стошиќ вчера беше зафатена за да одговори дали Буши побарал одобрение за пренос на конгресот на ДУИ и дали е од јавен интерес нечиј партиски конгрес да се пренесува на државната телевизија. Според протоколот, свечениот дел на конгресот ќе трае два часа и е предвидено говор да одржи Али Ахмети, а ќе се обратат и некои од гостите. (М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

