Македонија
Манасиевски: Црвенковски е докажан политички макро

Не се точни информациите дека цели Општински организации на ЛДП преминуваат во СДСМ, изјави во петокот претседателот на партијата Јован Манасиевски.
Не се точни информациите дека цели Општински организации на ЛДП преминуваат во СДСМ, изјави во петокот претседателот на партијата Јован Манасиевски.
Тој рече дека во Велес, само еден член ја напуштил партијата и заминал кај социјал-демократите.Според него, преминувањето од една во друга политичка партија е позната појава и тоа е добро за партијата бидејќи со тоа партијата се чистела од членството кое во неа било само поради функција.
„Неколку месеци Аце Коцевски не беше на функција и ја напушти партијата, инаку 15 години тој беше функционер. Беше пратеник од оваа партија, три години беше државен секретар , девет години беше градоначалник од оваа партија, сега неколку месеци не е на функција и мисли дека во друга партија ќе му биде подобро. Знаете лидерот на СДСМ, БранкоЦрвенковски е докажан политички макро и способен да привлекува политички проститутки“, изјави Манасиевски.
„Македонија не заслужува премиер како Груевски и опозициски лидер како Црвенковски. На Македонија и е потребно нешто трето. Ние веруваме дека во државава постои критична маса на граѓанскиот центар што ќе обезбеди едно ново европско лице на Македонија“, вели Манасиевски
ЛДП очекува и во наредниот период СДСМ да пласира информации за постојано преминување на членови на партијата. За прв пат ЛДП соопшти дека Општинската организација во Велес брои околу петстотини активни членови. /крај/ди
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влен: ДУИ ја продаде еднаквоста за Соравија

Влен реагира дека ДУИ ја загубила довербата на Албанците, откако две децении ја уништувала застапеноста на Албанците во државните институции, користејќи ја оваа тема за политичка трговија.
Според Влен, само за една година Владата направила историски чекор со законот за правична застапеност што ја регулира правичната и соодветна застапеност на Албанците во институциите, унапредувајќи ги на одговорни позиции, не со привилегии, туку со заслуги.
„ДУИ се спротивставува на овој закон затоа што повеќе не може да го користи како алатка за политичка трговија, тие ја продадоа еднаквоста за Соравија“, посочуваат од Влен.
Тие додаваат дека промената започнала и дека Албанците повеќе нема да бидат само фигури во администрацијата, туку вистински носители на одлуки, еднакви во законот и во животот.
Македонија
„Бгнес“: Се очекува Европскиот парламент да ги отстрани „македонскиот идентитет и македонскиот јазик“ од извештајот за Северна Македонија

Следната недела на пленарната седница во Стразбур се очекува мнозинството во Европскиот парламент да ги поддржи амандманите што предвидуваат отстранување на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, пишува бугарската новинска агенција „Бгнес“.
Според медиумот, трите најголеми политички групации – Европската народна партија (ЕНП), Социјалистите и демократите (С&Д) и Обнови ја Европа – постигнале согласност за измените.
Нацрт-резолуцијата, базирана на извештајот на Томас Вајц, според „Бгнес“, ја критикувала геополитичката стратегија наречена „Српски свет“ и имала цел промена на границите на Балканот, вклучувајќи ги Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.
Покрај тоа, како што се додава, извештајот ја нагласува потребата за отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС) и нивно регионално истражување за надминување на тоталитарното минато и зајакнување на демократијата во Западен Балкан.
„Бгнес“ пишува и дека во документот е истакнато и присуството на странски влијанија во Северна Македонија вклучувајќи антиевропски наративи преку медиуми на српски јазик со врски кон Кремљ, како и континуирани активности на руски тајни мрежи, што било потврдено со протерување 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година.
Се нагласува дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, се изложени на хибридни закани, дезинформациски кампањи, стратешка корупција од Русија и од Кина.
Посебна загриженост, како што пишува агенцијата повикувајќи се на извештајот, предизвикуваат улогите на Унгарија и на Србија во поддршка на геополитичките цели на Кина и на Русија, како и ризикот од економска зависност преку нерамноправни кредитни договори.
Македонија
Бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот е еднакво лошо за нас како да стоеше модерен, вели Мицкоски

По објавите на бугарските медиуми дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент (ЕП) се согласиле од извештајот за напредокот на земјата да се отстранат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека бришењето за нас е исто како и обидите да се стави придавка пред јазикот и идентитетот.
„За нас, еднакво лошо е и тоа што се брише од извештајот македонски идентитет и македонски јазик исто како и да стоеше модерен. Буквално е еднакво лошо. Но, она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на комитетот и македонски јазик и македонски идентитет ќе остане во колективната меморија дека првпат некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на Европската Унија, Брисел, во седиштето на европската демократија, Европскиот парламент“, рече премиерот Мицкоски.
За него, со ваквото усогласување уште еднаш се покажа и се докажа на јавната сцена дека не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите што досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.
„Сега сите оние што манипулираа во минатото, сите оние што нѐ убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, кои доаѓаат од надвор, не од Македонија. И политичарите и личностите кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или немаа поим од водење политика. За жал, оние егзибиции, кои седум години се случуваа кај нас дома, тука, нѐ доведоа во една ваква ситуација“, рече премиерот Мицкоски.
Иако се двоумеше дали да го употреби, сепак бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот премиерот рече дека е направено на талибански начин.
„Има еден збор да го употребам, не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред – на талибански начин се бришат македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа го дочекавме. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и другите“, вели премиерот Мицкоски.
Бугарските медиуми денес објавуваат дека на барање на Европската народна партија (ЕНП) трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на нашата земја оти темите за идентитетот и за јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ. Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.
Владата во мај годинава како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и на идентитетот на четири места во извештајот за напредокот на земјата. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и пред јазикот да стои зборот „сегашен“.