Македонија
Започна семинарот за евроинтеграциите и македонскиот јазик

Во организација на Секретаријатот за европски прашања и норвешката национална програма НОРМАК започна семинарот за влијанието и терминологијата на правото на Европската унија и влијанието врз македонскиот јазик – „Евроинтеграциите и македонскиот литературен јазик“
На семинарот кој се одржува денес и утре во Клубот на пратеници, МАНУ и Филолошкиот факултет има 100 учесници, а предавањата ќе ги држат: проф. д-р Лидија Тантуровска, Институт за македонски јазик, академик Владо Камбовски, проф. д-р Татјана Панова-Игњатовиќ, Катедра за преведување и толкување при Филолошкиот факултете „Блаже Конески“ – Скопје и проф. д-р Славица Велева, Катедра за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Целта на семинарот е запознавање и обучување на целните групи со начините и правилата за утврдување на терминологија по стандардите и во духот на македонскиот јазик, како и подобрување на нивото на квалитет на преводите на правото на ЕУ преку соработка со сите надлежни институции и учесници во процесот на подготовка на национална верзија на Acquis communautaire. „Овој процес се одвива во клучните моменти за Република Македонија кога сите сме во исчекување на добивањето на датум за преговори со ЕУ. Една од многуте придобвки од членството во Европската унија е што македонскиот јазик ќе добие статус на официјален јазик во Унијата. Исто така, ова е можност за развој и збогатување на нашиот јазик и неговата стручна терминологија и недвосмислено толкување на правото на ЕУ, како и усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија“, истакна Васко Наумовски, заменик-претседател во Владата на РМ одговорен за евроинтеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников, ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.
Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.