Македонија
Отворен првиот Аквапарк во Македонија
На широкиот природен простор во подножјето на Осоговските планини, на површина од 18 илјади квадратни метри во Пробиштип денеска се отвори првиот Аква парк во Македонија.
На широкиот природен простор во подножјето на Осоговските планини, на површина од 18 илјади квадратни метри во Пробиштип денеска се отвори првиот Аква парк во Македонија.„Широкиот спектар на атракции на вода надополнет со терен за одбојка, забавни содржини за најмладите, ресторани и барови за сечиј вкус, продавница за сувенири и се останато го сочинуваат првиот комплетен модерен тематски Аква парк во нашата земја“, се вели на Фејсбук страницата на новиот Аква парк. ВИП картите за денешниот прв ден чинат 600 денари, а од утре па до крајот на сезоната, билетите за возрасни ќе чинат 400 денари, за деца до 14 години – 300 денари а за деца до две години влезот ќе биде ќе бесплатен.Во водениот парк ќе бидат вработени околу 50 лица. Аква паркот е лоциран кај стариот базен во Пробиштип.Паркот ќе биде отворен секој ден од 10 до 19 часот, се вели на интернет страницата на Аква парк-Македонија./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За новогодишно украсување, општините дале 785 илјади евра – најмногу пари потрошила Општина Штип
За новогодишно украсување, општините потрошиле 785 илјади евра, а 78 отсто од вредноста е концентрирана кај една фирма.
Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците на единиците на локална самоуправа за новогодишно украсување.
„Истражувањето покажува дека: тендери за новогодишно украсување имале 36 општини; најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра; Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма; Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари; На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма; Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава; 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година“, се наведува во соопштението.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.
Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.
Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.
Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.
Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.
На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).
Во истражувањето е истакнато дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.
„Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори“, се наведува во соопштението.
Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.
Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.
Центарот за граѓански комуникации наведува дека тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината што сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.
„Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок. Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се наведува во соопштението.
Македонија
Општина Гази баба ќе доделува по 8.000 денари за секое новороденче
Од 1 јануари секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6.000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8.000 денари“, објави Стефковски.
Тој додава дека со ваквите мерки директно се придонесува за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот.
Македонија
Ревносно се кријат постапки за бетонизации, на советниците не им се овозможува законски гарантираниот пристап до е-урбанизам, велат од Левица
Во повеќе општини во државата, советниците на Левица систематски се оневозможуваат да имаат пристап до системот е-урбанизам – клучната платформа преку која се водат постапките за изработка, изменување и носење на урбанистички планови, велат од Левица.
Ова, според нив, е свесна и организирана практика со, како што наведуваат, јасна политичка и материјална позадина, да се елиминира контролата и да се сокрие урбанистичкото планирање од оние кои имаат законски мандат да го надгледуваат и одлучуваат.
„Со ваквото постапување, општинските раководства директно ја узурпираат улогата на Советот и ја суспендираат неговата надзорна функција. Урбанизмот како висококоруптивна и најпрофитабилната сфера на локалната власт, се турка во нетранспарентни канали, далеку од очите на советниците, а уште повеќе од очите на граѓаните. Кога на избрани претставници им се ускратува увид во плановите, тоа значи дека се крие каде, што и во чиј интерес ќе се бетонизира, што ќе се пренамени, и кои јавни површини ќе станат приватни парцели.
Ова претставува класичен пример на институционализирана тајност во служба на инвеститорскиот урбанизам. Наместо отворен процес, јавни расправи и аргументирано планирање, се креира паралелен систем во кој одлуките се носат зад затворени врати, а Советот се сведува на гласачка машина без информации. Тоа е директен удар врз демократскиот поредок на локално ниво и грубо кршење на принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста“.
За Левица, ваквото, како што додаваат, оневозможување на пристап е директно кршење на законските одредби.
„Пристапот до е-урбанизам за органите на донесувачот и учесниците во постапката не е привилегија, туку законски утврдено право и обврска, токму за да се обезбеди контрола, транспарентност и целосна информираност при носењето на одлуки што трајно го менуваат просторот. Со блокирање на тој пристап, се оневозможува вршењето на советничката функција, се суспендира демократската процедура и се газат начелата на урбанистичкото планирање“.
Левица го повикува Министерството за локална самоуправа и министерот Златко Перински конечно, како што велат, да престанат да бидат неми набљудувачи и институционален декор.
„Ова министерство, кое по дефиниција треба да биде гарант на законитоста и функционирањето на локалната самоуправа, во пракса е целосно невидливо кога се газат правата на советниците и кога се дерогира демократската контрола“.
Бараат итна реакција, вонреден инспекциски надзор и санкционирање на сите општински раководства што свесно ја блокираат транспарентноста“.
Секое понатамошно молчење од страна на министерот Перински ќе значи отворено соучесништво во прикривање на урбанистички криминал, во заштита на градежни интереси и во разорување на законскиот поредок на локално ниво. Министерството или ќе почне да ја врши својата функција, или јасно ќе покаже дека служи како параван за бетонизацијата, а не како чувар на јавниот интерес“.

