Македонија
Македонија го одбележува Меѓународниот ден за борба против аутизмот
Македонија ќе го одбележи 2. Април, Меѓународен ден за борба против аутизмот, со повеќе настани.
Здружението „Во мојот свет” почнува кампања под мотото „Еден свет за сите” која ќе се одвива во текот на цел месец, а централниот настан ќе се одржи во 17 часот во Скопје сити мол.
Археолошкиот музеј ќе биде осветлен во сино со што Македонија ќе се вклучи во светската кампања во рамки на која истакнати објекти се осветлуваат во бојата на аутизмот и со тоа ја изразуваат поддршката кон лицата со аутизам.
Македонското-научно здружениe за аутизам ќе го одбележи денот со културна манифестација со мото „Тие не се сами, ние сме со нив” во Музејот на македонската борба во 19 часот.
Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но се смета дека нема повеќе од 4.000 лица. Аутизмот е биолошко развојно нарушување на мозокот. Главни карактеристики на аутизмот се слаба или никаква социјална интеракција и комуникација, ограничени активности и повторувачки шеми во однесувањето. Покрај овие специфични симптоми, аутизмот е често придружен и со низа неспецифични симптоми како што се фобија, пореметување на исхраната и спиењето, напади на бес, автоагресивно однесување.
Причините за аутистичното нарушување се уште не се во целост познати. Но, сепак, голем број експерти тврдат дека до ова нарушување водат различни причини.
Наследувањето кај аутизмот е голема, но со оглед на тоа што генетиката на нарушувањето е сложена, не се знае кои гени се одговорни за тоа. Истражувањата покажале дека се јавува еден до два случаи на аутизам на 1000 луѓе.Кај децата, знаци на аутизам се забележуваат во првата и најдоцна втората година од животот. Раното откривање на болеста е важно за стекнување на социјални вештини и самостојност. За сега, за аутизам нема лек. Кај оние со блага форма на аутизам, можен е самостоен живот.
Поновите истражувања покажуваат дека аутизмот се јавува почесто од Дауновиот синдром, од ракот кај децата или глувоста. Почесто се јавува кај машките, отколку кај женските деца и тоа за четири пати.
Кај ова нарушување многу е значајно раното дијагностицирање.Со современите знаења, средства и методи аутизмот може да се детектира најрано на возраст од околу 18 месеци со што се создава основа за интервенција кога мозокот е во фаза на формирање. крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.
Македонија
Мицкоски: Над 160 проекти се предвидени во образованата инфраструктурa
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во текот на посетата на Кратово и реновираната спортска сала, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали оваа година ќе има инвестиции во образовната инфраструктура, изјави дека се предвидени повеќе од 160 проекти во областа на образованието.
„Па да. Впрочем, и овој објект е дел од тие инвестиции, би рекол. Инаку, повеќе од 160–170 проекти ширум државата се предвидени за инвестирање во делот на образованието, училишта, студентски домови, итн, нешто што претставува императив за оваа Влада“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието и дека продолжуваат со нови инвестирања во оваа област.
„Инаку чисто за да споменам, последно што го разгледувавме, беше дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието, а од тие некаде околу 56–57 милиони се дел од програмата АА. Така што образованието е еден од нашите главни приоритети како Влада. Продолжуваме и понатаму да инвестираме, бидејќи без квалитетно и добро образование нема иднина“, изјави тој.
Македонија
Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.
Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.
„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.
Мицкоски очекува позитивен исход.
„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.

