Свет
Со парите за изборите почнува новиот циклус на корупција
Со мониторинг на секојдневните партиски активности, почнувајќи од митинзите, трибините и средбите со граѓаните, преку залепените плакати или откупените билборди, до платеното политичко рекламирање, „Транспарентност Македонија“ на овие избори се обидува да направи споредбена анализа: колку пари потрошиле партиите реално, а колку прикажале во нивните завршни финансиски извештаи.
ИНТЕРВЈУ: ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА „ТРАНСПАРЕНТНОСТ МАКЕДОНИЈА“
Со мониторинг на секојдневните партиски активности, почнувајќи од митинзите, трибините и средбите со граѓаните, преку залепените плакати или откупените билборди, до платеното политичко рекламирање, „Транспарентност Македонија“ на овие избори се обидува да направи споредбена анализа: колку пари потрошиле партиите реално, а колку прикажале во нивните завршни финансиски извештаи. Претседателката на „Транспарентност Македонија“, Габриела Коневска, вели дека имаат воспоставено соработка со девет регионални канцеларии, и тоа во Тетово, Кавадарци, Штип, Делчево, Охрид, Ресен, Кичево, Битола и во Охрид, а од проектот „Набљудување на изборните трошоци на политичките партии“ очекуваат со аргументи да ја претстават реалната слика за изборните пари, која со години партиите ја чуваат како најголема тајна.
Ќе ги натерате ли на тој начин партиите повеќе да не ги фризираат извештаите, како што правеа досега?
– Ова е првпат на ваков начин да се следи изборната кампања. Веруваме дека проектот, кој е финансиран од ОБСЕ, ќе ги даде посакуваните резултати. Претпоставувам дека тие можат добро да ги исфризираат извештаите, но првпат ќе се направи индиректна компаративна анализа со податоците од теренот. Колку сето тоа понатаму ќе биде процесуирано, ако има одредени сознанија за злоупотреби, останува на државните органи и на функционирањето на системот.
Колку законите овозможуваат целосна контрола, бидејќи се можни дузина ситуации во кои, на пример, печатење плакати, маички, пенкала и други партиски активности воопшто не се прикажуваат. Имаат ли надлежните служби доволно инструменти да и застанат на патот на таквата практика?
– Точно е дека во законската регулатива има многу недоследности и празнини. Веќе се покажа дека празнината што не е регулирана за периодот непосредно пред почнувањето на изборната кампања е сериозна закана за регуларностите и, воопшто, за потенцијалната корупција. Во многу земји периодот од 3 до 6 месеци непосредно пред кампањата е ставен на посебен мониторинг. Во овој контекст не говорам само за предвременото почнување на кампањите, туку за начинот на располагањето и на стопанисувањето со државниот имот, вработувањата непосредно пред изборите, јавните набавки, продажбата на државно земјиште, акциите, партиските ветувања и сл. Ова е толку прозрачно и веќе видено на нашата сцена, а оди само во прилог на дискредитација на власта, недовербата во системот и понижувањето на принципиелно оформената граѓанска свест. Оваа егзибиција им беше омилен спорт и на претходните влади во РМ.
Една од целите на проектот е токму тоа – да се увидат недостатоците, правните празнини, и низ јавна дебата да се предложат измени на релевантната легислатива.
Оваа практика на скриени изборни финансии стана традиција, зашто ниедна партија јавно не се заложи да се прекине таа практика, иако тие се истите што ги носат законите.
– Искуствата зборуваат дека има едно прашање за кое партиите секогаш имаат консензус, а тоа е контролата на нивното работење и финансирање. Никој не сака да ги открие своите финансиери, што практично претставува зародиш на една корупција или продолжување на претходната, но со некакви модалитети. На тој начин во Македонија јавноста и граѓаните се поставени во потценета ситуација, како ментално да не сфаќаат што се случува.
Според досегашните согледувања од работата на проектот, дали можете да кажете што е карактеристично за оваа изборна кампања, од аспект на корупцијата?
– Навидум, кампањата изгледа иста како и претходните, со мали исклучоци, партиите наместо да ги презентираат своите програми, разменуваат меѓусебни навреди и говорат за ситуации од минатото, без многу да се фокусираат на перспективите. Очигледно, мислат дека е доволно да се отпечатат програми, да се презентираат и да се поделат за да се задоволи електоратот. Новите особености на оваа кампања се развиените форми на понирачка корупција, која е изразена преку елементите на бруталност, силна катарза и емоции во разменувањето навреди. За првиот аспект не сум експерт, а и по природа не сум идолопоклоник, така што не можам да коментирам. Но, за вториот аспект е евидентно дека е во директна спрега со корупцијата. Тоа значи – мотиви за да се остане на власт за да се задржат привилегиите, слободата и можностите за дезавуирање на валканите пари, односно да се бори да се дојде на власт за да се почне нов циклус на таа активност. Интелектуалната корупција е следна особеност, пример за неа може да бидат вработувањата непосредно пред кампањата, зголемување на студентските квоти на државните универзитети, изборот, односно именувањата медијатори од страна на Министерството за правда и сл. Тешко е да се верува дека ова е само дел од тековните и поставените програмски активности на власта или претставува лост на нов циклус на политичко заложништво.
Кои би биле последиците од тоа?
– Делегитимирање на институциите, недоверба во системот, дерогирање на државните интереси и ставање на пиедестал на партиските интереси. Ова е сериозна закана за процесот на европеизација и формирање на постулатите на правна држава, кој се базира на принципот на владеење на правото. За пример земете ја екстрадицијата на Смиленски. Според речникот на нашите политичари, излегува како поважно да е тој да дојде во РМ пред изборниот молк, отколку да биде процесуиран и третиран по словото на законот. Интересот за докажување на делото за кое се товари е од значење не само на одредени партии туку е од интерес на сите граѓани, на целата држава. Потоа, случајот со становите на Груевски, кој беше третиран од антикорупциската комисија и имаше свој епилог. Оваа одлука на легитимен орган не важи за политичките кулоари, туку се користи за понатамошно препукување. Што е ова ако не дерогирање на институциите на системот. Заканите што доаѓаат од двете страни, испратени од политички говорници целосно ја рекетираат правдата и ја ставаат во функција на дневната политика. Борбата против корупцијата мора да биде системска и институционална. Поранешен премиер даде оставка поради корупција, а ние не мрднавме со прстот, милиони обвинувања се разменија меѓу политичарите и во мандатот на оваа и во мандатот на претходната влада, а нема судски разврски. Ако вака планираме да одиме во ЕУ, јалов ни е планот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британец намамувал девојчиња преку „Снапчат“ и ги силувал: осуден е на 28 години затвор
Висок раководител на британскиот здравствен систем, опишан од судија како „лукав, интригантен и манипулативен“, е осуден на 28 години затвор за силување и сексуално напаѓање девојчиња што ги регрутирал преку „Снапчат“.
Пол Липскомб, 51, користел лажни профили за да ги намами жртвите, па дури и продавал видеа од злоупотреба на деца генерирани од вештачка интелигенција на веб-страница, објавува „Скај њуз“.
Мрежата на криминал почнала да се расплетува откако 15-годишно девојче, кое било пријавено како исчезнато, ѝ кажало на полицијата дека е силувано.
Обвинителката Фрида Хусеин КЦ изјави пред Крунскиот суд во Лестер дека Липскомб бил уапсен во април 2024 година под сомнение за киднапирање откако полицијата го запрела неговиот автомобил. Девојчето исчезнало од својот дом доцна во ноќта, а Липскомб ја зел и ја однел во хотел.
Полицијата подоцна го пронашла детето на изнајмена адреса, а при претресот на хотелот, автомобилот и неговиот дом биле откриени докази за сексуална злоупотреба, вклучувајќи меки играчки, средства за врзување, вотка и неколку мобилни телефони. „Тој обвинил други луѓе за сериозни кривични дела само за да ги прикрие сопствените злосторства“, нагласи обвинителот.
„Тој беше интелигентен, досетлив и добро организиран“
При изрекувањето на пресудата, судијата Кит Рејнор му се обрати на Липскомб, велејќи дека е „интелигентен, самоуверен, досетлив и добро организиран“ и дека неговите жртви се „вистински ранливи“.
„Доказите покажуваат дека сте биле лукави, интригантни и манипулативни. Бевте дрски во вашето криминално однесување и преземавте многу високи ризици. Сексуалната злоупотреба на млади девојки беше опсесија во вашиот живот“, рече судијата.

Тој се изјасни за виновен
Пол Липскомб се изјасни за виновен за 34 кривични дела против шест девојчиња на возраст од 12 до 15 години, извршени помеѓу септември 2023 и април 2024 година. Обвиненијата вклучуваат силување на дете под 13 години, 21 обвинение за сексуална активност со дете и правење и дистрибуција на непристојни фотографии од деца.
Тој беше осуден на 28 години и еден месец затвор. По неговото ослободување, тој ќе биде под надзор три години и ќе биде ставен во регистарот на сексуални престапници доживотно.
Полицијата се сомнева во нови жртви
Сепак, истрагата продолжува. Детективката Лорен Спејт од Единицата за истрага на злоупотреба на деца (CAIU) повика на претпазливост. „Нашата истрага за кривичните дела извршени од овој човек продолжува“, рече таа.
„Се сомневаме дека можеби бил во контакт со други девојки и можеби извршил сексуални престапи против други. Ги повикуваме сите што биле во контакт со него да не контактираат“, додаде Спејт.
Оженетиот Липскомб работел како специјалист за перформанси и ИТ во фондот на Универзитетските болници Ковентри и Ворикшир.
Болницата соопшти дека бил суспендиран веднаш по апсењето и отпуштен во јуни 2024 година.
фото: принтскрин
Свет
(Видео) Тајфунот Фунг-вонг донесе поплави во Тајван, илјадници евакуирани
Тајван евакуираше повеќе од 8.300 луѓе пред доаѓањето на многу ослабениот тајфун Фунг-вонг, кој донесе обилни дождови на планинскиот источен брег и предизвика поплави до висина на рамената на некои места.
Бизнисите и училиштата беа затворени во поголемиот дел од јужните области на островот, а 51 лице беше повредено.
Телевизиските снимки покажаа силни поплави во делови од претежно руралниот источен округ Јилан, при што водата достигна голема висина, додека војниците спроведуваа спасувачки операции за спасување на заробените жители.
„Водата навлегуваше толку брзо. Дождот паѓаше толку силно и брзо што дренажниот систем не можеше да го поднесе“, рече рибарот Хунг Чун-ји, кој ја помина ноќта чистејќи ја калта од својата куќа во источниот пристанишен град Суао откако беше поплавен со 60 сантиметри длабока вода.
Severe flooding sparked by tropical storm hits Yilan
Torrential rain from Tropical #Storm #FungWong’s outer bands and strong northeasterly winds inundated Suao Township on Tuesday night, with waters rising above one story and rescuers deploying amphibious vehicles and dinghies. pic.twitter.com/fX6EMNxhVw— Focus Taiwan (CNA English News) (@Focus_Taiwan) November 12, 2025
Противпожарната служба соопшти дека околу 8.300 луѓе се евакуирани од своите домови во побезбедни подрачја, главно во Јилан и блискиот Хуалиен, каде што монсунските ветрови од север во комбинација со невообичаено доцниот тајфун за ова време од годината го зголемија дождот.
Градот Донгшан во Јилан доби 794 милиметри дожд во вторник.
Се предвидува дека Фунг-вонг ќе го погоди најјужниот врв на Тајван подоцна во среда пред да се упати кон Тихиот Океан. Тајфунот значително ослабе откако помина низ Филипините, каде што уби 27 лица. Во септември, тајфунот предизвика поплави во Хуалиен, убивајќи 18 лица.
Ованеделниот тајфун нема директно да влијае на северниот град Хсинчу, дом на TSMC, водечкиот светски производител на чипови.
фото: принтскрин
Свет
Лавров до Трамп: Наместо во Венецуела, треба да се реагира во Белгија, таму е поопасно
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва не спровела нуклеарни тестови, отфрлајќи ги тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп за наводните руски и кинески практики на тестирање.
„Она што го кажа американскиот претседател Доналд Трамп за наводното продолжување на тестовите во Русија и Кина не ја одразува реалноста ако зборуваме за тестирање на нуклеарно оружје“, рече Лавров на прес-конференција во Москва.
Тој додаде дека Русија побарала појаснување од Вашингтон бидејќи, според него, изјавата на Трамп „покажува погрешно разбирање на природата на тестовите“.
„Нашите тестови не ги кршат меѓународните договори“
Лавров нагласи дека неодамнешните руски тестови на ракетата Буревестник и подводниот дрон Посејдон не го кршат Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT).
„Овие системи користат нуклеарен погон, но не предизвикуваат нуклеарни детонации“, рече тој, додавајќи дека субкритичните експерименти и тестови на системи за испорака се дозволени бидејќи не вклучуваат верижни реакции.
Одговор на тврдењата на САД и медиумите
Лавров, исто така, коментираше за медиумските извештаи за наводен спор со американскиот државен секретар Марко Рубио, нарекувајќи ги „целосно неточни и измислени“.
Тој изрази загриженост во врска со изјавите на Роберт Кадлек, кандидат за заменик-министер за одбрана на САД, кој, според Лавров, „предложил можно распоредување на нуклеарно оружје за решавање на регионалните конфликти“.
Зборувајќи за Украина, Лавров ја отфрли проценката на поранешниот американски претставник Курт Волкер дека Русија отфрла каков било мировен договор.
„Не знам на што ги темели таквите тврдења, бидејќи нашата страна е јасно фокусирана на мирно решение“, рече тој.
Остри пораки до Германија и САД
Лавров го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој, како што рече, „сака да ја врати Германија како доминантна воена сила во Европа“.
„Германија некогаш беше воена сила што ја освои половина Европа и го нападна Советскиот Сојуз. Кога вакви нацистички рецидиви се појавуваат во земјата од која потекнува нацизмот, тоа е алармантно“, рече Лавров.
Осврнувајќи се на американските операции во Јужна Америка, Лавров го обвини Вашингтон дека дејствува еднострано.
„Мерките што ги преземаат САД, наводно против трговијата со дрога, вклучуваат неселективно уништување и заобиколување на меѓународните норми“, рече тој, саркастично додавајќи:
„Ако ќе го бараат изворот на проблемот, нека почнат поблиску до дома – во Белгија, а не во Нигерија или Венецуела“.
Руско-венецуелски односи и Кина
Лавров потврди дека договорот за стратешка соработка меѓу Русија и Венецуела предвидува воена соработка, но рече дека пактот во моментов е неактивен поради административни причини во Русија.
Одговарајќи на прашање за договорот за добрососедство со Кина, кој истекува во 2026 година, Лавров рече дека „Русија и Кина ќе обезбедат негов континуитет и понатамошно зајакнување на партнерството“.
фото: принтскрин

