Македонија
Тодоров најави санкции за лекарите штрајкувачи
По 15 дена од штрајкот на лекарите министерот за здравство, Никола Тодоров, на прес-конференција изјави дека зад штрајкот на лекарите стои опозицијата и доколку не се прекине веќе следната недела најави санкции за штрајкувачите.
„Во изминатиов период сме сведоци на едно креирано незадоволство на здравствените работници. Го употребив зборот креирано затоа што тоа оваа година беше многу внимателно креирано со цел постигнување на посакуваната цел“, изјави Тодоров и и порача на опозициската СДСМ дека кредибилитетот на политичките партии се добива со спроведување реформи, набавка на опрема за болниците, градење болници, намалување цени на лекови, нешто што според Тодоров не постоело за време на владеењето на ССМ.
Изјави дека ќе продолжи со спроведување на реформата, `плаќање по учинок`, иако е свесен дека сега пред изборите изгубиле политички поени заради оваа `болна` реформа.
Според него, неменувањето на нештата не може да донесе прогрес во здравството, но сепак смета дека оваа реформа ќе има позитивен импакт врз здравството.
Негираше дека договорил со Гранковиот синдикат да се намалат платите на медицинските сестри за сметка на платите на докторите и дека тоа било манупулација од страна на дел од лекарите.
Тодоров, уште еднаш, повтори дека ќе преговара со репрезентативниот синдикат според Законот, односно Гранковиот синдикат, и ги повика лекарите кои штрајкуваат од Самостојниот синдикат на Клинички центар да ја почитуваат Хипократовата заклетва.
Рече дека дел од лекарите специјалисти престанале со оперирање на болните од рак и порача дека најтешко болните не смеат да се користат за остварување на политички и финансиски цели.
Доколку лекарите штрајкувачи не го прифатат апелот на министерот, Тодоров веќе за наредната недела најави санкции, иако не прецизира какви санкции ќе се преземат туку упати на Законот кој предвидува какви санкции следат за тоа.
Самостојниот синдикат на Клинички центар во петок поднесе барање за прием кај премиерот Никола Груевски, откако вчера побараа прием и кај претседателот на државата и на Собранието, Ѓорге Иванов и Трајко Вељаноски./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

