Свет
Исчезнала целата електронска комуникација на Бучковски
Никаде во Владата ја нема електронската комуникација што Владо Бучковски ја
водел како премиер.
ГО НЕМА МЕЈЛ-СЕРВЕРОТ НА
ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА
Сунчица Стојановска
Никаде во Владата ја нема електронската комуникација што Владо Бучковски ја
водел како премиер. Не само што ги нема службените мејлови што Бучковски ги
испраќал и ги добивал како претседател на владата туку се исчезнати и фајлови,
мејл-серверот и хард-дисковите, велат владини извори.
Министерството за внатрешни работи повело постапка за овој случај.
– За историјата на секоја држава е важна комуникацијата што ја води кабинетот
на нејзиниот премиер. За ваква работа треба да се бара не само кривична туку и
политичка одговорност – велат во Владата.
Исчезнувањето на мејл-серверот било забележано веднаш откако Никола Груевски ја
презеде премиерската функција.
– Има две мрежи, едната е на претседателот на Владата, другата на Генералниот
секретаријат. Го нема само домејнот на премиерот. Со втората мрежа се е во ред
– велат владини извори.
Во кабинетот на Груевски веднаш забележале дека го нема серверот. Новата влада
првите неколку недели од мандатот се обидувала да го воспостави системот.
– Сега мрежата на премиерот функционира одлично. Но, нема ништо од
комуникацијата што четири години се водела на ниво на кабинет на претседател на
влада. Тоа е недозволиво за една држава – велат во Владата.
Бучковски е вчудовиден од ваквите тврдења.
– Првпат слушам. Ме изненадува од каде сега вакво нешто, девет месеци по
примопредавањето на кабинетот. Јас бев премиер 18 месеци, а не четири години. И
не се занимавав со техничките работи, тоа го прават други служби – ни изјави
Бучковски.
Пред него на премиерската функција беше Хари Костов.
По електронски пат понекогаш неофицијално и официјално се комуницира и со
претседатели и со премиери на други држави. Има земји во светот што ги снимаат
дури и телефонските разговори на државниот врв и ги преслушуваат по неколку
години, кога за тоа ќе се укаже потреба. Во Владата велат дека тоа не е
практика и во Македонија.
Во Државниот архив се чуваат единствено пишани документи.
Истрагата треба да покаже како е можно целиот сервер во Владата да исчезне,
дали е тоа сторено намерно или станува збор за технички проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Се урна турски воен авион во близина на границата меѓу Азербејџан и Грузија
Турски воен товарен авион се урна денес во близина на границата меѓу Азербејџан и Грузија, соопшти турското Министерство за одбрана, пренесува „АП њуз“.
Министерството објави на социјалните мрежи дека авионот Ц-130 полетал од Азербејџан и се враќал во Турција. Сè уште не е познато колку членови на екипажот биле на авионот. Започната е операција за пребарување и спасување во координација со азербејџанските и грузиските власти, соопшти министерството.
🇬🇪🇦🇿🇹🇷 TUAF543 | Turkish Air Force C-130 (reg. 68-01609) Aircraft tracked departing Ganja earlier today, later signal lost over Georgian territory.
Footage below apparently shows the crash of the same aircraft, currently under verification. pic.twitter.com/1Qjt0FiBtY
— Visioner (@visionergeo) November 11, 2025
Воените товарни авиони Ц-130 се широко користени од турските вооружени сили за транспорт на персонал и логистички операции. Турција и Азербејџан одржуваат тесна воена соработка.
Видео кое наводно го прикажува моментот на несреќата беше емитувано на турската приватна телевизија НТВ и други медиуми. Снимките покажуваат како авионот остава трага од бел чад зад себе.
Фото: принтскрин
Свет
Претседателот на Чешка: Руските нарушувања на воздушниот простор на НАТО мора да бидат запрени со сила
Повторените нарушувања на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО од страна на Русија не треба да се толерираат бесконечно и на нив мора да се одговори со сила, изјави денес чешкиот претседател Петр Павел.
За време на дискусијата со средношколци во регионот Карлови Вари, Павел рече дека верува оти е потребен соодветен одговор на нарушувањето на воздушниот простор на членките на НАТО и дека Русија мора да ја покаже својата сила, објавува „Чешки весник“.
Тој додаде дека ова не значи дека секое нарушување на воздушниот простор ќе биде казнето со соборување на авион, туку дека тоа ќе биде неопходно ако Русија продолжи да се однесува на овој начин.
Павел изјави дека е убеден дека во спротивен случај, Русија нема да се двоуми ниту за момент доколку некоја од земјите-членки на НАТО го наруши нејзиниот воздушен простор.
Тој како пример ги наведе инцидентите што Русија ги предизвика во Турција, кога беше на чело на Воениот комитет на НАТО, кога постојано го нарушуваше турскиот воздушен простор, што престана кога таа земја собори руски авион во ноември 2015 година.
„И дури по десеттото кршење, кое очигледно беше намерно, дека тоа беше провокација и дека Русија тестираше колку далеку може да оди, Турците се налутија и соборија еден од руските авиони. И владееше мир“, рече чешкиот претседател.
Тој додаде дека, и покрај стравувањата во тоа време дека ова ќе ги ескалира односите со НАТО, Русија се откажа од понатамошни обиди за нарушување на турскиот воздушен простор.
„Русите денес нè тестираат на ист начин. Тие тестираат како функционира воздушната одбрана на поединечните земји, како функционира интегрираниот систем за воздушна одбрана на НАТО, колку сме решени да се спротивставиме на тоа за сопствена одбрана. И од руска гледна точка, слабоста не заслужува ништо повеќе од тоа да се избрише“, заклучи Павел.
Фото: принтскрин
Свет
„Политико“: Европа бележи најголем прилив на украински бегалци во последните две години
Бројот на украински државјани на кои им е одобрен политички азил во земјите од Европската Унија достигна највисоко ниво во последните две години откога Украина ги промени правилата за излез за млади мажи, објавува порталот „Политико“.
Според податоците на гореспоменатото издание, земјите од Европската Унија издале 79.205 нови одлуки за привремена заштита на украински државјани во септември, што претставува зголемување од дури 49 проценти во споредба со август. Ова е воедно и најголемото месечно зголемување од август 2023 година.
Најголем прилив на украински баратели на азил е забележан во Полска, Германија и во Чешка.
Според извештајот, зголемувањето на бројот на барања е директно поврзано со новиот закон што стапи во сила во Украина на 28 август, кој им овозможува на млади мажи на возраст од 18 до 22 години да ја преминат државната граница. Оваа промена на правилата предизвика бран заминувања на млади Украинци, кои очигледно решиле да побараат засолниште во земјите од Европската Унија.
Фото: принтскрин

