Скопје
Населбите Шуто Оризари и дел од Скопје Север ќе добијат нов водовод
Договор за изведба на систем за водоснабдување во општина Шуто Оризари потпишаа во четврток Градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација“, Општината Шуто Оризари и компанијата изведувач Хидрострој ЈСЦ од Република Бугарија.
„Се надевам дека со реализација на овој значаен проект ќе го решиме деценискиот проблем со водоснабдување на Општината Шуто Оризари“, истакна по потпишувањето на Договорот градоначалникот Коце Трајановски.
Вкупна вредност на инвестицијата изнесува 182.367.800,96 денари со вклучен ДДВ. Во финансирањето на овој проект Градот Скопје ќе учествува со 43,7%,односно со 79,7 милиони денари, ЈП „Водовод и канализација-Скопје“, исто така, со 43,7%, односно 79,7 милиони, додека Општина Шуто Оризари ќе учествува со 12,6 %, односно 22,9 милиони денари од потребните финансиски средства.
Градот Скопје и Општина Шуто Оризари финансиските средства ќе ги обезбедат по пат на долгорочен домашен под-заем во рамките на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка,
ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ќе ги обезбеди финансиските средства од сопствени извори во рамки на инвестициската програма, за што Управниот одбор донесе одлука, а Советот на Град Скопје даде согласност.
Новопланираниот систем ќе опфати: изградба на резервоар од 4.350 кубни метри во близина на постојните резервоари, пумпна станица и цевковод со должина од 2,3 km и F=500mm.
Со изградбата на новопланираниот систем за водоснабдување треба да се решат сегашните проблеми на водоснабдување во населбите Шуто Оризари (сектор 32) и дел од Скопје Север (сектор 36). /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




