Изложби
Изложба во чест на стогодишнината од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо
Јубилејна изложба во чест на стогодишнината од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо ќе биде отворена во сабота, 04-ти октомври, во 20 часот, во Даут-пашиниот амам.
Изложбата е во организација на Национална галерија на Македонија и Музеј МНТ, а е финансирана од Министерството за култура и воедно е дел од манифестацијата „Бела ноќ“.
На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 260 дела, меѓу кои и негови лични предмети (акварели, сепии, цртежи, карикатури, сценографски и костимографски скици, реализирани костими, нацрти на книги и публикации, но и негови портрети изработени од неговите колеги Димо Тодоровски, Димитар Кондовски и Никола – Кочо Фидановски.
Василие Поповиќ – Цицо е роден во 1914 година во Скадар, Република Македонија, а во 1938 година дипломирал на Уметничката школа во Белград. Почнал да работи како сценограф во 1939 година (заедно со Никола Мартиноски и Томо Владимирски) во тогашниот Народниот театар „Крал Александар I“ во Скопје (до 1941 година). Од април до ноември 1941 година бил воен заробеник во германските логори во Либек, Хоенфелсу и Нирнберг, додека од април до септември 1944 година бил во интернација во воениот логор во Горна Џумаја. По пуштањето, отишол во партизани и работел во Главниот штаб на НОВ за Македонија (село Горно Врановци). Кон крајот на годината станал сценограф во Македонскиот народен театар и таа должност ја извршувал сѐ до својата смрт.
Од 1945 година работел како професор по декоративно цртање во новооснованото Уметничко школо (сега Државно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“) во Скопје. Во периодот од 1945–1950 се занимавал со пропагандна ликовна дејност (описменување, жетва, избори), со изработка на значки, амблеми и сл. Интензивно работел карикатури, цртежи и акварели, илустрации и опрема на книги и илустрацијата на првиот македонски буквар. Творец е на македонскиот државен грб и на првиот грб на Град Скопје. Остварил повеќе студиски патувања во Чехословачка, Италија, Грција, Полска и Франција. Во 1957 ја отворил својата прва самостојна изложба на карикатури и акварели. Помеѓу 1960-1962 работи како постојан карикатурист во весникот „Нова Македонија“. Починал на 10 декември 1962 во Скопје.
За својата дејност Василие Поповиќ – Цицо е добитник на повеќе награди и признанија.
Постхумно се реализирани повеќе самостојни, комеморативни и ретроспективни изложби посветени на неговото творештво во Скопје (1963, 1971, 1972, 1973, 1981); Белград (2012) и Прилеп (2014).крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

