Македонија
Објавен конкурсот за упис во средните училишта

Министерството за образование и наука на својата веб страна го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2014/2015 година.
Со Конкурсот е утврдена можноста за запишување ученици според наставните планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење и стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Во средните училишта низ Македонија има 35.195 слободни места за запишување.
Јунскиот рок за запишување ќе биде на 23 и 24 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 25 јуни. Вториот рок за пријавување ќе биде на 30 јуни и 1 јули, додека третиот рок ќе биде на 21 август.
Конкурсот е објавен на веб страната на МОН – www.mon.gov.mk.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски е озборувач кој покажа дека е против Америка, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Социјалдемократскиот сојуз си го покажа вистинското лице и на планот на меѓународната политика на државава. Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски кој воедно е и поранешен претседател на државата предложен од таа партија, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека е против стратешкиот партнер на Македонија, САД, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова говори дека СДС и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале. Стево Пендаровски уште еднаш и покажа на јавноста дека е само аналитичар, поточно импровизатор и оговарач“, велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека не само тоа, туку експретседателот влегол и во зоната на недозволено однесување кога станува збор за дипломатија и меѓународна политика.
„Па така, Пендаровски од СДС говореше како разбрал за време на средби со дипломати што се зборувало со владини претставници нешто што е национален интерес на Македонија. Со ова Пендаровски од СДС влезе и во сферата на откривање на државни позиции“, се додава во партиското соопштение.
До Пендаровски порачаа дека треба да се освести и како поранешен претседател да престане да се однесува како личност која анализира и оговара.
Поранешниот претседател викендов изрази загриженост затоа што македонската влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски се позиционирала близу новата администрација на Доналд Трамп. Пендаровски верува дека Македонија како мала држава, се поставува наспроти глобалните промени и треба двапати да размисли пред да застане прва до Трамп.
Пендаровски рече дека Трамп ја пореметил глобалната рамнотежа, ја пореметил внатрешно трансатлантската заедница, затоа што вовел царини и започнал со офанзивни дејствија против своите најголеми сојузници досега и соседи. Во врска со коспонзорството на Македонија на американската резолуција во ООН, дополни дека не може држава со 1,8 милиони луѓе да биде коспонзор на Резолуцијата во ООН рамо до рамо со Америка.
Македонија
„Мицкоски и Таравари се препелкаат во лаги – зошто веднаш не ја отфрлаат штетната понуда на Ѓока констракшн“, прашува СДСМ

„Не е јасно кој повеќе лаже – дали Мицкоски или Таравари – во однос на случајот со паркингот на Клиничкиот центар. Изјавите на Таравари и Мицкоски за давањето на паркингот на Клинички на стопанисување на „Ѓока Констракшн“, со што 99% од добивката ќе оди кај албанската компанија, а само 1% ќе остане за државата, се контрадикторни и јасно укажуваат на тоа дека зад оваа зделка се крие сомнителен договор“, велат од СДСМ.
„Прво, како е можно Таравари да тврди дека договорот ќе биде на 7-8 години и дека потоа Клиничкиот центар нема да биде таму, кога само пред неколку недели Владата потврди дека нов Клинички центар нема да се гради? Тоа значи дека Клиничкиот центар ќе остане на истата локација. Зошто Таравари ја лаже јавноста и се обидува да ги ублажи критиките со вакви изјави? Ова јасно покажува дека тој добро знае дека договорот е штетен, но сака да помине што полесно во јавноста.
Понатаму, дали Мицкоски намерно остава простор за потпишување на договорот кога вели: „предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“? Дали тоа значи дека, ако фирмата има бонитет и кредибилитет, овој скандалозен договор треба да се потпише? Зошто Мицкоски не го отфрли веднаш, туку се двоуми? Дали и тој е дел од целата оваа зделка?
Дополнително, како е можно тендерската процедура да е завршена, а сè уште да не се знае дали фирмата ги исполнува критериумите за бонитет, кредибилитет и реноме? Што правеле во Министерството за здравство за време на тендерската постапка? Зошто Владата не ја објави физибилити студијата? Што крие? Владата мора да го објави и официјалниот повик за тендерот – ако договорот сè уште не е потпишан, јавноста треба да види како точно било формулирано барањето од Министерството за здравство и дали веќе во оваа фаза се подготвувал овој штетен договор“, соопштуваат од СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз бара „итно објавување на повикот од страна на Министерството за здравство, итно објавување на физибилити студијата според која е распишан тендерот, целосна транспарентност за тоа дали штетниот договор со „Ѓока Констракшн“ бил однапред подготвуван“.
„Ова не смее да биде забошотено!“, додаваат од СДСМ.
Македонија
„Странска приватна компанија ќе профитира од лекувањето на македонски граѓани во македонски државни клиники“, велат од партијата Левица

„Додека македонските граѓани се борат со ниски плати, високи животни трошоци и проблеми во здравствениот систем, Владата решава да ја предаде контролата врз витално важен јавен простор на приватен инвеститор од Албанија. Според оваа срамна и скандалозна одлука, македонските граѓани се принудени на странско приватно лице да му плаќаат пристап до македонски државен здравствен клинички центар. Накратко, албанска приватна фирма со коруптивни скандали, ќе изнајмува македонски простор во македонски клинички центар на македонски граѓани – за личен профит. И тоа им е овозможено од македонската Влада“, соопшти партијата Левица.
„Ова не е само прашање на паркинг простор; ова е прашање на суверенитет и способноста на државата да управува со сопствените ресурси. Овој паркинг не е обичен комерцијален простор – тој е од клучно значење за пациентите, нивните семејства и медицинскиот персонал. Наместо да се најде одржливо, системско решение кое ќе биде во корист на граѓаните, се оди кон долгорочна концесија што може да ја доведе во прашање пристапноста и ценовната политика на овој простор.
Јасно е дека оваа одлука не е во интерес на граѓаните, туку во интерес на бизнис-елитите кои повторно гледаат можност за профит на грбот на оние граѓани на кои им е потребна медицинска помош. Загрижувачки е што вакви стратешки јавни услуги сè почесто завршуваат во рацете на приватни компании, и тоа странски, што создава ризик од потенцијална финансиска оптовареност за граѓаните. Ваквите одлуки мора да се преиспитаат бидејќи Клиничкиот центар треба да остане простор каде приоритет се здравствените услуги, а не профитните интереси.
Левица ги нуди следните предлог-решенија:
• Враќање на паркингот под државна контрола – Паркингот треба да го стопанисува јавно претпријатие, кое ќе обезбеди фер и транспарентна употреба на паркинг-просторот,
• Контрола на паркингот за да се спречи злоупотреба – Да се воведе електронска регистрација за пациенти и здравствени работници, со што ќе се спречи користење на паркингот за лични потреби од луѓе кои не се посетители на Клиничкиот центар,
• Разумни цени – Наместо да им се дозволи на приватните компании да воведуваат астрономски цени, паркингот треба да биде достапен и пристапен за сите пациенти, а приходите да се реинвестираат во здравствениот сектор.
Клиничкиот центар е место каде здравјето е приоритет, и затоа е неопходно да се осигура дека сите граѓани имаат еднаков и фер пристап до потребните услуги, без дополнителен финансиски товар во корист на приватни лица со желба и амбиција за лесен профит“, се наведува во соопштението на партијата Левица.