Свет
Министерството бара итно прифаќање, Фондот одложува
Министерството за здравство инсистирало новата позитивна листа да биде прифатена на седницата на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, која би требало да се одржи идната среда, велат извори за „Време“.
ПРИТИСОЦИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА
Министерството за здравство инсистирало новата позитивна листа да биде прифатена на седницата на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, која би требало да се одржи идната среда, велат извори за „Време“.
Од Фондот признаваат дека има притисоци, но велат дека ниту едно решение нема да помине на Управен одбор ако тоа не биде оправдано.
– Усвојувањето на новата позитивна листа нема да оди брзо, без разлика на притисоците кои секојдневно ги имаме. Стручните служби во Министерството се уште ја прават процената на финансиската издржливост на листата и додека таа не биде завршена, нема да дозволиме листата да се усвои – велат од Управниот одбор на Фондот.
Претставниците на Светската банка во неколку наврати ја советувале Владата да го одложи усвојувањето до септември и експертите дополнително да ја разгледаат листата, бидејќи според нивните анализи, малиот буџет не бил во можност да го издржи финансискиот товар од позитивната листа.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако позитивната листа биде усвоена пред да биде изгласана новата влада, тие ќе побараат нејзина ревизија.
Новата позитивна листа, која веќе неколку месеци чека одобрување од Фондот за здравствено осигурување, тежи повеќе од 50 милиони евра и е оптоварена со скапи лекови кои според експертите не можат да си ги дозволат ниту граѓаните, ниту здравствениот систем. Вака составена позитивната листа може многу реално да доведе до банкрот на Фондот за здравствено осигурување, тврдат тие.
На предлогот на Министерството за здравство, позитивната листа е прошири за 130 нови генерики на лекови. Предложени биле препарати што се продаваат и по цена од 2.000 до 3.000 евра.
– Доколку позитивната листа се усвои во овој период, трошоците ќе паднат врз грбот на новата влада. Освен тоа, вака предложената позитивна листа само ќе им влее надеж на болните дека ќе им се обезбедат права што населението реално нема да може да ги оствари – велат експертите.
Според извори од Министерството, голем дел од лековите на новата листа биле ставени под притисок на веледрогериите, а списокот на препарати дополнително бил проширен со лекови што не биле предложени од комисијата за подготвување на позитивната листа.
Експертите во Фондот за здравство треба да направат анализи и да утврдат дали има пари за сите лекови кои се предложени на позитивната листа.
Официјално од Министерството за здравство се правдаат дека со предлог-листата се обезбедува оптимална опција за лекување на сите заболувања опфатени со Упатствата за практикување медицина заснована на докази. Предлог-листата на лекови, велат тие, е отворена за промени и ќе се ревидира на секои шест месеци.
А. Г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.
Свет
Папата Лав одбил аудиенција со Макрон
Папата Лав одлучи да не го прими Емануел Макрон на аудиенција, објавува италијанскиот весник „Ил Темпо“, повикувајќи се на извори во Државниот секретаријат на Ватикан и надбискупот Џовани Чезаре Пагачо.
Според написите на ввесникот, подготовките за првата државна посета на Макрон на Ватикан, која траеше неколку недели на барање на Елисејската палата, беа прекинати по наредба на самиот папа, а на надлежните служби им беше наредено да го вратат барањето за аудиенција.
Папата, како што е наведено, рече дека во моментов не се одржуваат ниту приватни ниту државни аудиенции за Макрон.
Според изворот, причините за одбивањето се повеќекратни, а меѓу клучните се издвојува незадоволството на папата од законодавната насока на Франција во прашањата за етиката и човековите права, особено законите за еутаназија што неодамна ги усвои француската влада.
Според истите извори, ставот на Ватикан за изразениот антиамериканизам на Франција, како и незадоволството на папата од изјавите на Макрон за Соединетите Американски Држави, со оглед на тоа што папата е од американско потекло, претставува дополнително затегнување на односите.
Друг извор на тензии е одлуката, која Макрон ја донесе во координација со парискиот надбискуп Лоран Улрих, да се отстранат и реновираат преостанатите антички витражи во катедралата Нотр Дам со цел да се постават нови, современи дела.
Таа одлука предизвика протести од културните и католичките здруженија во Франција, а според изворите, таа наишла и на неодобрување од страна на папата, пишува медиумот.
Свет
Европските дипломати за говорот на Трамп: Сега тој го сака Исланд
Дипломатите и претставниците во Брисел во средата попладне го следеа говорот на Доналд Трамп за Европа, со посебен акцент на Гренланд, преку лаптопи и телевизиски екрани. Неговото појавување на Светскиот економски форум во Давос се одржа во услови на невидени трансатлантски тензии, но по говорот што траеше повеќе од еден час, многумина рекоа дека неговите намери им биле помалку јасни отколку на почетокот, пишува „Политико“.
Говорот се одржа еден ден пред состанокот на лидерите на ЕУ за да се разговара за одговор на заканата на Трамп за нови царини ако Данска не ја отстапи контролата врз Гренланд. „Ниту една нација или група нации не е во позиција да го обезбеди Гренланд освен САД“, инсистираше Трамп, но додаде: „Не морам да користам сила, не сакам да користам сила, нема да користам сила“. Иако Трамп експлицитно ја исклучи воената интервенција за прв пат, неговите изјави не ги смирија сите, пренесува медиумот.
Дипломат од ЕУ, рече дека луѓето „можат сами да проценат“, додавајќи дека Трамп сè уште инсистира да го добие Гренланд. „Сè се сведува на тоа колку верувате во тој збор. Но, не мислам дека некој би исклучил нешто по тој говор“, рече тој.
Оние кои се залагаат за силен европски одговор на заканите останаа непоколебливи, велејќи дека средбата на лидерите на ЕУ во четврток сè уште е потребна. „Секогаш е добро да се соберат лидери, особено по овој викенд“, рече друг дипломат, според медиумот.
Поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, напиша онлајн за време на говорот: „Ако повторно почнеме да ги доведуваме во прашање границите на земјите и да се обидуваме да ги поместиме со сила, закани или принуда, ќе се вратиме во темни времиња“.
Опишувајќи го Гренланд како „големо, убаво парче мраз, тешко е да се нарече копно, тоа е парче мраз“, Трамп ја замени европската територија каде сака да ја преземе контролата, споменувајќи го „Исланд“ најмалку четири пати. „Па, сега тој го сака Исланд, а не Гренланд, па ние сме сигурни“, се пошегува трет претставник на ЕУ, според написите.
Исланд, кој се наоѓа 350 милји источно од Гренланд, веќе беше предмет на карактеристични шеги од американската администрација откако номинираниот на Трамп за амбасадор во Исланд, Били Лонг, изјави во Вашингтон дека Исланд ќе стане 52-та американска држава и дека тој ќе биде нејзин гувернер.
Трамп, исто така, ги насмеа некои од загрижените Европејци со своите забелешки за францускиот претседател Емануел Макрон. „Убави очила за сонце“, рече Трамп откако францускиот лидер беше снимен како носи авијатичарски очила за сонце во затворен простор, „но што се случи, по ѓаволите?“, пишува медиумот.

