Македонија
Малку граѓани знаат дека не треба да одат на шалтер со куп документи

Законот за општа управна постапка е на сила од лани, но малку граѓани го искористиле своето право да се жалат кога некоја институција им бара куп други документи за издавање конкретен документ.
„Минатата година имавме мал број поплаки и би сакал да апелирам до сите граѓани да ја искористат оваа можност, затоа што токму измените на Законот за општа управна постапка, Закон за управна инспекција, се направени за нив, за да можат да го искористат овој член и да го пријават секој вработен, секоја институција што не ги почитува законите со кои нема да им се обезбедат документи по службена должност. Сé додека институциите не се поврзат меѓу себе за размена на документи, ние ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за оваа можност, а на постерите е цитирана постапката за да можат граѓаните да си остварат своите права од еден шалтер“, рече министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски, при презентацијата на системот „Нема повеќе трчање по шалтери“, во Фондот за здравство.
Со измените на Законот за општа управна постапка, коишто стапија на сила минатата година, сите институции во Македонија се должни по службена должност да ги прибават сите оние документи за странките, без разлика дали се тоа правни или физички лица, доколку им недостига некој документ, кога бараат услуга од некоја институција.
Граѓаните можат да упатат жалба до Државниот управен инспекторат, од каде излегуваат на терен, ја утврдуваат фактичката состојба, дали навистина институцијата го враќа граѓанинот, и потоа Управниот инспектор ја задолжува институцијата да ја изврши услугата во рок од три дена, а доколку тоа не го направи, инспекторот ќе изрече казна и за раководителот на институцијата, раководителот на одделението и службеникот кој е на шалтерот.
„Станува збор за првиот шалтер каде што треба да ја добијат таа услуга, а таа институција по службена должност, по пошта или преку курири или преку друг начин што сами ќе си организираат, ќе ги обезбедат документите“, вели Ивановски.
Граѓаните за услугата ќе платат еднаш на еден шалтер, за сите документи кои им се потребни
„Вкупната сума трошок ќе биде платена на еден шалтер и според Законот во рок од три дена институцијата треба да ја повика странката и да им го врати предметот и да им ја направи услугата“, рече Ивановски.
Засега некои документи ќе мора да се набават во тврда копија, затоа што некои институции немаат компјутерска база на своите податоци, како, на пример, МВР за издавање Извод од матичната книга на родени, а останатите ќе се разменувата по електронска форма./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.