Македонија
Македонија и Швајцарија ќе се координираат во земјоделскиот сектор
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставувано од министерот Михаил Цветков и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост потпишаа на швајцарската Фондација за техничка соработка, застапувана од Розанди Лоу, во четвртокот меморандум за разбирање и соработка во областа на органското производство во наредните три години.
Македонија и Швајцарија ќе ги координираат заедничките активности кои ќе водат кон раст на органскиот земјоделски сектор, воспоставување врска меѓу органските производители и потрошувачите, зголемување на свеста за придобивките од органски производи и зајакнување на довербата на потрошувачите во Македонија.
Партнерството вклучува изработка на брошури, промотивни материјали и софтверски алатки за органско земјоделско производство, спроведување на обуки во областа на земјоделството и руралниот развој, како и создавање на услови за подобра вработливост на жените и младите лица.
„Вашите активности се вклопуваат во нашите планови за развој на органското производство, истакна министерот Цветков кој ги образложи мерките кои се превземаат за поголемо производство на органските производи и преработки. „Нашите интенции се да ги мотивираме малите земјоделски стопанства кои сочинуваат околу 70 до 80 % од вкупните стопанства да произведуваат органска храна преку обуки на производителите, олеснување на набавката на дозволените заштитни средства, ѓубрива и семенски материјал , а планираме да воспоставиме и систем на договорено производство на ист квалитет со што ќе се добиваат поголеми извозни количества“, истакна министерот Цветков.
„Веќе постојат одредени контакти и почетен интерес на производители на органско семе од Швајцарија за остварување на соработка со македонски компании. Ние работиме заедно со органските земјоделци на изнаоѓање на можности за пласирање на органските производи на странски пазари, но и на осовременување и подобрување на квалитетот на нивните производи“, рече Лоу.
На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и Катарина Штокер, заменик амбасадорот на Швајцарија која ја истакна долгорочната соработка меѓу Швајцарија и Македонија во областа на органското земјоделство.
„Швајцарија веќе подолг период го помага развојот на органското производство во Македонија. Со потпишувањето на овој документ, таа помош продолжува преку заеднички и координирани активности на министерството и Програмата за зголемување на пазарната вработливост и применување на швајцарски искуства и знаење за развој на секторот“, рече заменик амбасадорот Катарина Штокер.
Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Првата фаза од програмата се имплементира од 2015 до 2019 и е со буџет од 6.25 милиони швајцарски франци.
Програмата работи во три сектора, и тоа туризам и угостителство, креативни индустрии и зелена економија. Очекуваните клучни резултати од програмата се, во период од четири години, да се создадат повеќе од 2 000 директни или индиректни работни места и да се зголеми нето приходот на повеќе од илјада мали и средни претпријатија за 1,5 милиони евра./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

