Македонија
Резултатите од екстерните испити подобри од лани
Бирото за развој на образованието ги презентираше прелиминарните резултати од екстерните испити од јуни 2009 година
Подобрувањето на тестовите од оваа година за разлика од лани е намалување на процентот на учениците кои не положиле државна матура и зголемување на прагот на положеност по сите наставни предмети.„По втор пат во историјата на македонското образование се полагаа екстерни тестови во средните училишта. Резултатите на 16 734 матуранти кои ги полагаа овие тестови се генерално подобрени“, изјави министерот за образование, Никола Тодоров. Од вкупно пријавени 17 500 , полагале 16 734 ученици. Од 16 734 колку што полагале мајчин јазик, македонски јазик и литература полагале 12 177 ученици, од кои 2,6 отсто не го положиле предметот. Албански јазик полагале вкупно 4247 ученици од кои 10,3 не положиле. Турски јазик, од вкупно 310 ученици не полож иле 4,2 проценти. Странски јазици(англиски, германски, француски и руски) полагале вкупно 12 175 ученици, од кои 9,1 процент не положиле испитот. Од странските јазици најмногу ученици или 11 541 полагале англиски јазик. Најдобри резултати покажале учениците од уметничките училишта, кои ги полагаа предметите естетика и филозофија наместо математика. Кај двата предмета нема ученици што не положиле. Најслабите резултати исто како и минатата година се по предметот математика. Од вкупно пријавени 4404 не положиле 1055 ученици. Бидејќи втора година по ред резултатите по математика се најслаби, директорката на БРО Весна Хорватовиќ, истакна дека во план е да се направат анализи на наставните програми, тестовите, како и кампања за обука и стручна помош за наставниците кои предаваат математика. Средната оценка на положените е меѓу 3 и 4. Прагот на положеност е зголемен за еден до два бода, во однос на минатата година. Приговорите можат да се поднесуваат веќе од утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

