Свет
Г8 единствени за Иран, но не и за Сирија
Американскиот претседател Барак Обама во саботата изјави дека Г8 се единствени во оцената за контроверзната иранска нуклеарна програма на почетокот од работата на вториот ден од самитот во Кепм Дејвид, но не постигнале единство во поглед на Сирија.
„Единствени сме во пристапот во однос на Иран. Мислам дека сите сме согласни дека Иран има право на мирнодопска нуклеарна програма, но неговите постојани кршења на меѓународните правила и неговата неспособност досега да докаже дека не сака да се милитализира, се сериозна причина за загриженсот кај сите нас“, истакна американскиот претседател Барак Обама во селската резиденција на американските претседатели Кемп Дејвид, стотина километри од главниот град Вашингтон, во сојузната држава Мериленд.
Неколку дена пред продолжувањето на преговорите на „шеската“, САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија со Иран во ирачката престолнина Багдад, Обама вели дека тој и неговите партнери од Г8 се оптимисти во поглед на исходот од преговорите, пренесува Reuters.
„Сите сме решителни да се продолжи пристапот со санкции и притисоци, истовремено со дипломатските преговори. Се надеваме дека тој проблем ќе биде решен на мирен начин кој го почитува суверенитетот на Иран и неговите права во меѓународната заедница, но бара и одговорност“, изјави претседателот на САД.
Притоа Обама рекол дека лидерите од Г8 сакаат политичкиот процес што побргу да почне во Сирија, каде на сцена се крвавите судири меѓу режимот на претседателот Башар ал-Асад и вооружената опозиција којашто бара заминување од власта на неговата партија Баат и неговата династија којашто доминираат со земјата речиси четири децении.
„Сите сметаме дека мирното решение и политичката транзиција се добри за Сирија, сите сме многу загрижени поради насилството што таму се случува, за загубените животи“, рекол Обама.
Американскиот претседател, исто така, рекол дека тој и неговите партнери го поддржуваат планот на специјалниот пратеник за Сирија на Обединетите нации и Арапскат алига, Кофи Анан, со кој треба да се заврши насилството во земјата.
„Се согласуваме и очекуваме тоа да биде внесено во завршната изјава, дека планот на Анан мора да се спроведе во целост и дека што побрзо мора да почне политичкиот процес поради решавање на проблемот“, додал Обама.
Меѓутоа, висок функционер од руската делегација коајшто го следи премиерот Дмитриј Медведев на самитот Г8 рекол дека не е постигната согласност околу Сирија во завршната изјава која во саботата подоцна треба да биде објавена во Кемп Дејвид.
Ставот на Русија не е променет, изјавил советникот во Кремљ, Михаил Маргелов, оценувајќи дека „режимите не може да се менуваат со сила“. Русија досега во Советот за безбедност на ОН двапати со поддршка на Кина блокираа резолуции со осуда за режимот на претседателот Асад.
Маргелов истакна дека „Сиријците мораат да можат сами да ги решаваат своите проблеми“, прашувајќи се притоа „кој ќе ја земе власта ако си замине сегашниот режим“.
„За решавање на сириската криза не смееме да употребиме секира, туку мораме да земеме пинцета“, рекол Маргелов.
Истовремено тројца челници на ОН, меѓу кои и заменикот на меѓународниот специјален пратеник Кофи Анан, престојуваа во сириската престолнина Дамаск каде што разговараа за текот на набљудувачката мисија распоредена во земјата, во моментот кога во градот Диер Езор беше извршен самоубиствен напад со автомобил-бомба во кој загинаа девет луѓе а повеќе од стотина се ранети./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс ја поддржува истрагата за врските на неговиот брат Ендру со Џефри Епстин
Бакингемската палата денеска соопшти дека кралот Чарлс Трети ќе ѝ даде поддршка на британската полиција која ги испитува наводите дека поранешниот принц Ендру му проследувал доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Соопштението следува откако полицијата потврди дека ги разгледува тврдењата според кои Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година му испраќал на Епстин извештаи поврзани со трговија.
Полицијата од областа Темз Вели, која е надлежна за регионите западно од Лондон, вклучително и Виндзор каде што се наоѓала поранешната резиденција на членот на кралското семејство, покренала истрага по медиумските објави за мејлови што укажуваат дека тогашниот принц му испраќал на Епстин извештаи од својата турнеја во Југоисточна Азија во 2010 година, кога бил британски пратеник за меѓународна трговија.
Кабинетот на принцот Вилијам соопшти дека тој е „длабоко загрижен“ поради откритијата што произлегуваат од американската истрага поврзана со починатиот сексуален престапник.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

