Македонија
Косово и Македонија најмногу ќе соработуваат на полето на енергетиката

За проектите коишто се од заеднички интерес на Македонија и на Косово, особено во делот на енергетиката, при што приоритетните области се веќе поставени со Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, разговараа на средбата во четврток, министерот за економија Дритон Кучи и неговиот косовски колега, министерот за економски развој Блеранд Ставилеци.
„Нашите две земји веќе имаат поставено солидна основа за продлабочување на соработката со нови проекти, во интерес на граѓаните на двете земји. Во текот на средбата разговаравме за заедничките актуелни енергетски проекти, како што е втората 400 kV интерконекција Македонија – Косово, за која двете страни веќе учествуваат во изработката на Студијата за оправданост, а потпишан е и Оперативен договор помеѓу АД МЕПСО и КОСТТ, со кој се регулира соработката и координацијата на интерконективно поврзаните електропреносни системи на Македонија и Косово. За следниот период очекуваме што ќе произлезе од средбата на експертите од преносните систем оператори МЕПСО и КОСТТ и каква ќе биде динамиката на понатамошните активности“, рече министерот Кучи.Двајцата министри се согласија околу важноста на развојот на гасоводните системи на двете земји, бидејќи согласно Физибилити студијата за гасоводен систем во Македонија со идеен проект, покрај постоечката интерконекција со Бугарија кај Деве Баир, меѓу предвидените шест дополнителни потенцијални интерконекции, е и интерконекцијата со Косово, со што ќе се зголеми сигурноста во снабдувањето со енергија, конкуренцијата во снабдувањето со енергија што може да придонесе до намалување на цената на енергентите, а со зголемувањето на користењето на природниот гас, како еколошко гориво, ќе се намалат емисиите на штетни материи во животната средина. Министерот Ставилеци рече дека досега имало интензивна соработка меѓу двете земји, но акцентот секако е ставен на неколку проекти од интерес за двете земји, како што е проектот за втора енергетска интерконекција, од 400 kw Скопје – Косово А, а исто така, уште една линија на гас меѓу двете земји, што ќе им овозможи поврзаност со енергетската инфраструктура. За време на посетата на Косово, министерот Кучи оствари средби и со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, како и со министерите за инфраструктура Љутфи Жарку и за правда Хајредин Кучи. Косовските власти изразија загриженост поради состојбите во Македонија, но и целосна подготвеност да дадат институционална поддршка и помош за побрзо нормализирање на ситуацијата во државата./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.