Свет
„Братиславската врска” последен адут на Чочоровска

Балканската „кралица на кокаинот”, Станислава Чочоровска
– Полетан, од вчера се наоѓа во истражниот затвор во Скопје.
КОКАИНСКАТА КРАЛИЦА ИСПОРАЧАНА
ВО ШУТКА
Балканската „кралица на кокаинот”, Станислава Чочоровска
– Полетан, од вчера се наоѓа во истражниот затвор во Скопје. По четиримесечен
притвор во белградскиот истражен затвор, српските власти вчера ја испорачаа
Чочоровска на граничниот премин „Табановце”. Екстрадицијата беше проследена под
силно полициско обезбедување на МВР, во кое беа вклучени и специјалните
единици.
Одлуката за екстрадиција на Чочоровска беше донесена минатиот петок, кога
српскиот министер за правда го потпиша решението со кое потврди дека се
исполнети сите правни и законски услови за испорачување на нашите власти.
Инаку, за време на притворот Чочоровска, преку својот адвокат Светозар
Павловиќ, ги искористи сите правни механизми за да го блокира и одложи
нејзиното екстрадирање. Таа се обиде да добие српско државјанство, но беше одбиена,
а во минатите четири месеци вложи десетина жалби на безмалку сите судски одлуки
за нејзиниот случај.
Во наредните денови се очекува Чочоровска да биде изведена на распит пред
истражен судија во скопскиот Основен суд 1 каде што треба да ги каже деталите
околу транспортот на половина тон кокаин од Венецуела, кои беа запленети на 7
јануари на граничниот премин „Блаце”. Од Јавното обвинителство информираат дека
почетокот на судскиот процес се очекува да почне до крајот на месецот.
Во меѓувреме, во јавноста се појавија шпекулации за тоа дека Чочоровска може да
добие статус на заштитен сведок бидејќи наводно имала информации за атентатот
врз поранешниот претседател Киро Глигоров во октомври 1995 година. Според
нејзините последни изјави, таа им дала логистичка поддршка на учесниците во
атентатот и станот во кој престојувале атентаторите од каде што бил активиран
експлозивот со помош на далечински апарат бил на нејзино име. Токму поради тоа
„кралицата на кокаинот” се претпоставува дека имала контакти со т.н. „Братиславска
врска”.
Но, полициски извори кои учествувале во истрагата за атентатот на Глигоров
тврдат дека во ниту еден момент на истрагата не дошле до името на Чочоровска
како можен учесник или организатор на атентатот. Сепак тие додаваат дека тоа не
може да биде сигурна потврда дека таа наводно учествувала или не учествувала во
подготовката на атентатот.
Познато е дека станот од кој бил активиран експлозивот бил на трети кат во
зградата број 26, која се наоѓа веднаш до хотелот „Бристол” и наспроти местото
на кое што беше паркиран автомобилот „ами – 8” полн со експлозив. Тој стан бил
изнајмен од бугарски државјанин со муслиманско потекло, наводно бизнисмен, кој
неколку пати во месецот престојувал таму.
За наводите дека Чочоровска била лицето што ја дало логистичката поддршка не
може со сигурност да се потврди.
Останува да се види што ќе каже Чочоровска пред истражните органи и дали
нејзините наводи биле само последниот адут што го чувала за да го избегне
долгогодишниот затвор, кој со сигурност ја очекува.
Чочоровска не е куќен пријател со семејството Глигорови
Кабинетот на поранешниот претседател Киро Глигоров ги демантира наводите во
медиумите дека Станислава Чочоровска била куќен пријател со поранешниот
претседател и неговата сопруга.
– Тоа не е вистина. Тие не се познаваат и не се куќни пријатели – велат од
кабинетот на претседателот.
Во македонската јавност се појави информација дека токму Станислава била блиска
со Киро Глигоров, а нејзината мајка и Нада, сопругата на Глигоров, биле блиски
пријателки што често меѓусебно се посетувале.
Што има на видеокасетата на Станислава?
Станислава Чочоровска е сопруга на Мирко Полетан, поранешен телохранител и
близок соработник на српскиот криминален бос Жељко Ражњатовиќ – Аркан. Во
времето на Слободан Милошевиќ фирмата на Чочоровска го имаше ексклузивното
право да отвори фришопови на граничните премини. Со самото тоа станува
посредник меѓу македонското и српското подземје, кои во тоа време заедно
шверцуваа цигари. Чочоровска во неколку наврати во минатото изјави дека
поседува цеде со снимки на средби на високи македонски политичари и крупни
бизнисмени со синот на Слободан Милошевиќ, Марко, на кои биле договорни
криминални зделки.
Токму затоа таа се поврзува со „Братиславската врска”, која наводно
соработувала со српското подземје во организирањето и изведувањето на
атентатот.
Истрагата за атентатот се сведе на шпекулации и афери
Почетокот на полициската истрага беше обележан со многу пропусти, намерни или
ненамерни. Најголемата грешка на полицијата беше што во првите 24 часа не беа
блокирани излезите од Скопје, така што атентаторите имаа можност да побегнат.
Полициската истрага се насочи во два правци, кои потоа станаа само афери. Прва
беше т.н „Братиславска врска” во која учествувале нарко – дилерот од скопското
село Грчец Аслан Нуиши, Петрит Аме и уште неколку македонски државјани од
албанско потекло, но не и Станислава Чочоровска тврдат полициски извори кои што
ја истражувале оваа можност. Оваа група имала блиски врски со српското подземје
во Чешка, а одлуката за ликвидација на Глигоров паднала поради бизнис-интереси.
Оваа информација беше лансирана од тогашниот висок полициски функционер
Слободан Богоевски, инаку роднина на Чочоровска.
Втора беше трагата дека организатори на атентатот е бугарската корпорација
„Мултигруп”, која имаше сомнително потекло и капитал, кој потекнуваше од
руската и бугарската тајна служба. Оваа трага беше директно посочена од
тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски.
Меѓутоа, ниту една од двете истраги не даде никакви резултати.
Единствено познато од полициската истрага беше дека автомобилот „ами – 8” бил
на име на една жителка на градот, Сузана, која потоа беше приведена и
испрашувана, но никогаш не се потврди нејзината евентуална вмешаност. Тоа
важеше и за скопјанката Марика Стојменова, „русокосата жена” што била во
околината на местото каде што беше извршен атентатот и за која беше изработен
фоторобот. Таа исто така беше приведена и испрашувана, но без конкретен резултат.
Во екот на истрагата се случија и сомнителни самоубиства на две лица за кои се
сметаше дека имаат конкретни информации околу атентаторите. Тоа е самоубиството
на Драган Гавриловски, телохранителот на Глигоров. За неговата смрт беше
утврдено дека тој, наводно во состојба на психичко растројство, сам си го одзел
животот со фрлање под воз на железничката пруга кај Ѓорче Петров, во Скопје.
Но, обдукцијата на неговото тело најде траги на насилство. Истрага никогаш не
беше поведена. Уште помистериозна беше смртта на младата полицајка Тања
Павловска, вработена во шестата управа на МВР. Таа беше најдена мртва со
прострелна рана во градите, но службениот пиштол со кој наводно било пукано
беше најден стотина метри од нејзиното тело. И покрај тоа што нејзините родители
упорно тврдеа дека таа била убиена, МВР остана на ставот дека таа сама си го
одзела животот.
Смиленски може да се извлече
и да се протне низ законите
Бизнисменот-Македонец
со австриско државјанство Методиј Смиленски може лесно да го избегне
соочувањето со македонските судови, со тоа што ќе се протне низ законите,
тврдат доброупатени извори. Според нив, ако Смиленски биде екстрадиран во
Македонија, нему може да му се пресмета времето поминато во екстрадициски
притвор во Србија (околу пет месеци). Според македонскиот Закон за кривична
постапка, пак, обвинетиот може да остане во притвор најмногу една година од
поднесувањето на обвинението.
– Ако сакаат, а многу видни функционери од државава сакаат Смиленски да молчи
за криминалот во државава, многу лесно можат да го протнат низ законите. Треба
само да поминат уште шест месеци, по што тој ќе мора да биде пуштен во
согласност со законот. Ако дотогаш не биде донесена пресудата, тој најверојатно
ќе ја напушти државата и нему ќе треба да му се суди во отсуство. На тој начин,
ќе се избегне можноста Смиленски да проговори за неговата поврзаност со сите
моќници од актуелната и од претходната власт – прогнозираат нашите извори.
Засега обвинение е покренато против Смиленски и против екс-гувернерот на
Народната банка на Македонија Љубе Трпески. Тие се товарат за проневери од
милиони евра од „Експорт-импорт” банката. Трпески е во куќен притвор, а
Смиленски веќе 11 месеци ја издржува мерката притвор во Србија.
Низата сомнителни бизниси и стечаи во сопствените фирми за кои претходно земал
кредити, Смиленски ги правел и во времето на ВМРО-ДПМНЕ и во времето на СДСМ.
Српското Министерство за внатрешни работи одби да му даде српско државјанство
на контроверзниот бизнисмен. Се чека потписот на српскиот министер за правда
пред тој да биде екстрадиран во Македонија.
М.Ј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.
Регион
Мајка им давала на децата желе бомбони направени од канабис: уапсена 29-годишна жена во Грција

Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.
По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.
Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.
Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.
Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.
Свет
ЕУ лансира нова платформа за вработување работници надвор од Унијата

Базата на таленти на Европската Унија (ЕУ), платформа за вработување што ги здружува работодавачите со седиште во ЕУ и граѓаните на земјите што не се членки, влезе во понатамошни преговори со европските законодавци, објави денес истражувачкиот центар во Брисел „Институт Егмонт“.
Платформата, која колоквијално се нарекува Тиндер за баратели на работа, алудирајќи на популарната апликација за запознавање и поврзување на луѓе, се преплетува со неколку други иницијативи на ЕУ, што ја зголемуваат конкурентноста на земјата преку пазарот на трудот, според написите на медиумите во регионот.
Базата на таленти беше претставена како дел од Пакетот за мобилност на вештини и таленти и треба да им помогне на работодавачите да ги пополнат празните работни места, како и да го решат недостатокот на работни места во секторот, и да им помогне на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да најдат работа на стандардизиран и предвидлив начин во земјите-членки на Унијата.
Работодавачите во ЕУ, тврдат дека имаат тешкотии во наоѓањето кандидати, особено во малите и средните претпријатија, а околу 74 проценти од нив изјавиле дека во моментов се соочуваат со недостаток на квалификувани работници на барем една позиција во нивната компанија.
Земји како Белгија, Италија и Холандија имаат проблем со вработувањето долго време, а тој се дуплираше во последните пет години.