Свет
Варуфакис: Нема машини за печатење на драхмата, очајно сакаме да останеме во еврозоната

Грција не може во скоро време да ја печати националната валута драхмата, бидејќи машините за печатење се уништени, изјави во четвртокот грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис за кого ова прашање не постои, бидејќи „очајнички сакаме да останеме во еврозоната“.
„Можеби некој не знае, но по воведувањето на еврото, моравме да се ослободиме од сите машини за печатење на драхмата. Тогаш ни се чинеше дека тоа не е лоша работа, бидејќи ѝ пристапивме на зоната на заедничката валута, и оти тоа не е некоја привремена мерка, се надевавме дека тоа ќе биде засекогаш“, вели Јанис Варуфакис во интервјуто за австралиското радио ABC.
Според грчкиот министер за финансии, во Грција во моментов нема ниедна печатарска машина на којашто би се изработувала националната валута.
„Немаме капацитети за печатење на драхмата“, рече Варуфакис појаснувајќи дека во 2000 година, една година пред Грција да ѝ се приклучи на еврозона, „една од мерките коишто го преземавме беше да се ослободиме од нашите тарапани“. „Монетарната унија е неповратна“, порачува Варуфакис.
Тензиите последните месеци меѓу Атина, којашто задоцни со исплатата на кредитот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), и нејзините доверители, резултираат со распишување референдум за прифаќање или отфрлање на планот на кредиторите за продолжување на програмата за надворешна финансиска помош на Грција, за да се спаси од банкрот и од можно излегување од еврозоната. Тоа наведе на сомневања дека Грција повеќе не е технички способна да остане во еврозоната, како и дека мора да се врати на својата национална валута./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.